Ребека Шумард се вратила на работа 12 дена по породувањето. 26-годишната медицинска асистентка била фрустрирана, исплашена и имала чувство на вина затоа што работи наместо да биде со своето бебе на одделот за неонатална интензивна нега. Имено, таа се породила во 27-та недела од бременоста.
„Треба да се вратите на работа 12 дена откако сте се породиле во 27-та недела за да можете да го поминете тоа мало породилно отсуство со неа кога ќе излезе од интензивна нега“, напишала таа покрај видеото на кое плаче додека е на работното место.
„Се обидувате да се издојувте на секои три часа, но нема доволно персонал. Вашето млеко се намалува осум недели по раѓањето. Дали воопшто ќе имате млеко кога бебето ќе дојде дома? Што прават другите родители на деца на интензивна нега? Како може било кој да си дозволи да биде со детето за тоа време? Како може некој да се справи со вината кога треба да работи, наместо да биде со своето бебе? Ова е Америка“, заклучува таа.
Породилното отсуство во САД е комплицирано. За разлика од другите земји, САД на своите граѓани не им даваат платено породилно, татковско или семејно отсуство. Шесте недели што ги споменува Шумард се дел од краткорочното осигурување на некои компании за здравствено осигурување. Тие шест недели се зголемуваат на осум во случај жена да се породи со царски рез. Само 42 отсто од работниците во приватниот сектор во САД имале пристап до платеното породилно отсуство во 2020 година. Она што често се случува е родителите да комбинираат боледување, неискористени денови за одмор и слободни денови.
Според Законот за семејно и медицинско отсуство од 1993 година, родителите можат да земат до 12 недели неплатено семејно отсуство за да раѓање, посвојување или вдомување на дете, но само ако работат во компании со 50 или повеќе вработени.
Во Македонија мајката има право на породилно отсуство до девет месеци, но со измените на Законот за работни односи кои треба да почнат да се применуваат оваа година, породилното отсуство од сегашните девет месеци ќе се продолжи на една година, а дел ќе може да го искористат и татковците. Породилното отсуство е можно до 72 недели во Унгарија, 68 недели во Шведска, 52 недели во Исланд и 49 недели во Норвешка.