Дали е опасно бремените жени да пијат алкохол во умерени количини?
Новото истражување покажало дека ниту една количина на алкохол за време на бременоста не е безбедна, бидејќи дури и малото или умереното консумирање алкохолни пијалаци може да предизвика проблеми во текот на бременоста.
Бремените жени се предупредени дека ризикуваат појава на абнормалности кај новороденчињата доколку пијат каква било количина на алкохол.
Едно ново истражување открило дека ниту една количина на алкохол не е безбедна за детето, а дури и мало или умерено консумирање алкохол може да предизвика предвремено породување, пишува Мирор.
Истражувањето објавено во списанието „Alcohol Clinical and Experimental Research“, исто така, покажало дека ефектот на алкохолот врз бебето може да варира во зависност од полот.
Утврдено е дека постои поголем ризик момчињата да се родат предвреме, а девојчињата да имаат ниска родилна тежина.
Експертите од Универзитетот во Ново Мексико проучувале 281 трудница и нивните деца. Тие се фокусирале на оние кои пиеле алкохолни пијалаци умерено или повремено, околу времето кога забремениле или пред да сфатат дека чекаат дете.
И покрај фактот што жените генерално престанале или ја намалиле консумацијата на алкохолни пијалаци откако ја откриле својата бременост, проблемите сепак биле видливи и кај машките и кај женските деца.