Додека мама пееше, децата беа придружни вокали и танчери: На настапот на Елена Петреска се потврди онаа – „круша под круша паѓа“ (ВИДЕО)

На настапот на Елена Петреска во рамките на големиот новогодишен базар на катната гаража во Сити Мол, вниманието од бината на која пееше Елена ни го одвлекоа нејзините деца Михаел и Софиа кои ѝ даваа сесрдна поддршка и со глас и со ритам. Тука беше и гордиот тато Андреј кој не одолеа а да не ги сними најголемите фанови на Елена

422

На катната гаржа од трговскиот центар Сити мол, почнувајќи од 8 декември, па сѐ до 15 јануари трае новогодишниот базар. Лизгалиште, џиновски новогодишен лампион за фотографирање, голема новогодишна елка, варено вино, чај со рум, големи шарени лижалки и бина на која настапуваат голем број музичари. Ние се најдовме таму во петокот, кога настапува Елена Петреска. Се разбира, кога настапува Елена веднаш се создава фантастична рок атмосфера. Дека таа е еден од најдобрите женски вокали која е веќе со години и дел од хорот на Македонската опера и балет веќе знаеме, но секако е и еден од најединствените, најспецифичните вокали кој прави сите кавер верзии на познатите светски хитови да звучат одлично, а понекогаш дури и подобро од оригиналот. Но она што беше интересно за нас овојпат беа нејзините деца Михаел и Софиа кои веќе покажуваат афинитети кон оваа професија и најважно од сѐ, ја сакаат сцената.

А дека се верни обожаватели на мама е повеќе од очигледно. Додека таа настапуваше како дел од програмата на големиот новогодишен базар во Сити Мол, тие ја гледаа со обожување, одвреме навреме ѝ се придружуваа на сцената, а кога ќе им ја „погодеше“ песната, на уживањето му немаше крај. Погледнете како изгледа тоа во видеото подолу.

Секако, тука беше и тато Андреј Толевски, сопругот на Елена кои одвреме навреме ја вклучува камерата за да ги зачува овие моменти.

Елена и нејзиниот бенд пак, и на најголемиот студ се вистински професионалци и даваат сѐ од себе сите да уживаат, буквално од најмалите кои родителите ги донеле во детска количка, до оние највозрасните кои се загреваат додека си го пијат греаното винце или додека потскокнуваат во ритамот на музиката.

А нашата Елена великодушно ја подели бината и со уште две други деца, еден 13-годишен тапанар кој отсвири со бендот неколку песни и девојчето Нина на која ѝ дозволија да отпее една песна, а таа тоа го направи навистина добро и ја оправда довербата на Елена.

Ништо чудно, како што низ смеа кажа и Елена, нејзините настапи тука да се претворат во своевидно Талент шоу.

Повеќе