Душа од човек во бел мантил
Душанка Грујоска Вета е специјалист-ортопед на Универзитетската клиника за ортопедија, вистински дијамант, вистински човек, всушност, токму како и нејзиното име – душа од човек. Сум имала среќа да сретнам и други како неа. На пример, докторката на мајка ми, Габриела Новотни, специјалист-невролог на Клиниката за неврологија… Има и други. Не се многу, ама ги има, а сѐ додека има позитивни примери, има и надеж… Имате ли и вие некои вакви позитивни примери?
Односите помеѓу лекарите и пациентите се многу сложени и биле предмет на многу промени низ историјата, а нивните улоги се менувале во зависност од севкупното разбирање на човечката суштина, на социо-културните специфичности на периодот, но и на тековните достигнувања во самата медицина и можностите за лекување на одредени болести.
Првите документи кои ги опишуваат односите меѓу лицата вклучени во лекувањето датираат од антиката, првенствено од описот на Платон за лекарот како експерт кој го прегледува пациентот и донесува конечна пресуда за неговата состојба и адекватно на тоа пропишува лекување кое потоа му го соопштува на пациентот и неговото семејство.
Во таквиот патерналистички пристап, докторот имал апсолутна моќ над пациентот, кој всушност немал право да учествува во одлучувањето за сопственото лекување, додека самата комуникација се сведувала на запознавање на докторот со проблемот и подоцна со давање инструкции за решавање и третман на проблемот.
Овој модел, кој од комуникацијата ги исфрла сите емоционални и социокултурни аспекти, бил на сила од антиката до средината на 20 век, кога голем број автори решиле да се зафатат за истражување на односот помеѓу пациентот и лекарот и улогата на комуникацијата во тој однос.
Но додека луѓето во светот се занимавале со ова, кај нас таа комуникација не е многу сменета, а повеќето лекари си личат едни на други. Недостаток на емпатија, надмено однесување, однос кој вели: или ќе ме слушаш мене или најди си друг лекар!
Истражувањата проучувале како дистанцираното однесување на терапевтот (без насмевка, поглед кој не е насочен кон пациентот) е во силна корелација со значителното краткорочно и долгорочно намалување на физичките и когнитивните функции на пациентот. Забележана е дури и поврзаност на поединечни невербални знаци со специфични влијанија, па истражувано е тоа какво влијание врз пациентите и нивните состојби имаат на пример, намуртеното лице, насмевката, или кревањето раменици.
Кај нас, не верувам дека некој се занимава со истражување на вештините за комуникација на здравствените работници и нивното влијание врз здравствената состојба на пациентите, но и без истражување, сите знаеме дека однесувањето и начинот на комуникација меѓу лекарот и пациентот е и тоа како важна.
Повеќето од нас во нашиот здравствен систем веројатно имале повеќе лоши примери отколку добри и можеби оттаму кај нас онаа навика да си се лекуваме сами. На лекар се оди во крајни случаи, кога е нешто навистина сериозно. А таму, освен лоши услови, обично добивате и лош или барем рамнодушен однос од страна на медицинските лица.
Кога наместо тоа понекогаш ќе наидете на бисер од човек со бел мантил, се чувствувате како да сте добиле на лото.
Кој не сака убав збор, насмевка, кој не би се чувствувал подобро ако добие човечки однос, дури и ако нема лек за неговата болка и на кого тоа не би му делувало подобро дури и од самиот иљач? Иако почесто се соочуваме со доктори кај кои нема никаква емпатија, туку напротив, полни се само со надменост и нетрпение или барем рамнодушност кон сите пациенти, освен кон оние дојдени со врски, има и поинакви. Само треба да имате среќа и да наидете на нив.
Да, велат дека докторите се „оперирани“ од чувства бидејќи поинаку не би можеле да издржат и да функционираат опкружени со толку многу болести и несреќни луѓе околу себе, но од друга страна, сигурно знаеле која е суштината на професијата што ја одбрале и со што сѐ ќе мораат да се соочуваат. Ама некои од нив, штитејќи се себеси, станале рамнодушни буквално кон сѐ и кон сите, дури и кога станува збор за млади животи.
Е сега, кога имате долгогодишен проблем кој не е животозагрозувачки, но толку многу ви влијае врз квалитетот на живот што не паметите како било да се спие претходно, кога сте биле сосема здрави, тогаш, одите од време на време, кога сте на работ од издржливоста и барате лекарска помош.
И замислете, тоа може да трае и 10 години и повеќе, а ниту еден од сите доктори на кои сте им го изложиле својот проблем да не преземе ништо конкретно.
Еве на пример, мојот проблем со карпалниот тунел поради кој повеќе од 10 години ми трнеа рацете и дење, а особено ноќе, а за сето тоа време дури 5-6 различни доктори не направија ништо за да го решат. Велат дека веројатно требало да понудам пари за да ме стават на листа за операцијата која успешно го решава ова долгогодишно измачување. Којзнае, можеби е и така, но наместо тоа јас ги слушав советите од сите лекари кај кои ми закажуваше матичната, онака, „на среќа“, па одев на физикална, пиев витамини, апчиња против болки, понекогаш инјекции, земав ортопедски помагала, а проблемот сѐ повеќе се влошуваше. Додека едната докторка се фалеше дека е најдобра токму во оваа област, имено, најдобар хирург на шака, но освен застрашување дека оваа долготрајна состојба може да доведе до мускулна слабост и хипотрофија на мускулите на шаката и констатација дека е дефинитивно потребна хируршка интервенција, не добив надеж дека таа интервенција наскоро ќе може да се реализира. Притоа, никаков допир, односно физички преглед, освен поглед на собраната документација од изминатите години, препораки и најава дека за месец-два можам да се обидам да најдам термин за контрола, па ако имам среќа повторно да се видиме, можеби ќе можеме да зборуваме и за операција… некогаш, кога „најдобрата“ во овој дел ќе најде место на долгата листа. Ако воопшто најде…
За среќа, немаше начин да се најде термин кај оваа докторка, последна во низата доктори на кои им се обратив за својот долгогодишен проблем. Дури воопшто ја немаше на листата од доктори кај кои можеше да се закаже, за разлика од првиот пат кога токму кај неа беше првиот слободен термин.
И фала му на Бога за тоа. Зошто? Затоа што тоа беше шансата конечно да наидам на човек во докторски мантил, значи, две во едно, ем стручњак, ем човек. И тоа онака, скромна, без потреба да се фали сама себеси, непосредна, нежна, насмеана, емпатична кон сите. Едноставно, добар човек. Дотолку што едно време си помислив дека станува збор за скриена камера.
Па да, толку сме навикнале на тој надмен однос што кога некој е нормален и човечен, мислите дека е некаква игра, шега, мамка или измама.
Како и да е, оние претходните нема да ги именувам, но оваа докторка која за само 2-3 недели го реши проблемот што ме мачеше повеќе од една деценија заслужува да ја напишам со име и со презиме, иако веројатно повторно ќе реагира исто како кога ѝ го кажав сето ова во лице. Демек, дека сите на нејзината клиника биле такви. Можеби има и други, незнам, ама таа е навистина нешто посебно – Душанка Грујоска-Вета.
Без ургенции, без врски, без поткуп, веднаш презема сѐ што требаше, ме прати на рентген, ми закажа на ехо и ми даде болнички упат. Рече дека ќе ми се јави да ми каже кога да дојдам, а јас, искрено, воопшто не верував во тоа. Бев сигурна дека ќе заборави. Докторката си го запиша моето име во еден обичен тефтер и не само што ми се јави за да ми ја закаже операцијата, туку и ме оперираше. Патем, а тоа не го направил никој после мајка ми, додека ме подготвуваа за операцијата, насмеана, ми ја стисна раката за да ми ја стопли и ми кажа дека е добро што сум си облекла чорапчиња!
Сѐ помина како што треба, но бев шокирана кога следниот ден се јави на телефон за да ме праша како сум!!! Замислете, без врски, без претходно да се знаеме, без никаква корист, докторката се јави да ме праша како сум! Да не ги прераскажувам контролите… секогаш истото. Иако постојано мислев дека сум имала среќа да ја начекам во добро расположение, излегуваше дека таа е постојано таква.
Сега веќе го немам проблемот кој ме измачуваше повеќе од една деценија, барем не на таа рака, но имам каде и кај кого да се обратам и за другата. Не се секирам веќе дека ќе ме шуткаат беспотребно наваму-натаму и знам дека мојата докторка ќе направи сѐ како што треба, без одолговлекување и без измачување уште десетина години.
Ајде, кажете сега дека нема надеж! Има, секако дека има, а докторките како д-р Грујоска и, на пример, како д-р Габи Новотни од Клиниката за неврологија која ја лекуваше мајка ми, сепак постојат и се тука за пациентите. Со насмевка и добар збор, чувството е подобро дури и кога нема надеж дека состојбата на пациентот ќе се подобри, нели? Не знам дали на Медицински факултет постои предмет – комуникација со колегите и со пациентите, но мислам дека е потребен за да можат и оние кои не се такви по природа или поради домашното воспитување, да научат како треба.