Ако и во вашиот дом е актуелно трескањето врати…Како да му помогнете на тинејџерот во градење на независноста

Тинејџерите, од една страна некогаш може да се однесуваат како возрасни, но од друга страна се забележува потешкотија во контрола на импулсите, потешкотија во организација и планирање на времето, како и потешкотија во одредувањето на приоритети. Сето ова дополнително ги загрижува родителите и ја зголемува нивната потреба од контрола, која често наидува на огромен отпор манифестиран во разни форми од страна на тинејџерот.

299

Адолесценцијата е период кој е исполнет со огромни предизвици како за родителите, така и за самите адолесценти. Потрагата по независност го достигнува највисокиот интензитет во адолесценцијата кога се забележува огромната потреба на тинејџерите да го формираат својот идентитет кој ќе биде поразличен од оној на нивните родители. Една од развојните задачи во оваа животна фаза е токму градењето на сопствен идентитет и диференцијацијата, што често знае да биде и еден од најголемите предизвици за самите родители.

Тинејџерите, од една страна некогаш може да се однесуваат како возрасни, но од друга страна се забележува потешкотија во контрола на импулсите, потешкотија во организација и планирање на времето, како и потешкотија во одредувањето на приоритети. Сето ова дополнително ги загрижува родителите и ја зголемува нивната потреба од контрола, која често наидува на огромен отпор манифестиран во разни форми од страна на тинејџерот.

Еден од начините како родителот би можел да му помогне на својот тинејџер да развие вештини за полесно донесување на одлуки е доколку го охрабри да размислува од различни перспективи, т.е. да ги истражува можните опции во одредена ситуација. Така ќе му помогне да ги види добрите страни како и ризиците  од одредено дејствие, но и ќе му дозволи да згреши уверувајќи го дека ќе биде тука за него доколку е потребно. Вклучувањето на тинејџерот во носење на семејните одлуки ќе му даде чувство дека е вклучен и почитуван, што исто така може да помогне во градењето на неговата самодоверба и независност.

Тинејџерите во овој период учат да превземат одговорност, да формираат свои вредности и да смислуваат стратегии за носење на одлуки кои ќе бидат најсоодветни за нив. Во целиот овој процес многу често тие ја изразуваат својата независност преку стилот на облекување, хобијата и активностите со кои го исполнуваат своето слободно време, стилот на музика која ја слушаат, како и кругот на пријатели со кои се дружат. Неретко тие ќе ги искажат своите мислења кои се комплетно спротивни од оние на нивните родители, тестирајќи дали нивните ставови ќе бидат прифатени или пак тоа ќе создаде конфликт. Ќе се јави и опозиционалност при вообичаени задачи кои претходно без проблем ги извршувале. Со еден збор ќе се прават постојани обиди за пробив на границите, со цел да се направи таа диференцијација.

Добро би било доколку родителот се обиде да направи баланс во однос на правилата кои биле поставени. Тоа би значело да препознае кое однесување не би ја загрозило безбедноста на нивното дете и во тој дел да му даде простор за повеќе независност.

На тинејџерите им помага да се чувствуваат безбедно доколку родителот  постави цврсти граници во однос на заеднички договорени правила, а истовремено покаже топлина, дава поддршка и негува отворена комуникација со своето дете.

Во однос на јасното поставување на граници ќе помогне доколку и тинејџерот е вклучен во дефинирање на истите и доколку однапред се одредат и последиците за непочитување на правилата. Особено е важно да нема отстапувања во однос на последиците при непосакуваното однесување. Тоа ќе им помогне да ја градат одговорноста за своите постапки и одлуки во иднина.

Неретко родителот нема да се сложува со изборот на пријатели на својот тинејџер. Тука е особено важно да се внимава на коментарите, критиките како и обвинувањата во однос на пријателите, бидејќи тинејџерот вообичаено е хиперпротективен кон својот избор на пријатели. Подобро би било доколку му дадете до знаење кои се вашите очекувања од него, како и тоа дека одговорноста за неговото однесување ќе биде само негова.

Ниту еден родител не сака да го види своето дете тажно или повредено, но неуспехот е сепак составен и неизбежен дел од животот, особено кога тинејџерите ќе започнат поголема интеракција со светот околу себе без директна поддршка од својот родител. Она што е важно е да го научите како да реагира во ситуации на неуспех. Да дадете поддршка, да го охрабрите да продолжи или да донесе поинаква одлука.

Во овој предизвикувачки период комуникацијата на родителите со своите деца е од витално значење. Вооружете се со трпение, негувајте отворена комуникација, многу поддршка и разбирање, како кон своето дете така и кон себе и огромна сочувствителност додека трае овој процес.

Пишува: Александра Стојановска психолог и супервизор на Линијата за родители.

Повеќе