Историјата на производите за менструална хигиена: Од слободно менструално крварење, преку дрво и волна, до влошки со крилца

Ако некогаш сте размислувале за тоа како се снаоѓале нашите баби и прабаби кога имале менструација, како и кој ги измислил влошките и тампоните за еднократна употреба, сигурно ќе ви биде интересно да ја прочитате историјата на производите за менструална хигиена

146

Дали додека во супермаркетот поминувате покрај бесконечната серија полици со обични влошки, влошки со крилца, дневни влошки, миризливи, хипоалергични тампони, интимни шампони и дезодоранси, се прашувате како се снаоѓале нашите баби и прабаби? Или, како се справувале партизанките за време на војната, жените во концентрационите логори?

Значи, да почнеме по ред, низ историјата на женското крварење и производите за менструална хигиена.

Верувале или не, имало тука сѐ, од дрво, до волна, животинска кожа, па дури и трева.

Историјата на менструалните производи е всушност историја на женската еманципација, ослободување и борба за удобност.

Антика – крвта е ОК: На почетокот, очигледно, немало ништо. Жените слободно оделе и крвареле и тоа не му пречело никому посебно.

Одредени извори укажуваат дека жената за време на менструацијата се сметала за моќна и света, со изразени моќи за предвидувања и исцелувања.

Плиниј Постариот напишал дека ако жената го открие своето тело за време на менструалното крварење, тоа има моќ да ги исплаши бурите, виорот и громот. Ако гола влезе на полето, гасениците, црвите и бубачките ќе избегаат од житото.

Старите Египќанки, Гркинки и Римјанки користеле различни средства, но главно како контрацепција.

Менструалната крв течела непречено. Првите такви средства биле многу повеќе како тампони отколку како влошки. Египќанките користеле тампони направени од омекнат папирус, Римските жени користеле влошки и тампони направени од мека овча волна, а старите Гркинки користеле ткаенина завиткана околу парче дрво.

Западната цивилизација за прв пат ја бележи менструацијата како табу во еврејската култура, која во старата ера налагала жената да биде физички одвоена од мажот за време на крварењето.

Тората забранува сексуален однос со „нида“ – жена која има менструација или крварењето поминало, а сè уште не го направила ритуалното капење – миква.

Со доаѓањето на христијанството, работите не се промениле многу – за време на менструацијата жената е нечиста и многу ритуали ѝ се забранети.

Денес, малкумина од нив се придржуваат до строгите правила.

Не ѝ давајте да сечка месо: Всушност, до почетокот на 20 век, огромното мнозинство жени не користеле ништо за време на менструацијата.

Има сведоштва дека во Германија и Англија жените од повисоките класи користеле платнени влошки, направени дома, но огромното мнозинство не го користеле ниту тоа.

Заблудите и незнаењето за менструалното крварење биле многу живи и здрави, па на пример во 1878 година „Британскиот медицински журнал“ објавил студија во која се тврди дека жените „во тие денови“ не биле способни успешно да подготвуваат јадења со месо.

Отприлика во исто време, жените кои работеле во француските фабрики за преработка на храна, пред сѐ, шеќер, биле ослободени од работните обврски, поради верувањето дека некако ќе ја расипат храната.

На крајот на 19 век, низ Европа и Соединетите Американски Држави, во поширока продажба се појавиле памучни влошки со трегери и ремени.

Од денешна перспектива, тие изгледаат речиси како направи за мачење и тешко дека можеле да држат нешто како што треба во разумен период.

Нивната цел била да ја задржат влошката наменета за повеќекратна употреба, прицврстена на телото. Наскоро тие биле заменети со менструални појаси, кои имале зашиена влошка на куп ленти, токи и ремени, исто така наменета за повеќекратна употреба.

Во тоа време, германските и англиските лекари сè повеќе ја промовирале идејата за користење санитарни производи за време на менструацијата кај жените.

Во белешките на еден од нив од 1899 година пишувало: „Апсолутно е одвратно да крвариш на фустан, а носењето ист фустан четири до осум дена може да предизвика инфекција“.

Иноваторката која создала прилагодлив хигиенски појас била жртва на расна диксриминација

Како изумителка на хигиенски појас со џеб се споменува Мери Беатрис Дејвидсон Кенер (1912–2006), која дизајнирала неколку производи кои им го олесниле животот на многу луѓе. Иако во текот на животот се соочувала со расна дискриминација, таа истрајала и добила пет патенти за нејзините пронајдоци.

Меѓу другото, таа го создала т.н прилагодлив хигиенски појас со џеб отпорен на влага – претходник на хигиенската влошка, како и држач за тоалетна хартија, монтиран уред за миење на грбот и тешко достапните места и масажер…
Во прилог на фактот дека имала проблеми со расната дискриминација, оди тоа што една американска компанија која слушнала за санитарниот појас во 1957 година, ја контактирала со намера да го пласира нејзиниот изум. Меѓутоа, кога откриле дека е црна, ја одбиле.

Мери Кенер не добила никакви награди или формално признание за нејзината работа.

Сепак, нејзините пронајдоци и придонеси биле основа за подоцнежните иновации.

Првите влошки за еднократна употреба

Интересно е што влошките за еднократна употреба се појавиле уште околу 1890 година, но употребата на оние за повеќекратна употреба била многу попопуларна. Покрај тоа, првата влошка за еднократна употреба ја произвела американската компанија „Џонсон и Џонсон“, а наскоро и германската „Хартман“.

Производот, сепак, се покажал како целосен комерцијален неуспех.

Речиси никој не го купил.

Морало да помине уште еден век за поголема популарност и реклами во кои жените се пресреќни за време на менструацијата, а течноста што ја апсорбираат влошките е сина.

Наместо влошки, Американките претпочитале да користат детски пелени и муслин, кои, превиткани, биле прицврстени за долната облека со иглички или штипки.

Покрај тоа, по пошта можеле да ги нарачаат таканаречените санитарни престилки и веќе споменатите менструални појаси.

Да не избувнела Првата светска војна, којзнае колку долго ќе чекавме некој да се сети на санитарните материјали како многу пригоден абсорбент.

За среќа, француските медицински сестри за време на војната забележале дека целулозните завои што ги користеле за завиткување на ранетите апсорбираат крв многу подобро од необработениот памук што го користеле.

Тампон револуција: 1921 година е револуционерна за историјата на менструалните производи.

Таа година американската компанија „Кимберли-Кларк“ наречена „Котекс“ започнува со производство на влошки за еднократна употреба, но за разлика од претходниците, успева да го популаризира производот, пред сѐ, благодарение на огласите во женското списание „Good Housekeeping“.

Многумина се навредиле од овие реклами, но компанијата дошла на идеја наместо класична реклама, влошките да ги промовира преку текстовите на „Драга Савета“ задолжени за интимни прашања, во истото списание.

Пазарниот успех на „Котекс“ делумно се должи на тоа што жените кои ги купиле не морале да разговараат со продавачот. Во продавниците имало посебна кутија во која ставале пари без да кажат ниту збор.

Читателите кои пораснале во Југославија ќе се сетат дека дури и во нашите продавници до крајот на 1980-тите постоеше практика да се завиткуваат хигиенската вата и влошките во непроѕирна месарска хартија, за да не се гледа што има внатре.

Проблемот со првите влошки наменети за комерцијална продажба бил тоа што биле многу скапи. Иако, благодарение на рекламирањето, тие станале популарни и луѓето знаеле за нив, тие биле недостапни за многу луѓе поради цената.

Дури околу 1931 година, цената на влошките за еднократна употреба почнала да паѓа и тие станале широко достапни.

Две години подоцна, во 1933 година, првите тампони се појавиле во САД.

Сопственичката на компанијата „Тампекс“ го купила патентот на непознат пронаоѓач за 32.000 долари и започнала со производство во сопствената куќа, со помош на машина за шиење и машина за компресија.

Сепак, тампоните не поминале добро бидејќи се сметало дека предизвикуваат сексуална стимулација.

Иронијата е што денес неверојатни 90 проценти од Американките од сите возрасти користат тампони, додека останатите 10 проценти се жени кои претпочитаат влошки за еднократна или повеќекратна употреба, менструални чаши и други санитарни производи.

Пошироката употреба на тампоните започнува околу 1945 година, а причината е прилично бизарна.

Таа година, д-р Роберт Дикинсон објавил извештај во кој тврди дека влошките, а не тампоните предизвикуваат сексуална стимулација: „Секое надворешно менструално средство предизвикува ритмички контакт со површини кои предизвикуваат еротска возбуда“.

Американскиот печат бил преплавен со такви тврдења. Тампоните победиле.

Додека во Америка имало пазарна војна меѓу производителите на влошки и тампони, во Европа беснеела вистинската, Втората светска војна. Што нè враќа на прашањето од почетокот на текстот: што правеле партизанките и другите жени кои учествувале во војната?

Врз основа на неколкуте сведоштва, можеме да заклучиме едно: во услови на зголемен стрес, нередовна исхрана и големи физички напори, жените кои учествувале во војната привремено ја губеле менструацијата.

Оваа хипотеза добива кредибилитет ако се знае дека слично искуство имале и жените кои поминале низ пеколот на концентрационите логори и дека истото им се случува и на активните спортистки кога интензивно тренираат.

Чашка, крилца: Да напоменеме и дека првата менструална чаша е произведена во 1937 година. Неколку компании се обиделе да ја пласираат на пазарот, но не успеале.

Само од средината на осумдесеттите, нејзината употреба била нешто почеста, но вистински процут доживеала дури на почетокот на XXI век, со зголемувањето на свеста за заштита на животната средина.

Имено, влошките и тампоните за еднократна употреба, се големи загадувачи на животната средина, како и бебешките пелени за еднократна употреба.

Иако сè уште нема поекономична и поудобна алтернатива за пелени, еколошки свесните жени имаат на располагање чашка за менструација.

Изработена е од флексибилна гума, се вметнува слично на тампонот, се отвора во телото, создава вакуум и крвта директно тече во неа.

По отстранувањето се празни, се мие и повторно се употребува.

Недостаток ѝ е што бара постојано миење, па затоа е незгодно да се користи надвор од домот. Дополнително, многу жени се прилично гадливи кога станува збор за сопствената менструална крв, па затоа идејата да ја мијат чашката неколку пати на ден ги ужаснува.

Покрај тоа, тие сè уште имаат живописни сеќавања за приказните на нивните мајки и баби за вриење на старите партали.

Во историјата на производите за женска хигиена е важна и 1970 година кога се појавиле првите самолепливи влошки.

Жените кои сè уште не се префрлиле на тампони конечно можеле да се збогуваат со ремените и санитарните гаќички (најчесто направени од пластика).

Во средината на седумдесеттите, памучните влошки за повеќекратна употреба доживеале повторен процут, најмногу благодарение на еколошки свесната генерација на хипици.

И денес може да се добијат во разни бои и дизајни.

Денес, за разлика од времето кога санитарните производи биле достапни само за богатите жени, имаме поголем избор од било кога.

Прегледот на сè што жените користеле за да ја апсорбираат менструалната крв покажува дека развојот на овие производи е всушност повеќевековна борба за удобност и слобода на секојдневниот живот.

Денес, во третата деценија на 21 век, во рекламите можеме да го видиме еманципирачкиот карактер на менструалните производи – „содржината“ се повеќе не е сина, туку во розова нијанса, многу повеќе слична на вистинската.

Повеќе