Ако имате некои од овие проблеми, можеби имате пролапс на матката

Пролапс на матката, односно, делумно или целосно испаѓање на матката, е состојба која се јавува кај многу жени. Сепак, ова е феномен за кој многу малку се зборува и пишува.

1.636

Делумен или целосен пролапс на матката е состојба која се јавува кога мускулите кои ја држат матката почнуваат да слабеат, а самата матка почнува да се спушта во вагината и во некои случаи целосно испаѓа. Пролапсот на матката е честа појава и дури 50% од жените се соочуваат со овој проблем еднаш во животот.

Фази на пролапс на матката
Пролапсот на матката се јавува во фази и колку порано се открие, толку е полесно да се лекува.

Фаза I – мускулите слабеат, а матката се наоѓа во горната половина на вагината
Фаза II – мускулите се уште послаби, а матката се наоѓа блиску до отворот на вагината
Фаза III – делумен пролапс на матката, која сега е делумно надвор од вагината
Фаза IV – целосен пролапс на матката, која сега е целосно надвор од вагината

Симптоми на пролапс на матката
Многу жени имаат благи симптоми, ако воопшто ги имаат и во повеќето случаи немаат болки. Меѓутоа, во некои случаи се појавуваат и побурни симптоми, како што се:

Болка и притисок во пределот на карлицата
Чест нагон за мокрење
Отежнато мокрење
Проблем со празнење на цревата
Вагинално крварење
Болка за време на сексуален однос
Уринарни инфекции

Причини за пролапс на матката
Најчеста причина за пролапс на матката е стареењето и намалувањето на естрогенот за време на менопаузата. Друга честа причина се растегнати и ослабени мускули кои се јавуваат по вагинално породување, особено ако породувањето било комплицирано.

Други причини се:

Хроничен запек,
Кревање тешки предмети,
Притисок поради дебелина.

Жените кои спаѓаат во ризичната група
Некои жени спаѓаат во ризичната група за пролапс на матката, но и на други органи лоцирани во карлицата, особено ако:

Консумираат тутунски производи
Имаат проблем со хроничен запек
Моментално минуваат низ менопауза
Често креваат тешки предмети
Претерано кашлаат поради сериозно заболување на белите дробови
Имаат вишок на килограми
Имаат фиброиди на матката
Ако имале комплицирано вагинално породување

Дијагноза
Најлесен начин за дијагностицирање на пролапс на матката е за време на гинеколошки преглед. Дополнително, може да се направат и други прегледи, како што е ултразвук на карлицата, магнетна резонанца или КТ скен на карлицата и абдоменот.

Како да се третира пролапсот на матката
Третманот на оваа состојба зависи од тоа во која фаза е пролапсот, но и од други фактори како што се возраста, бројот на раѓања и личните желби на пациентот.

Можни методи на лекување и терапија:

Вежби за дното на карлицата
Контрола на телесната тежина
Ортопедски помагала – песари
Хируршка операција

Вежби за дното на карлицата
Овие вежби, попознати како Кегелови вежби, помагаат во зајакнувањето на мускулите и лигаментите кои ги поддржуваат карличните органи, како што се вагината и мочниот меур.

Јогата и пилатесот исто така можат многу да помогнат во зајакнувањето на овие мускули и лигаменти.

Контрола на телесната тежина
Ако вишокот телесна тежина е причина или дел од проблемот што довел до пролапс на матката, контролирањето на телесната тежина и губењето на вишокот тежина може да биде корисно. Во овој случај, најдобро е да се консултирате со овластен нутриционист или диететичар за да го добиете планот што ќе биде најефективен за вас.

Ортопедски помагала – песари
Ова е донекаде конзервативно решение за пролапс на матката, а станува збор за еден вид ортопедско помагало, песари. Ова решение сѐ помалку се користи, особено за жени кои не сакаат или поради одредени здравствени причини не можат хируршки да го решат овој проблем.

Песарите, односно, ортопедските прстени, се ставаат во внатрешноста на вагината за да се одржи матката на своето место. Овој тип на третман не е секогаш ефикасен и често со себе носи различни компликации.

Хируршка операција
Денес, многу луѓе обично се одлучуваат за хируршки третман, каде што матката се враќа на своето место, а околното ткиво се санира. Операциите може да се изведат лапароскопски преку абдоменот или преку вагината. Иако ова е најефективниот начин за решавање на овој непријатен проблем, не се препорачува за жени кои планираат да забременат во иднина.

Заклучок
Во повеќето случаи, пролапсот на матката не може да се избегне или да се предвиди, но постојат одредени чекори што можете да ги преземете за да ја спречите оваа појава.

Заборавете на цигарите
Одржувајте здрава тежина
Вежбајте ги Кегеловите вежби секој ден по 15 минути
Правете јога или пилатес еднаш неделно
Избегнувајте да кревате тешки работи
Не игнорирајте ако се појави запек
Редовно посетувајте го вашиот гинеколог
И не заборавајте дека здравиот живот, здравите навики и редовната физичка активност се половина здравје.

Повеќе