Ќе биде како што викам јас и точка! Дали сте премногу строг родител?

Психолозите нагласуваат дека родителите кои не дозволуваат дијалог и разговор всушност му прават на детето повеќе штета отколку корист.

153

Иако е разбирливо е дека како родители не можеме постојано да му угодуваме на детето и да му дозволуваме да прави сè по негова мерка, може да претераме и со поставувањето на границите, предупредуваат психолозите. Како што објаснуваат, многу родители знаат несвесно и ненамерно да претераат со строгоста, а ова се знаците кои откриваат дека родителот е можеби малку престрог.

Еден од најчестите знаци дека некоја личност можеби малку престрого пристапува кон воспитувањето и родителството воопшто е ако секогаш ги донесувате сите одлуки наместо детето. Секако, некои важни одлуки ќе ги носите исклучиво вие, но понекогаш детето може да избере облека за во градинка или училиште, како и да одлучи дали да го јаде или не целиот оброк за вечера.

Друга работа што често ја прават премногу строгите родители е да даваат наредби без детето да има можност да учествува во дијалог или разговор. Ако вие сте секогаш тој што ги поставува правилата, тоа може да биде знак дека сте малку престроги со вашето дете. Психолозите нагласуваат дека родителите кои не дозволуваат дијалог и разговор всушност му прават на детето повеќе штета отколку корист.

На ист начин, премногу строгите родители често имаат превисоки очекувања од детето. Одлично е кога родителите ги инспирираат своите деца, веруваат во нивните способности и им помагаат да ги постигнат своите цели, но психолозите нагласуваат дека не е добро да се претера. Всушност, тоа може да биде многу лошо.

Имено, постојаниот притисок на родителите да бидат најдобри во се може само да создаде притисок врз детето и да доведе до спротивен ефект. Ако често е под таков стрес, детето на крајот може да се исплаши, да стане несигурно и да ја изгуби самодовербата.

Премногу строгите родители се исто така склони кон постојана критика за која е познато дека на многу начини му штети на менталниот развој на детето. Дополнително, детето кое има родители кои го критикуваат секој ден или наоѓаат маани во секоја негова одлука, со текот на времето, навистина ќе почне да верува дека не е доволно добро.

Повеќе