Кога ќе разберете дека разводот не мора да значи војна?

Една прекрасна оставена жена, деновиве, во разговор на тема развод, ми рече: колку и да беше тешко, има разводот и добри страни. Вистински благослов за моите синови се нивните сестри од вториот брак на татко им! Можете да замислите каква добрина треба да има човек во себе за да каже вакво нешто?

406

Разводот е едно од најдраматичните случувања во животот на семејството, но колку и да ви се чини дека сте најнесреќните луѓе на светот, особено ако сте вие оној оставениот, еден ден ќе ви биде жал затоа што повеќе сте мислеле на себе, отколку на децата. А верувајте, еден ден ќе преболите, ама вашите деца ќе ги обележите засекогаш со омразата што сте им ја всадиле кон другиот родител.

Да, не е лесно, далеку од тоа, но за жал, има многу пострашни работи во животот. Кога еден ден ќе се соочите со некоја таква, сигурно ќе се сетите на моментите кои ви останале во сеќавање како најстрашни, ама ќе ви бидат смешни. А замислете која добрина треба да ја има човек во себе за да го сфати тоа многу порано, односно, на време.

Токму таква добрина во себе има една прекрасна оставена жена која во разговор на темата деновиве ми рече: колку и да беше тешко, има и разводот добри страни. Вистински благослов за моите синови се нивните сестри од вториот брак на татко им.

Замислете се себеси во таа ситуација и ако мислите дека можете некогаш и вие да размислувате на овој начин, најдете ја во себе таа добрина уште сега, додека не е доцна и додека не сте им всадиле на вашите деца омраза кон другиот родител или уште полошо, кон децата кои тој ги добил во вториот брак. Мислите дека се тие виновни за нешто? Па дури и другиот родител, кој е „виновен“, не значи дека престанува да ги сака своите деца во моментот кога ќе престане да ве сака вас! Дозволете си да го разберете тоа.

Многу психолози сметаат дека детето никако не треба да биде причина поради која треба да се остане во брак. Напротив, лошиот брак врз него ќе влијае многу понегативно отколку разводот, бидејќи тоа секако ќе забележи дека се случува нешто чудно. Затоа е потребно детето да се подготви за новонастанатата ситуација.

Најубаво би било кога семејствата, особено оние во кои има деца, за секогаш би останувале заедно, силни и неуништливи, ама за жал ова е се поретко. Па кога веќе не можеме да ги поправиме работите, тогаш да се обидеме да не правиме војни. Секогаш ме воодушевувале оние новонастанати семејства во кои имало толку љубов што успевале да направат релација и со старото семејство. Неодамна сретнав еден пријател кој при запознавањето со неговото семејство, ми рече: Запознај се, ова е мојата сопруга, ова е син ми, ова е нејзиниот син, а овој ни е заедничкиот. Трите деца направија ‘ршум бркајќи се наваму-натаму, ама сето тоа беше многу симпатично и секако, многу посимпатично отколку да си ги примопредаваат децата некаде на половина пат, а децата, и старите и новите кои сакале или не имаат еден заеднички родител, заслужуваат да бидат сакани од сите.

Детето на прво место

Кога станува збор за развод, родителите често грешат смислувајќи разноразни приказни кои им ги сервираат на децата, за да ја разубават или за да ја направат целата работа уште полоша. Но, ако сакате детето да биде искрено со вас, тогаш и вие морате да бидете искрени со него.
Ако се работи за две разумни суштества кои решението го гледаат само во разводот, тогаш нема да биде проблем со партнерот да направите договор со кој на извесен начин на детето ќе му ја олесните новата ситуација.
Разговорот со детето морате да го направите и двајцата, заеднички или одделно. Доколку се одлучите за втората варијанта, тогаш вашите приказни мораат да се совпаѓаат за да не го збуните и повредите вашето дете уште повеќе.

Познавајќи го своето дете, ќе може да претпоставите кои прашања ќе следат кога ќе му соопштите дека се разведувате. Подгответе адекватни одговори кои ќе се совпаѓаат.

Не бидете себични

Дури и ако вашиот партнер направил нешто ужасно, задржете го бесот за себе. Поради детето, никако не треба да му ја полните главата со тоа дека другиот родител е ваков или онаков, дека не треба да го сака и да го гледа и дека тој е едниствениот виновник за разводот на бракот. Сега тој/ таа, вам ви е поранешен сопруг/сопруга, а нему ќе му биде родител вечно.

Неретко се случува децата себеси да се гледаат како виновници за разводот на своите родители. Со оглед на тоа дека децата се тврдоглави, треба да бидете упорни во намерата да ги убедите дека нема причина да се чувствуваат така. Објаснете му дека вашата љубов кон него не може да исчезне без оглед на тоа што вие со другиот родител веќе не можете да функционирате.

Животот продолжува

Објаснете му детално на детето какви промени го очекуваат, каде и со кој ќе живее, колку често со кој родител ќе се гледа, во кое училиште ќе оди и евентуално, подгответе го за доаѓањето на свет на неговиот полубрат/полусестра. Каде и да престојува подолго и двајцата родители мора да му даваат неизмерно внимание и да имаат разбирање за депресијата која некое време ќе го следи.
За да има верба во семејството кое утре ќе го формира, направете да не се чувствува дека нешто кај вас двајца недостига, ако тоа воопшто е возможно.

Никако не смеете да ги запоставите децата, колку и да ви е тешко. Тие и нивното вистинско воспитување мораат секогаш да ви бидат на ум. Освен тоа, и вие ќе се чувствувате подобро и макар за момент ќе заборавите на тагата кога ќе ја здогледате детската насмевка.

Ако премногу тешко ви паѓа ова и ви изгледа како да губите контрола, не е срамота да побарате стручна помош.

Повеќе