Градинарство во училиштата во Холандија – Ние ги имаме училишните градини на Слоу фуд
Учењето за природата и земјоделството преку практични активности е задолжителен дел од наставата во училиштата во Холандија. Кај нас, веќе 10 години се одвива проект на Слоу фуд, за создавање што повеќе училишни градини низ Македонија.
Предноста на учењето преку пракса и вистинските, применливи примери се секако најдобриот начин децата да стекнат вистинско знаење. Со примена на стекнатото знаење и учење преку пракса, децата полесно ќе го совладаат материјалот, но и ќе научат како навистина да го користат сето она што ќе го научат.
Градинарството во училиштата како повод за физичка активност
Учењето за природата и земјоделството, односно за растенијата и целиот процес на растење има повеќекратни предности.
Со тоа што времето го поминуваат во градината – децата се физички активни и редовно се на отворено и на чист воздух. Ова придонесува за подобро здравје на децата, физичка сила, но и го подобрува имунолошкиот систем и овозможува подобра концентрација.
Зошто спонтаното скокање е добро за здравјето на децата
Освен физичка активност, децата во Холандија на „часови по градинарство“ учат сè за растенијата – како се садат, каков е процесот на развој, како да се одржуваат растенијата, но и како да се берат и користат плодовите… На овој начин , децата го запознаваат целиот процес на одгледување растенија, но и дел од производството на храна.
Учење за природата и човечките односи
Преку негување и одгледување растенија, децата лесно ќе совладаат некои вештини кои ќе им бидат важни во другите сфери од животот. Градинарството придонесува за развој на одговорност кај децата, но и трпение и соработка кога тие работат заедно со иста цел – да произведат нешто здраво. На овој начин децата развиваат подлабоко разбирање за грижата за околината и природата, но и за меѓучовечките односи и емпатијата.
Одгледувањето овошје и зеленчук придонесува за поздрави навики во исхраната
Ентузијазмот за одгледување овошје и зеленчук што тие подоцна можат да ги јадат е тоа што може многу да придонесе за воспоставување на здрави навики во исхраната кај децата. Ова е секако еден од најважните аспекти на ваквата работа со децата – затоа што децата се поврзуваат со природата, со растенијата и на крајот со храната што ја јадат, а која самите тие, со свои раце, ја создале!
Кога децата ќе знаат повеќе за овошјето и зеленчукот што го јадат, како се одгледуваат и подготвуваат, што содржат и како влијаат на нашето здравје – сигурно е дека ќе имаат поголема желба да се хранат на тој начин. Здравите навики во исхраната се нешто што се учи, нешто со кое никој не се раѓа – но секој има можност да го усвои, а еден од најдобрите начини е токму овој – преку интересни активности во колективот.
Затоа и кај нас веќе десет години успешно опстојува и постепено се развива проектот за создавање што повеќе училишни градини низ Македонија, во организација на Слоу фуд.