Аутизмот има и светли страни: Денеска е Светски ден на нарушувањата од аутистичен спектар, па потсетуваме на дел од нашите приказни

Аутизмот или нарушувањата од спектарот на аутизмот се однесува на широк опсег на состојби кои се карактеризираат со нарушувања во социјалните вештини и комуникацијата, повторувачко однесување, промени во говорот и невербална комуникација. Потсетуваме на дел од приказните за лица со аутизам кои досега сме ги објавиле на нашиот портал, меѓудругите и на онаа најубавата и најоптимистичната, онаа за кочанчанката Царе Манчева

633

Светскиот ден на аутизмот се одбележува на 2 април. Целта на одбележувањето на овој датум е да се помогне и да се зголеми разбирањето за луѓето со аутизам, давајќи им поддршка ширум светот.

Аутизмот или нарушувањето на спектарот на аутизмот се однесува на широк опсег на состојби кои се карактеризираат со нарушувања во социјалните вештини и комуникацијата, повторувачко однесување, промени во говорот и невербална комуникација.

Низ годините сме објавиле повеќе приказни кои ни ги прераскажале родители на деца со аутизам и сите тие се различни, секоја од нив е приказна за себе. На пример, онаа за тогаш дваесетгодишниот Илија, кому никогаш не му ја одредиле точната дијагноза, ниту пак му ја погодиле вистинската терапија, кој живееше со својата мајка и со глува и слепа баба во семејниот дом, заедно со вујкото, вујната и нивните 18-годишни близнаци. Не зборува, ниту пак знае да комуницира на друг начин, а најголемиот проблем на неговата мајка (Елизабета Спасовска) е тоа што не може да го остави сам ниту една секунда. Илија е насилен – кон самиот себе. Онаа за битолчанчето Лука кој сега има веќе 12 години, а која ни ја раскажа неговата мајка Ирена Николовска Ристановска, потоа онаа за Адам, чија мајка Аниса Ејуп Беќировиќ Трпчевска напиша и цела книга насловена како „Јас и аутизмот – Водич за преживување за родители на деца со аутизам и посебни потреби“. Тука е и приказната за Огнен, еден од близнаците на скопјанката Eлена Јакимовска Павлеска, па Димитар Гиев, од скопско Трубарево, Кан Лозана, Виктор Тимов кој заедно со својот посветен татко Коста Тимов, работи во нивниот етноресторан „Кај Виктор“, кој е всушност само дел од еден цел проект кој го осмислил Коста за да можат да функционираат заедно со неговиот син, но и за да си ја обезбедат егзистенцијата. Неодамна својата приказна ни ја раскажа и Амела Апостоловска, авторка на книгата „Гласот од тишината“, напишана врз основа на сопствено искуство како предизвик за истражување на „аутизмот на синот и сопственото јас“. Приказната за Вероника од Битола ни ја раскажа нејзината мајка Ивона Кочов. За да опише како изгледа кога Вероника преживува некаков стрес, Ивона ни раскажа дека пред некоја година, затоа што девојчето не сака да спие на друго место освен во својот дом, за првпат отишле на тридневен одмор во Албанија. Последниот ден, цел ден, Вероника не зборувала ништо друго освен што постојано повторувала: „Понеделник – Битола, понеделник – Битола, понеделник – Битола,…“

За убавата Петра која со семејството живее во Стари град на хрватскиот остров Хвар, ни раскажа нејзината мајка Ана Франетовиќ. Ја прераскажавме и приказната за Филип Циглењак Симоновски, дете кое има аутизам, но и посебен талент. Имено, Филип ужива да слика, да прави комбинации на боите и да ги разлева по платното, да твори.

Родителите на Кристијан, Илија и Елизабета Костови, поради својот син со аутизам, односно, во потрага по подобри услови за живот за него, се преселија во Виена.

Правевме интервју и со експерти и стручни лица во оваа област. Меѓудругите, со професор д-р Владимир Трајковски според кој, една од причините за порастот на аутизмот лежи во зголемувањето на индустријализацијата на општествата, зголемената употреба на пестициди, хербициди, употребата на ГМО храна, компјутери, таблети, смартфони и нивната радијација.

„Друга можна причина би била зголемената јавна свесност за проблемот и подобрувањето на дијагностичките критериуми, такашто нешто што некогаш било крстено како ментална ретардација или шизофренија, со денешните методи за дијагностика се нарекува аутистичен спектар на нарушувања“, ни објасни Трајковски во интервјуто кое можете да го најдете ТУКА.

И да не заборавиме на единственото лице со аутизам кое својата приказна ни ја раскажа само. Станува збор за Царе Манчева, прекрасна жена со нарушување од аутистичниот спектар, која магистрирала токму на темата ’Социјална прифатеност од врсниците и училишните постигнувања на учениците со АДХД во основните училишта во општина Кочани, нејзиниот роден град. Таа е жив доказ дека не постојат пречки што не можат да се совладаат.

Имено, начините на кои луѓето со аутизам учат, размислуваат и решаваат проблеми може да варираат од високо квалификувани до сериозни предизвици. Некои луѓе со аутизам може да имаат потреба од значителна поддршка во секојдневниот живот, на некои им е потребна помала поддршка, додека во некои случаи, тие живеат целосно независно.

Знаците на аутизам обично се појавуваат во втората или третата година од животот. Некои поврзани доцнења во развојот може да се појават и порано и често може да се дијагностицираат уште на 18 месеци. Истражувањата покажуваат дека раната интервенција води до позитивни резултати подоцна во животот за лицата со аутизам.

Повеќе