Штом ги затворам очите размислувам за тоа што ќе биде со Максим
Бранкица Јованова од Радовиш е мајка на две деца, едното има Даунов синдром, па таа и сопругот, иако не очекуват многу, сепак се надеваат и посакуваат еден ден тој да биде самостоен човек
Уште една посебна мајка која деновиве беше наша соговорничка е и Бранкица Јованова од Радовиш. Таа и нејзиниот сопруг пред 7 години го добиле своето прво дете, синчето Максим, па бидејќи во текот на бременоста не знаеле дека детето има Даунов синдром, дијагнозата за нив била вистински шок.
„Максим има 7 години и е дете со Даунов синдром. Во текот на бременоста преку скринингот за Даун, ризикот за такво нешто беше низок, па со оглед на тоа што нашето прво дете го очекувавме со радост и нетрпение, бевме многу вознемирени кога се породив и кога дознавме за дијагнозата. За нас тоа беше како гром од ведро небо“, ја почна Бранкица својата приказна.
Пред да се роди Максим таа работела како конфекционерка, но со оглед на тоа што на Максим му треба повеќе внимание и посветеност, била принудена да ја напушти работата.
Четири години потоа се родила и сестричката на Максим, сега веќе тригодишната Деана, па нивната мајка има полни раце работа.
„Сопругот работи во странство, па секојдневните обврски во домот и околу децата, се повеќе на мене. Нашиот ден започнува во 7 часот. Најпрво се буди Максим и веднаш се упатува кон сестричката и ја буди со гушкање и со бакнежи.
Деана е доста темпераментно дете, но со брат ѝ добро се согласуваат, знаат да си играат заедно, но знаат и да се степаат. Сепак, многу се поврзани и еден без друг не можат. И двајцата одат во градинка и Максим е добро прифатен и од другарчињата и од учителките. Tребаше да тргне во прво одделение уште минатата година, но законски можевме да го пролонгираме поаѓањeто во училиште само за една година, што мислам дека е малку, но што е тука е. Од септември веќе ќе мора да оди во редовно училиште и се надевам дека ќе има асистент“, вели Бранкица.
Таа секој ден во 15 часот ги зема децата од градинка и кога времето е убаво си прават заеднички кратка прошетка одејќи накај дома.
„Дома е веќе забавниот дел штом се заврши со ручек веднаш се пушта музика, се танцува, се пее, си играме. Но, навечер, секоја ноќ, штом ги затворам очите размислувам за тоа што ќе биде со Максим. Со сопругот правиме сѐ што е во наша моќ за тој да биде самостоен човек еден ден. Не очекувам многу, но ништо не се знае, сведоци сме дека има многу лица со Даунов синдром кои самостојно функционираат и многу примери до каде можат тие да стигнат. Затоа, не сакам да размислувам негативно и да се грижам за тоа што ќе биде со него еден ден кога нас ќе нѐ нема, туку уживаме и му се радуваме на секој нов ден“, вели оваа мајка.
Инаку, Бранкица е член на здружението за помош и поддршка на лица со Даунов Синдром „Вера“ од Струмица. Во здружението ја поканила жената по име Анче, преку Фејсбук, а потоа ѝ станала и пријателка и најголема поддршка.
„Анче ме пронајде на Фејсбук, стапивме во контакт и таа цело време од тогаш беше тука за секоја тешкотија во врска со Максим. Секако, освен со неа, се дружиме и со други родители и деца без оглед на тоа за кој вид попреченост станува збор кј нив.
Што се однесува до состојбата во нашата држава, кога станува збор за децата со посебни потреби, очигледно е дека недостасуваат многу работи и на овие лица им се скратени многу права. Мојата најголема желба е да ни се живи и здрави децата, бидејки со нив сме опкружени со чиста и вистинска љубов, а нивните срца се чисти како солза“, завршува Бранкица.
Останува да се надеваме заедно со неа и со нејзиното семејство дека Максим и во училиште ќе биде прифатен и дека нема да мора да се соочува со неправди заради својата состојба. Неговата насмевка на сите семејни фотографии е доволен доказ дека ова дете е среќно и сакано во кругот на семејството и дека мама, тато и дада ќе бидат секогш тука за него. Нека биде така и секаде каде што ќе оди понатаму во животот.