Јога-инструктор за затвореници, трудници, емигранти, сениори, јуниори, бизнисмени…

„Сега сум во 8. месец од бременоста, а се одлучив за јогата како начин да се изрелаксирам, да се раздвижам и истовремено да го спремам телото за чинот на породувањето“, вели Михаела Михајловска, редовен ученик на часовите по јога кои ги води инструкторот Горан Поповски, во чиј фокус на интерес е секогаш работата со специфични групи на ученици

926

Скопјанецот Горан Поповски се обучувал за ајурведски терапевт во ајурведските центри во Индија, а потоа и низ повеќе европски центри, каде што се стекнал и со сертификати за јога-инструктор за трудници, за деца и млади, за затвореници, емигранти, бизнисмени,… Од пред извесно време има редовни часови по јога за трудници во Премиум спортскиот центар на Систина.

Тој е сертифициран учител по јога за најразлични, најчесто специфични групи на луѓе, со кои му е особено интересно да работи. На пример, како јога-инструктор за затвореници, пред 2-3 гнеколку години редовно им држеше часови по јога на затворениците во штипскиот затвор. Работел и со деца и млади во Домот „11 Октомври“, со емигранти во центарот за емигранти во Гевгелија, со сениори во Подгорица, а одамна е и сертифициран јога учител за трудници. Ова е кај нас ретко и има малку учители кои се имаат стекнато со такво знаење.

Поповски е и ајурведски терапевт, а се обучувал во ајурведските центри во Индија, а потоа и низ повеќе европски центри. Многу луѓе токму кај него го нашле решението за својот проблем. Со помош на ајурведска масажа ѝ помогнал на жена која преживеала мозочен удар и со само три третмани ја вратила функцијата на десниот дел од нејзиното тело. Исто така, со само два Насја третмани им помогнал на многу деца со проблеми со синуси, кашлица и отежнато дишење. И самиот со својот проблем со спинална дискус хернија, за кој му била препорачана операција, нашол решение прво во јогата, а потоа и во ајурведските третмани.

За јога часовите за трудници вели: „Со оглед на тоа што станува збор за специфична група, а јас сакам да работам со специфични групи, затоа што кај нив најмногу чувствувам дека помагам и придонесувам да се чувствуваат подобро, мило ми е што овие часови станаа редовни и што има многу заинтересирани трудници. Исто така, има најмалку јога-инструктори кои можат и знаат да работат со бремените жени. Сега часовите за јога за трудници се одржуваат во рамките на трудничкиот пакет на Систина, а тренинзите се одвиваат во нивниот Премиум спортски центар. Групата е менлива, која трудница како дознава за неа, се приклучува, а се разбира, кога ќе се приближи до времето за породување, си оди“.

Главен фокус на овие тренинзи се техниките за дишење, со оглед на тоа што, како што вели, повеќето луѓе, речиси 90 отсто од луѓето генерално, воопшто не знаат да дишат правилно, што е голем проблем за целокупното здравје.

„Секако, овие техники за дишење се особено важни за трудниците и им помагаат за време на породувањето. Инаку, пристапот за тоа што смее, а што не смее, колку и што треба да вежба, е индивидуален за секоја трудница. За практикувањето на јога нема препреки и ограничувања до кога смее да вежба. Секоја трудница вежба додека се чувствува удобно и додека може, бидејќи самите вежби се димензионирани и направени токму за трудници, со тоа што се избегнува притискање на стомакот, а се работи на цела мускулатура на телото. Станува збор за специфични јога-вежби со поголем фокус на релаксацијата и хормоналниот баланс“, вели Горан, а неговите ученички, од кои дел се веќе со стомак до заби, се задоволни од тренинзите и од тоа како нивниот инструктор ги води.

Повеќето од трудниците кои доаѓаат таму, претходно и не вежбале јога, туку почнале токму во бременоста.

Maja Атанасовска е во петтиот месец од бременоста, а почнала да вежба пред еден месец.

Таа вели дека чувствува како бебенцето ѝ мрда повеќе кога практикува наизменично дишење. На часовите по јога почнала да доаѓа по препорака на нејзина другарка која неодамна се породила, а инструкторот претходно не го познавала, но вели дека е задоволна.

„Ќe вежбам сѐ додека моето тело и килограмите ми го дозволуваат тоа, но планирам да продолжам со јога-вежби и после породувањето“, вели Маја.

И Кристина Пешевска претходно не практикувала јога, иако имала неколку обиди.

„Ова ми е прво искуство со редовно вежбање на јога. Дури имав и предрасуди дека јогата не е за мене, дека ќе ми биде здодевно и слично, но мило ми е што го сменив мислењето, со оглед на тоа што пред да останам бремена реакреативно вежбав кикбокс и латино танци. Со јога започнав пред неполн месец, но со оглед на тоа што сум сѐ уште во рана бременост, рано е за да можам да ги почувствувам движењата на бебето. Наскоро ќе дознаам“, вели Кристина.

Јога-инструкторот ѝ го препорачале нејзините пријателки кои имале искуство со јога вежби и тренинзи во текот на нивната бременост.

„Имам и пријатели на кои јогата им е дел од секојдневјето и стилот на живеење . Јас побарав на социјалните мрежи за да се информирам каде има јога эа трудници во близина и тоа ме доведе до Премиум спортскиот центар во Систина. Многу сум задоволна од тренинзите и од тоа како Горан ги води, а планирам да вежбам сѐ додека мојата состојба ми дозволува, се надевам до крај на бременоста. За понатаму ќе видиме, според желбите и околностите“, вели таа.

Третата соговорничка од групата трудници е Михаела Михајловска која исто така пред бременоста не практикувала јога.

„Претходно немам вежбано јога активно, со инструктор, меѓутоа од почетокот на студентските денови наваму имам практикувано пилатес и сега честопати наидувам на веќе позната вежба или поза за истегнување, што значи дека телото памти. Извесен период од почетокот на пандемијата практикував само пешачење, исто и до 20-тата недела од бременоста, од кога почнав да практикувам јога за бремени. Сега сум веќе во 8-миот месец од бременоста и честопати бебето знае да мрда во текот на јога часот, секогаш на различни вежби. Инаку, сама одлучив да почнам да вежбам јога за трудници, штом дознав дека тренинзите се организираат во време и место кое ми одговара, а како начин да се изрелаксирам, да се раздвижам и истовремено да го спремам телото за чинот на породувањето. Инструкторот не го знаев од претходно, а ме изненади пријатно неговата професионалност и прекрасниот начин на кој ги води часовите, за што говори и нашата редовност.

 Земајки го предвид фактот дека веќе сум во поодмината бременост, се надевам дека ќе вежбам непосредно до породувањето“, се надева Михаела.

И Јасмина Димитровска почнала со јога откако останала бремена.

„Со јога почнав откако останав бремена, после 12. недела од бременоста по препорака на неколку пријателки и секако, со топла поддршка од докторите како најдобра опција за вежбање за време на бременост. Моментално сум 20-та недела или 5-ти месец бремена. Имам чувство дека бебето ужива во секоја вежба и во секое мое движење за време на јога вежбите. Имам чуство дека е спокојно и смирено ужива во стомакот на мама“, вели Јасмина која била изненадена кога неколку доктори ѝ препорачале јога, меѓудругите, и ендокринолог.

„Поради покачен шеќер, ендокринологот кој го посетувам ми препорача да вежбам јога. Заради честата промена на расположението (поради хормоните), исто така ми препорачаа јога. И неколку гинеколози ми го кажаа и препорачаа истото, како и матичниот гинеколог. Инаку, иако не сум вежбала до бременоста, со нструкторот се знам од претходно, бидејќи сестра ми долго време практикува јога под водство на истиот инструктор. Се надевам дека вежбањето јога ќе ми биде доживотна практика токму благодарение на стручноста и професионалноста на нашиот инструктор“, вели Димитровска.

Повеќе