Заедничкото родителство после развод е знак на зрелост

Еден од најзначајните фактори за развојот на детето после разводот е начинот на кој ќе продолжи комуникацијата и сорабoтката помеѓу родителите.

319

Можеби еден од најголемите предизвици во светот на возрасните и зрелото живеење е да научиме како да се разделиме и како да продолжиме со ефективната комуникација во функција на грижа и воспитување на детето. Тимската работа, поддршка и соработка сепак би требало да продолжи и после разводот, бидејќи на детето му е потребно и двајцата родители да бидат во добро физичко и психичко здравје, за да му се посветат најдобро што знаат и умеат во новонастанатите околности.

Начинот на разделба може да биде исполнет со конфликти, повреди и навреди и иако понекогаш изгледа невозможно, доколку пред нас стои една единствена цел, а тоа е добросостојбата на детето, останува на двете страни најпрво да ја прифатат реалноста и да го побараат мирот прво во себе, а потоа и во комуникацијата со другиот родител. Иако родителите веќе не живеат во ист дом, сепак комуникацијата помеѓу сите членови продолжува и на детето му е потребно да продолжи со контактот кој ќе биде стабилен, исполнет со љубов и топлина и ќе продолжи со ново темпо и динамика.

Добро е да се усогласат распоредите на родителите и да се развие рутина на гледање, која ќе биде стабилна, без ненадејни промени, која на детето ќе му даде доживување на сигурност. Споделувањето на она што се случува во врска со детето е приоритет и таа грижа останува нешто што ќе биде заедничко и ќе биде основа за соработка и поддршка.

Во овој процес честопати се присутни чувство на бес, лутина, анксиозност, родителите се  преплавени од актуелните доживувања и се случува децата да бидат заборавени или да се придобијат на едната страна или да се навредува другиот родител пред детето.  Обидете се да ги тргнете настрана вашите разлики и причините поради кои веќе не сте заедно, обидете се да поставите нови правила, нови рутини и разговарајте за методите со кои ќе пристапите во стилот на воспитување.  Разлики  и на ова поле може да постојат, но сепак започнете да градите доверба која ќе ги олесни сите потешкотии во овој процес на разделба и имајте ја пред себе заедничката цел – „доброто на детето“,  во која придонесот на двајцата родитела треба да е еднаков. И двајцата родители се уште се во истиот тим и грижата за себе и за другиот родител, воедно е и грижа за детето. Повеќе не постои  партнерска релација, но возрасните остануваат да делуваат заеднички во родителската улога.

Значајно е и двајцата родители да се стремат кон развој на следните аспекти, кои ќе дадат база на соработка и коректна комуникација:
Да договорат рутина на гледање и јасни правила;

Да се информираат меѓусебно за сите прашања на родителствувањето, како и за однесувањето на детето;

Доколку се појават проблеми или несогласувања договорете средба и разговарајте, избегнувајте ги расправиите пред детето;

Обидете се да ја негувате довербата, се уште сте во истиот тим, се уште сте му потребни и двајцата на детето;

Одржувајте разумност и приземност секогаш кога е возможно, помогнете доколку е возможно, не одмагајте, развивајте однос на пријателство.

Пишува: Ирена Жунгулова, психолог и психотерапевт, супервизор на линијата за родители

Повеќе