Младите ќе оглуват поради прегласната музика од слушалките

430 милиони луѓе страдаат од губење на слухот, а до 2050 година оваа бројка ќе биде 63% поголема, односно, ќе се искачи на 700 милиони. Младите се изложени на ризик губење на слухот во подоцнежните години поради слушање прегласна музика преку слушалки или поради присуство на места или концерти со прегласна музика

86

Околу една милијарда млади луѓе во светот се изложени на ризик од губење на слухот во подоцнежните години поради слушање прегласна музика преку слушалки или поради присуство на места или концерти со прегласна музика, покажуваат податоците собрани од Светската здравствена организација врз основа на неколку студии.

СЗО ги повика младите да посветат поголемо внимание на нивните навики за слушање, а владите и производителите да направат повеќе за да го заштитат здравиот слух на поединците.

24% од младите се изложени на прегласна музика од слушалки


Анализата објавена во списанието BMJ Global Health ги разгледа податоците од 33 научни студии објавени на англиски, шпански, француски и руски во последните две децении. Истражувањето опфатило повеќе од 19.000 учесници на возраст од 12-34 години.

Откриено е дека 24% од младите се изложени на прегласна музика од слушалки на уреди како паметни телефони. Исто така, беше откриено дека 48% од нив биле изложени на нездраво ниво на бучава на места како ноќни клубови или концерти.

Комбинирајќи ги достапните податоци, се проценува дека меѓу 670.000 и 1,35 милијарди млади луѓе би можеле да бидат изложени на ризик од губење на слухот во подоцнежниот живот.
Опсегот е толку широк делумно затоа што некои млади луѓе се изложени на ризик заради двата фактори, вели Лорен Дилард, аудиолог од Медицинскиот универзитет во Јужна Каролина, која ја водела студијата.

Дилард изјавила за АФП дека најдобриот начин да се намали ризикот од губење на слухот поради гласната музика од слушалките е да се намали јачината на звукот и да се намали времето поминато во слушање музика. Но, признава дека, за жал, луѓето навистина сакаат да слушаат многу гласна музика.


Последиците ќе бидат видливи во староста

Дилард советува корисниците на слушалки да користат поставки или апликации на нивните паметни телефони кои им овозможуваат да го следат нивото на звукот.

Во гласни опкружувања, специјалните слушалки би можеле да помогнат да се избегне засилување на музиката.

Советува и носење тампони за уши на бучни места, односно настани како што се концерти или ноќни клубови:

Веројатно е многу забавно да се биде пред звучниците, но за долгорочно здравје тоа во никој случај не е добра идеја. Изложеноста на гласна музика во текот на вашиот живот има кумулативен ефект врз вашиот слух и еден ден, на пример, кога ќе наполните 67 години, би можеле да го платите данокот.
Научничката ги повикала владите да се придржуваат до упатствата на СЗО за безбедно слушање музика, како што се следење и ограничување на нивоата на музика во одредени простори.

Во исто време, таа ги повикала компаниите кои произведуваат уреди како паметни телефони да ги предупредат корисниците за прекумерната јачина на звукот и да ги вклучат родителите во процесот, кои ќе ја ограничат изложеноста на децата на гласна музика.

ОН проценуваат драстично зголемување на населението кое страда од губење на слухот

Истражувањето е ограничено бидејќи вклучува различни методологии за проверка на јачината на звукот во различни студии, а ниту една од нив не била спроведена во земјите со низок приход.

Стивен Стансфелд, експерт за здравствени студии за бучавата на Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, кој не бил вклучен во студијата, вели дека тоа покажува дека потенцијалот за потешко губење на слухот кај целата популација е многу голем.

Според податоците на СЗО, повеќе од 430 милиони луѓе, што е повеќе од 5% од светската популација, моментално страдаат од губење на слухот, што ги оневозможува да ги извршуваат секојдневните задачи. Агенцијата на ОН проценува дека оваа бројка ќе се искачи на 700 милиони до 2050 година.

Повеќе