Британските трудници одат на ехо само ако за тоа постои медицинска индикација
Додека кај нас последнава деценија се измислија еден куп испитувања и ултразвучни прегледи за трудници, во Британија прегледите се релативно ретки, ултразвук не може да се направи без медицинска индикација, а здравите трудници немаат ниту свој гинеколог.
Хрватскиот професор Жарко Алфиревиќ веќе 25 години работи во Велика Британија како гинеколог и тврди дека ја открил најголемата разлика во здравствените системи на двете земји.
Во 1984 година дипломирал на Медицинскиот факултет во Загреб, а во 1989 година со стипендија на Британскиот совет заминал на обука во Ливерпул, каде што останал до денес.
Раководител е на Клиниката за гинекологија и педијатрија на Медицинскиот факултет во Ливерпул, а клиничката работа ја извршува во породилиштето во Ливерпул, едно од најголемите во Европа. Неодамна беше избран за претседател на Академскиот одбор на Кралското здружение на гинеколози на Велика Британија.
„Многумина ќе бидат изненадени од мојата споредба на британскиот и хрватскиот здравствен систем кога станува збор за грижата за трудниците. Мислам дека најголемата разлика доаѓа од односот меѓу лекарите и акушерките. Имено, во британскиот систем нема гинеколози по општа пракса и приватни гинеколози кои се грижат за здрави трудници. Сето ова го прават акушерки кои вршат антенатална заштита, ги водат породувањата, шијат епизиотомии и обезбедуваат постпородилна нега, вклучително и грижа за доење. Не само во болница туку и дома. Во болницата во која работам, со повеќе од 8.300 раѓања годишно, работат околу 300 акушерки кои се составен дел од нашиот тим. Ова им овозможува на повеќето трудници да имаат континуирана нега, а во болница доаѓаат само во случај на тешки компликации. Повеќето здрави трудници поминуваат помалку од еден ден во болница по породувањето и воопшто и не гледаат гинеколог. Тоа ни овозможува нам лекарите да се занимаваме само со вистинска патологија и да бидеме експерти во својата област, бидејќи не се оптоваруваме со грижата за здрави жени“, пишува професорот Алфиревиќ за „Јутарњи“.
Според него, акушерките ја третираат бременоста како нормален физиолошки процес, додека лекарите во се гледаат потенцијална опасност, па понекогаш доаѓа до професионални конфликти.
Додека тој се грижи само за жени со тешки компликации, здравите трудници се пораѓаат на другиот крај од болницата, секоја во посебна просторија со бања, со партнерот и нивната бабица. Лекарот се повикува само кога се појавуваат компликации. Основниот принцип е дека жената, бебето и партнерот се центар на се, а персоналот е тука само да помогне доколку е потребно и што помалку да смета.
„Сигурен сум дека многу трудници од Хрватска не би уживале во британскиот здравствен систем. Прегледите се релативно ретки, ултразвук не може да се направи без медицинска индикација, а здравите трудници немаат свој гинеколог. Нема закажување преку врски. Во капиталистичка Велика Британија, каде што владее профитот, во медицината важи старото социјалистичко правило – за секого според потребите, а не според неговата способност за плаќање. И не се сеќавам кога последен пат сум прегледал или сум породил здрава трудница“, објаснува професорот.
Гинеколошката заштита ја водат лекари по општа пракса, се прават минимален број прегледи. Од 1948 година здравствената нега е потполно бесплатна и една од најефикасните во светот, истакнува професорот.