Психолог објасни како хеликоптер-родителите им ја одзедоа на децата слободната игра

Според истражувањата, значителни промени во навиките за воспитување деца почнале да се случуваат во деведесеттите години на минатиот век. можностите за децата да бидат физички активни преку спонтана игра станаа ограничени. Резултатот е губење на независноста стекната преку неструктурирана, ненадгледувана игра

257

Денешните деца не смеат да бидат деца. Спонтаната детска игра, која вклучува прошетки во шума, играње топка на игралиште или лежење на тревата и гледање на облаците, е минато.

Ова го покажа студијата објавена во списанието Sociology of Health & Illness, која ја истражуваше историјата на физичката активност и играта меѓу жителите на Велика Британија родени помеѓу 1950 и 1994 година.

„Во мое време имаше повеќе слобода. Одевме да играме каде сакаме и мајка ми не беше загрижена”, напишал еден од испитаниците.

Навистина, денес има сѐ повеќе таканаречени хеликоптери родители кои строго ги надгледуваат децата во сè, вклучително и во играта. Според претходно споменатите истражувања, значителни промени во навиките за воспитување деца почнале да се случуваат во деведесеттите години на минатиот век.

„До 1990-тите не се очекуваше од родителите бескрајно да ги забавуваат и надгледуваат децата како што е тоа случај денес, такашто децата имаа поголема слобода да си играат самостојно“, вели авторот на студијата д-р Џон Деј.

„Откако овие деца самите станаа родители, општеството се смени, па постои зголемено чувство на одговорност за развојот на нивните деца“, додава психологот.

Голем дел од ова чувство на одговорност доаѓа од сознанието дека децата немаат доволно време да играат бидејќи се преокупирани со технологијата, интернетот и видео игрите. Така загрижените хеликоптер-родители побрзаа да го пополнат распоредот на децата со структурирани игри и организирани групни активности.

„Општеството денес ги поставува родителите како инженери задолжени за развојот на децата, што е нереален товар и носи неправеден притисок и очекувања“, објасни д-р Деј.

Психологот дел од социјалниот притисок го припишува на зголемената свест за ризиците, како што е стравот од киднапирање и зголемениот сообраќај на патиштата.

„Затоа, можностите за децата да бидат физички активни преку спонтана игра станаа ограничени. Резултатот е губење на независноста стекната преку неструктурирана, ненадгледувана игра. Повеќето учење за независност се случува кога децата преземаат ризици по сопствен избор, а овие можности се губат во денешното детство“, заклучил д-р Деј.

Повеќе