Плацента: да се јаде или да се фрли? Што знаете за постелката и за плацентофагијата?
Кога јас се пораѓав, пред 29 години, требаше да сме среќни ако накратко ни го покажат бебето пред да го грабнат да го мерат, мијат и виткаат во пелени, а не плацента да ни покажуваат. Сега кога ширум светот мајките се породуваат на милион различни начини, која дома, која во болница, која во вода, стоејќи, седејќи, со помош на партнерот, со помош на дула или пак со помош на целото семејство, тие не само што имаат можност да ја видат и плацентата, туку почнаа и да ја јадат
Ако сте се породиле во породилиште, легнати на боксот, а кај нас е тоа се уште најпрактикуваниот начин, веројатно не сте ја ни виделе плацентата. На пример, јас немав претстава како таа изгледа се додека не почна светскиот тренд на плацентофагија, односно, јадење на плацентата по породувањето.
Во основа, мајките кои се породиле во породилиштата не ја гледаат својата плацента по породувањето. Повеќето не ни знаат како изгледа овој орган, кој кај жената постои само за време на бременоста и умира кога ќе се роди детето.
Кога јас се пораѓав, пред 29 години, требаше да сме среќни ако накратко ни го покажат бебето пред да го грабнат да го мерат, мијат и виткаат во пелени, а не плацента да ни покажуваат. Мене ми го покажаа син ми затоа што ме пораѓаше сестрата која ѝ беше ќерка на пријателката на мајка ми, а се знаевме и ние, од маало, па не само што ми го покажа бебето, туку добив и лимонада и право на телефонски повик. Тогаш немаше дури ни мобилни, па всушност, не се јавив јас, туку таа им јави на моите дека бебето е родено и дека сме двајцата живи и здрави. Во тоа време не ни знаевме дека може да биде поинаку. Ниту пак знаевме за она – кожа на кожа. Тоа го гледавме само во филмови. На пример, мене не ми ни падна на памет да ѝ кажам да ми го остави малку бебето, бев се уште во шок бидејќи се породив многу брзо, па дури и не успеав баш добро да го погледнам иако таа тврдеше дека е цел како татко му. Тогаш беше вака: ако имаш врска супер, ако не, гледај да не се дереш многу за да не те караат и само моли се да не ти заборават нешто внатре, а тоа се случуваше токму со плацентата или со некое парче од неа кое подоцна може да предизвика крварење, сепса и разни проблеми.
На пример, тоа ѝ се случи на една моја другарка која ни раскажуваше дека можела да искрвари до смрт бидејќи крварењето почнало откако веќе ја вратиле во соба, породена. Ама и тогаш немавме поим како всушност изгледа плацентата.
Денес раѓаат седејќи, стоејќи, во вода, со сопруг, со дула, без дула…
Сега кога ширум светот мајките се породуваат на милион различни начини, која дома, која во болница, која во вода, стоејќи, седејќи, со помош на партнерот или сопругот, со помош на дула или пак со помош на целото семејство, тие имаат можност да ја видат и плацентата и не само тоа, туку пред неколку години почна и еден тренд на јадење на плацентата, познат како плацентофагија. Станува збор за постапка во која мајката ја јаде плацентата, течноста и ткивото кои се „породуваат“, излегуваат од неа непосредно по раѓањето на бебето.
Плацентата е орган што се создава во бременоста веднаш по зачнувањето и му овозможува на детето да се развие и да живее во матката. Изгледа како слузава медуза па едноставно не ми е јасно како можат да ја јадат. Ама ете, трендот на јадење на плацентата, како и повеќето други чудни работи, започна во САД, а потоа почна сѐ повеќе да се шири во Европа. Како причина за јадење на плацентата се наведуваше и тоа дека ова често го прават животните, особено женките кучиња. Впрочем, кај повеќето цицачи, мајката ја прегризува папочната врвка и ја јаде плацентата, што дополнително го намалува крварењето по породувањето, а на некој начин, во дивината, на овој начин „се кријат доказите“ со цел да се заштитат младенчињата.
Плацентофагијата стана популарна меѓу sвездите како Ким Кардашијан и Џенуари Џонс. Тие кои ги следат во тоа веруваат дека ако ја изедат плацентата, ќе го намалат ризикот од постпородилна депресија, дека тоа ќе им го подобри расположението, ќе им ја зголеми енергијата и ќе ја поттикне лактацијата.
Здравствените експерти предупредуваат дека ова може да доведе до компликации кај бебињата, дури и да резултира со сепса.
Студијата спроведена од Центрите за превенција и контрола на болести на САД открила дека некои доенчиња имале потешкотии во дишењето откако нивните мајки конзумирале капсули од плацентата, кои биле инфицирани со бактеријата стрептокока.
На времето дури и Том Круз, познат и како закоравен скиентолог, не можел да му одолее на морбидниот тренд и ја изел плацентата на неговата поранешна сопруга Кејти Холмс. Таа веројатно не била гладна.
Како и да е, не би ви советувале да си ја јадете плацентата, сепак, ние не сме животни, ама нема да штети да научите повеќе за органот кој му овозможил на вашето бебе да живее и да расте во вас 9 месеци. Заслужува благодарност, нели?
На блогот на една дула
Жените кои се пораѓаат дома имаат поинакво, поинтимно искуство на породување, а бебето им доаѓа во раце веднаш штом ќе излезе, пред да се исече папочната врвца и да се „роди“ плацентата. Најчесто различно ги перципираат папочната врвца и плацентата. Дулата Моне Никол е фасцинирана од породувањето и секоја промена низ која поминува една жена додека носи дете на светот. На својот блог, Моне го велича породувањето како посебна трансформација низ која поминуваат мајките, а самата вели дека најголемата лична внатрешна трансформација ја доживеала кога ги родила своите ќерки.
Така, таа ја нагласува средбата со бебето како најважна, а потоа ја велича плацентата, како посебен орган кој на бебето му дава живот во утробата 9 месеци.
Еве што пишува таму за плацентата.
Таа му припаѓа на бебето, не вам
Дали знаевте дека плацентата е составена од истите клетки како и вашето бебе, па всушност таа му припаѓа нему, а не вам. Исто така, ја игра улогата на бели дробови, дигестивен систем и црн дроб на бебето додека се развива во утробата. Детето во утробата живее во течност, не дише воздух од кој може да добие кислород, па плацентата му го обезбедува. Бебето, исто така, добива хранливи материи од мајката преку плацентата.
Но, плацентата е одговорна и за исфрлање на отпадните продукти од метаболизмот на детето (урична киселина, уреа, креатинин) и јаглерод диоксид, кои се земаат од крвта на мајката и кои потоа се излачуваат од телото преку бубрезите и белите дробови.
Иако крвните садови на плацентата имаат тенок ѕид, што донекаде го спречува навлегувањето на штетни материи во крвта на плодот, оваа бариера не може целосно да го заштити детето. Никотинот од цигарите, алкохолот, дрогата и повеќето лекови може да допре до детето и да го наруши неговиот развој.
Таа ги пренесува мајчините антитела на детето
Низ плацентата поминуваат и одредени видови мајчински антитела кои го штитат детето од некои болести до половина од првата година од животот. Го спречува мешањето на крвта помеѓу мајката и детето, бидејќи нивниот проток на крв е целосно одвоен. Сепак, мешањето на крвта може да се случи за време на породувањето бидејќи браната се оштетува (затоа треба да обрнете внимание на Rh-факторите).
Плацентата, исто така, го штити плодот од имунолошката реакција на мајката, што е патолошки процес кој може да предизвика застој на феталниот раст или дури и смрт.
Создава хормони за здрав развој на бременоста
Во исто време, го сметаме за ендокрин орган бидејќи е одговорен за создавање на хормони неопходни за правилен развој на бременоста – корионски гонадотропин (hCG), плацентарен лактоген, естроген, прогестерон и многу други, како и протеини кои се специфични за бременост. Во исто време, овие хормони се одговорни за подготовка на телото на мајката за производство на млеко и правилно функционирање на плацентата.
Неговото значење во примитивните култури
Различни племиња во Африка и Латинска Америка ѝ припишувале натприродно значење на плацентата, а еден од обичаите бил и овој што ете повторно стана тренд во светот – жената да ја јаде плацентата по породувањето, што и тие сметале дека ќе ѝ ја врати силата по породувањето. Во некои племиња имало посебни обреди на палење на плацентата, што било ритуал кој им давал духовна сила на мајката и на детето.
„Денес, на плацентата гледаме поинаку, по породувањето не ни ја гледаме, а таа е важен дел од бременоста и развојот на бебето. Можеби погледот на овие фотографии ќе ве убеди колку е чудесна промената низ која жената поминува за време на бременоста и породувањето, а со тоа и колку чудесно е раѓањето на нов живот“, вели дулата додавајќи дека секое парче од мозаикот, што се нарекува создавање на живот, е од исклучителна важност и на него треба да се гледа со благодарност.