Кога првото одење по голема нужда е потешко од породувањето
Да станете мајка за првпат е прекрасно, но и збунувачко искуство. Многу жени дури во бременоста и по неа учат многу за своето тело, а многу од промените што се случуваат се сметаат за табу теми. На пример, првото одење по голема нужда откако ќе се породите…
Во минатото ретко се зборуваше за некои телесни функции кои се менуваат во текот на бременоста и по породувањето, а една од нив беше движењето на дебелото црево.
На пример, се сеќавам дека јас, иако знам дека звучи неверојатно, се породив само 10 минути откако стасав во болница, а веста за раѓањето на син ми до моето семејство стаса пред да успее мојот сопруг да се врати дома откако ме остави во болница. Речиси и немав болки, па моето искуство со раѓањето е едно од ретките за кои сум слушнала, а да не вклучува неколкучасовно или уште полошо, неколкудневно мачење додека бебето да се појавина овој свет. Но затоа првото одење по голема нужда, беше моето „породување“. Секако, за ова обично не се раскажува, односно, јас престанав да зборувам на оваа тема затоа што ми беше срам додека сите другарки и пријателки раскажуваат колку тешко било раѓањето на нивните деца, јас да зборувам колку тешко било да си ги испразнам цревата по доаѓањето од болница.
Деновиве случајнпо наидов на едноп јутјуб видео во кое извесна инфлуенсерка Моли-Меј Хејг споделува дека страдала од тежок запек девет дена откако ја родила нејзината ќерка Бамби во јануари годинава.
23-годишната девојка детално ја опишува својата мака и открива дека чувствувала толку многу болки што во еден момент ја замолила сестра ѝ да повика брза помош.
Запекот по породувањето е многу почест отколку што мислат луѓето. Студија од 2021 година во Финска покажала дека жените по породувањето имаат два до три пати поголеми шанси да доживеат потешкотии со движењето на дебелото црево во споредба со оние кои не родиле.
Запекот е почест кај жените кои се породиле со царски рез
Студијата покажала дека жените кои имале вагинално породување имале помала веројатност (47 проценти) да доживеат запек во деновите по породувањето во споредба со оние кои имале царски рез (57 проценти).
Докторката Нсисонг Асанга изјавила за Индипендент дека констипацијата може да се појави поради различни причини, вклучително и недоволно консумирање храна или пијалак во часовите пред породувањето.
„Ова значи дека цревата се празни по породувањето и ќе биде потребно повеќе време да се наполнат доволно за да се испразнат“, вели таа.
Исхраната со малку влакна и недоволната хидратација исто така може да доведат до запек. Цели зрна и леб од цели зрна може да помогнат да додадете влакна во вашата исхрана.
Лековите против болки и анестезијата исто така можат да влијаат и да го забават движењето на дебелото црево. Нивото на активност, исто така, игра улога во функцијата на цревата, а со оглед на тоа што новите мајки се одмараат и закрепнуваат деновите по породувањето, логично е варењето да се забави.
Побарајте медицинска помош
„Ги советувам мајките кои страдаат од тежок запек повеќе од неколку дена по породувањето, да побараат помош од бабица, медицинска сестра или лекар. Тие ќе дадат насоки“, вели д-р Асанга.
Проблемот може да се ублажи и со лесни вежби, но за нивната изведба треба да се консултирате со вашиот лекар.
„Постојаното напрегање не е идеално и може да предизвика слабеење на карличниот под. Важно е да дишете и да одвоите време додека сте во тоалет, без одвраќање. Ако имате запек повеќе од пет дена, треба да пробате омекнувачи на столицата, кои може да прашате за вашиот лекар“, рече докторот.