Не треба да се крева паника заради висока температура, ама не треба ни да се игнорираат овие знаци
Понекогаш треската може да биде добра работа: тоа често е знак дека вашето тело се бори со инфекција или болест. Но, како да знаете дека е опасна? Дознајте кога е време да се посети лекар
Покачената температура обично се јавува како одговор на телото на инфекција, кога имунолошкиот систем се бори против бактерии или вируси. Еве некои од најчестите причини за треска:
Настинка и грип, воспаление на ушите, синусна инфекција, бронхитис, пневмонија, кожни инфекции, воспаление на мочниот меур и уринарниот тракт, воспаление на слепо црево, згрутчување на крвта, ревматски артритис, лупус, воспалителни состојби во цревата, рак, особено лимфом и леукемија.
Кај доенчињата, причина за покачена температура може да биде и никнувањето на запчињата и вакцинацијата.
Кога да побарате лекарска помош?
Консултирајте се со лекар во случаи кога вие или вашето дете ќе се најдете во една од овие ситуации:
Вашето дете е доенче не постаро од 3 месеци, а температурата измерена ректално надминува 38 степени.
Вашето дете има помеѓу 3 и 12 месеци, а температурата измерена орално надминува 39 степени.
Вашето дете има две години или помладо, а покачената температура трае континуирано помеѓу 24 и 48 часа.
Вие сте возрасен човек со температура повисока од 40,5 степени или имате температура повисока од 39 степени која продолжува да расте, односно трае подолго од 48 часа.
Исто така, побарајте лекарска помош ако високата температура е придружена со осип или оток, отежнато дишење или чувствувате болка при мокрење. Слично треба да постапите ако неодамна сте примиле вакцина, сте посетиле странска земја или страдате од сериозна хронична болест. Контактирајте со педијатар ако вашето дете изгледа расеано, има вкочанет врат или плаче неутешно и покрај вашите обиди да го смирите.
Како да ја намалите температурата?
За повеќето возрасни и деца со температура помеѓу 38 и 39 степени, одморот е најдобро решение. Можете сами да ја нормализирате температурата на еден од овие начини.
Ослободете се од дебелите слоеви облека и топлите ќебиња, а просторијата во која престојувате нека биде проветрена и малку оладена, но не премногу студена.
Направете млака бања и опуштете се неколку минути во неа
Земете парацетамол во препорачани дози (или други лекови за намалување на треската што ви ги препишал вашиот лекар)
Пијте многу течности
Избегнувајте ладни и алкохолни облоги – тие можат да предизвикаат грозница и дополнително зголемување на телесната температура.