Кога ќе посакате да ми изразите сочувство знајте дека мојата Ан не почива, таа живее меѓу ангелите

На родителите кои ќе го изгубат детето во овој материјален свет, вечноста во другата димензија им станува СЀ. Затоа, да се потрудиме да најдеме друга терминологија за утеха и да не ја солиме раната која треба да зарасне со Божја помош, порачува Јулија Мациевска на својот ФБ профил.

2.983

„Кога ќе посакате да ми ја изразите вашата сочувствителност, напишете нешто убаво за мојот Ангел. Јас не ги пишувам постовите заради тоа: „Нека почива во мир“, иако и на тој израз сум многу благодарна, така останало од памтивек, но не значи дека и мора така до памтивек“, им порачува Јулија Мациевска на своите пријатели на Фејсбук.           

Овој пост таа го објавила непосредно пред 40-дневниот помен за својата ќерка Андријана на 20. јуни.

„Се навршуваат 40 дена откако мојот Ангел Андријана, мојата АН, одлета кон Царството Небеско, кон Изворот, кон Отецот, кон Светлината, кон вечната безусловна љубов, кон животот во друга димензија…таму од каде што доаѓаме сите и еден ден повторно ќе се вратиме сите.

Затоа, од сесрце, сакам да споделам нешто многу важно за мене со вас драги луѓе. Јас долги години работам на своето духовно знаење и растење во Бога и тоа го споделувам со вас јавно на мојот профил. Јас сум жена која со целото битие верува во Бог и духовните вредности.

Иако поминавме тежок период со моето девојче, нас не нѐ напушти вербата во Бог. Ниту пак некогаш го окрививме Бог за она што ни се случува. Иако мојата Ан ми се откина од срцето, јас никогаш не го окривив Бог и силно верувам во Божјиот план, дека со причина ја одбра Ан.

Андријана е во одбраните од Бога, а и јас како нејзина мајка, зашто тоа е наш заеднички пат. Болката на мајката која, народски кажано, го „изгубила“ своето дете, не може да се опише со зборови. Но, ако имаме знаење за животот позади овој живот, тогаш свеста на ожалостената мајка е поинаква.Таа силно верува и знае дека нејзиното чедо е живо, иако е свесна за губитокот на физичкото тело.

Но во океанот на безусловна љубов таа почнува да се поврзува со нефизичкото тело на своето дете, со таа енергија која е вечна и не се губи со губитокот на физичкото тело.

 Можеби за многумина ова е неразбирлуво, јас и тоа го разбирам. Зашто не секој може да се поврза така со својот ближен, зашто пред сѐ, за тоа треба да се има прочитано знаење, искрен духовен живот во Бога и голема верба за да Бог ви ја покаже својата милост на тој начин“, вели Јулија.

Таа не негира дека мајката која го изгубила своето чедо веќе никогаш нема да биде иста. Напротив, дека доживува пад на сите нивоа, но дека сепак, мајката која е духовно свесна, може да се издигне и да почне една нова духовна комуникација со своето сакано чедо.

„Јас сум една од тие мајки, која верува во новиот живот на своето дете, само во нова димензија. Затоа што ако поверував дека со напуштањето на физичкото тело завршува сѐ, дека сѐ е мртво, требаше или да полудам досега или и мене да ме нема. На мојот духовен пат многу учев за патот на душата после смртта, а тоа исто го учеше и моето дете, мојот ангел на Земјата, сега на Небото. Затоа таа, кога имавме молитви кон Бога и немаше некои барања, туку нејзината најголема молитва беше: „Нека биде волјата Твоја, Господи“. Таа безусловно веруваше во Божјата правдина, без разлика на исходот што ја очекуваше од голготата која ја одеше. Веруваше во животот и после смртта и велеше: „Јас не се плашам од смртта, толку пати откако го одам ова, отидов и се вратив од таму. Страшното е во тоа што се доживува овде, на Земјата, додека се стаса таму…“, вели Јулија и порачува:

„Почитувани мои, иако некои луѓе веруваат во ова што сега го пишувам, има и такви кои нешто веруваат, нешто не. Ние не мора сите да веруваме во исто за да бидеме добри пријатели. Сите луѓе имаат добра намера, иако не делат исто мислење. Секој од нас има своја вистина и Бог за сето тоа има разбирање.

Јас овде само ја изнесувам вистината во која јас верувам.  Ангелите се живи битија, не се мртви.Тие за некои луѓе се и видливи, но се разбира, за повеќето не се. Затоа изразот „Нека почива кај ангелите“, треба да се одбегнува, затоа што ангелите се многу поживи и од нас. Затоа мојот Ангел не почива, не е умрен со ангелите, туку живее со ангелите, затоа што тие се живи и имаат големи задачи или функции во повисоките димензии“, пишува Јулија.

Во меѓувреме, беше промовирана и стихозбирката „Љубов за сите“ посветена на ликовната уметница Андријана Мациев, која содржи 55 песни, напишани од луѓе кои ја познаваат, но и кои воопшто не се сретнале со неа, но ја почувствувале нејзината енергија. На промоцијата на стихозбирката беа претставени и ликовните дела на Андријана кои таа ги создаде во својот краток, но плоден работен стаж.

„Многу мои Фејсбук пријатели напишаа прекрасни стихови, посвети за моето девојче, за Андријана, откако одлета како Ангел на небото. Но јас во тие моменти не бев во состојба да ги видам и да ги прочитам. Како што почнав да ги читам, решив во знак на благодарност и потсетување на мојата Ан, барем до 40 дена да ги објавам стиховите што им ги напишало срцето, бидејќи Андријана остави длабока трага и кај тие што ја познаваа и што не ја познаваа лично, но можеа да ја почувствуваат како душа. Потоа ми се јави писателката и драга пријателка Гордана Такец. Ми рече дека е инспирирана од овие посвети и дека сака да издаде збирка поезија со стихови посветени на Андријана, затоа што таа чиста душа го заслужува тоа. На некој чуден начин постојано добива пораки и ја чувствува Андријана. Ми рече: „Таква љубов, сјатена кон еден човек, да инспирира да пишуваат толку луѓе за неа, е неверојатна. Тоа е толку добра душа, полна со љубов, штом толку љубов ѝ упатија од сите страни, од знајни и незнајни, од лрофесионални и непрофесионални. Таа и како уметница со толку признанија и како човек, заслужува да се направи нешто по што ќе се памети вечно“, изјави Јулија на промоцијата.

Повеќе