Барби оживеа на филмското платно: Филмот за славната кукла од 20 јули и во нашите кина

Ако некогаш сте се запрашале како би изгледал преминот од светот на славната кукла Барби во реалниот свет, конечно ќе дознаете…На 20 јули во нашите кина ќе можеме да го видиме филмот за Барби и, секако, за Кен.

192

Барбара Милисент Робертс, попозната како куклата Барби, е создадена во 1959 година. Со неа пораснаа бројни генерации, а Барби со текот на годините ги менуваше улогите и професиите. Немаше ништо што Барби не можеше да постигне и така инспирираше (барем таа така мисли) милиони, веројатно милијарди жени. Но, Барби не е само кукла, таа е идеја која живее подолго од една кукла и нејзината мисија е да ја поттикне важноста на вербата во себе, женската моќ, промовирањето на животните вредности и што е најважно, различноста на секој поединец!

Барби досега имаше бројни анимирани филмови, но овој филмски хит за кој бруе целиот свет е нешто многу посебно. Маргот Роби и Рајан Гослинг се брилијантен пар, како и целата актерска екипа, која два часа ќе ве нурне во розов свет со неверојатни пресврти. Ако некогаш сте се запрашале како би изгледал преминот од светот на Барби во реалниот свет, конечно ќе дознаете…

Филмот го режираа Грета Гервиг и нејзиниот партнер Ноа Баумбах, двајцата номинирани за Оскар. Улогата на легендарната русокоса ѝ припадна на австралиската убавица која ги избира најдобрите улоги – Маргот Роби, додека нејзиниот избраник, исончаниот Кен, ја отелотвори актерот Рајан Гослинг. Остатокот од навистина богатата екипа се големи холивудски и музички имиња: Вил Ферел, Дуа Липа, Хелен Мирен, Америка Ферера, Никола Кофлан, Ема Меки, Мајкл Сера и многу други.

Во однос на модата, индустријата не може да се сети кога некој филм имал толку големо влијание врз модата како Барби оваа година… Бојата „Барби Пинк“ го зафати светот, ја има на сите насловни страници на престижни списанија и на модни недели.

Но, кога станува збор за влијанието на оваа кукла врз девојчињата низ сите овие години од нејзиното постоење, не е сѐ толку розево.

Големата желбата, односно опседнатоста да се изгледа физички совршено, често застапена идеја помеѓу младите девојки на почеток на адолесценцијата, којашто е поттикната од нереалните стандарди за убавина кои ги има барбиката, се нарекува „Барби“ синдром.

Оваа опседнатост најчесто резултира со голема фрустрација, сериозни нарушувања во исхраната, депресија и губење на самодоверба.

Доколку куклата Барби би била вистинска жена, таа би била висока 168 см и би имала 54 килограми. Во вистинскиот живот, таа би била анорексична. Во книгата „Кен и Барби во реални димензии“, авторот Кевин Нортон, истакнува дека само околу 100 илјади жени во светот ги имаат димензиите на Барби.

Овој синдром не само што сериозно го нарушува физичкото здравје, туку и менталното. „Барби“ синдромот има заеднички аспекти со нарушувањето наречено телесна дисморфија, психичко пореметување кога личноста е опседната и незадоволна од својот изглед.

Ама сепак, Барби опстојува речиси 6 ипол децении, па можеби и заслужи да се направи еден филм за неа.

Повеќе