Безбедносните експерти со години ги предупредуваат младите и нивните родители, за жал често неуспешно, за бројните опасности кои им се закануваат на интернет, особено на социјалните мрежи. За какви опасности зборуваме и колку тие можат да бидат фатални, покажа неодамнешното истражување на Network Contagion Research Institutea (NCRI) за sextortion, односно изнуда врз основа на уцена со сексуални фотографии.
Во центарот на нивното истражување е група сајбер криминалци од Африка наречени Јаху Бојс, а особено на удар се деца и тинејџери од САД и Австралија. Тактиките што ги користат се добро познати, а се чини дека тие ги усовршиле и подобриле, па своите совети, вклучувајќи и видео туторијали, ги споделуваат на Јутјуб, Тик-Ток и на други социјални мрежи и сервиси. Јаху Бојс, како и сличните сајбер-криминалци, се ноќна мора за родителите и децата, чии животи буквално ги уништуваат, а некои од нивните изнуди завршуваат и со трагичен исход.
Sextortion: Изнуда врз основа на уцена со сексуални фотографии
Како што објаснил Пол Рафил од NCRI, сексуалната изнуда (sextortion) е меѓународна закана што предизвикува „значителен број смртни случаи во САД“, бидејќи последиците од таквата измама можат да бидат толку страшни што водат до самоубиство.
NCRI особено нагласува дека криминалците за да стапат во контакт со младите луѓе ги користат Instagram, Snapchat и Wizz . Измамниците прво ја стекнуваат довербата на младите со тоа што се преправаат дека се, на пример, млади мажи или девојки и кога нивната врска станува поинтимна, тие почнуваат да им испраќаат голи фотографии (се разбира, тоа се фотографии што ги нашле од Интернет или од други луѓе) и бараат од нив да го сторат истото. Штом младите ќе наседнат на тоа и ќе почнат да ги испраќаат своите голи фотографии, измамниците престануваат да играат и почнуваат да уценуваат. Со оглед на тоа што при комуникација со младите веќе ги добиле нивните лични податоци, а имаат пристап и до нивните контакти од Фејсбук, Инстаграм или други социјални мрежи, почнуваат со закани.
Бараат пари од младите чии слики ги имаат, а доколку не добијат се закануваат дека ќе ги испратат нивните фотографии на сите што се на нивната контакт листа, односно на сите нивни пријатели, семејството и други познаници од виртуелниот свет. Но, оние кои на крајот ќе испратат пари преку посебни апликации, односно ќе купат различни ваучери, криптовалути и слично, нема да си го решат проблемот бидејќи криминалците постојано ќе бараат од нив повеќе пари.
За нив се пишуваат и рап песни
Во земји како Нигерија, Јаху Бојс дури стекнале некаква популарност што за нив се снимаа рап песни, а своето име го добиле затоа што често ја користат поштата на Јаху за нивните измами. Со оглед на тоа што ги споделуваат своите тактики и совети на популарните платформи, експертите за безбедност постојано ги прозиваат Мета, Снепчет, Тик-Ток и другите платформи дека не прават доволно за да го спречат ширењето на таков пропаганден материјал, кој потоа го користат други измамници, што само додава на проблемите и бројот на жртви изложени на такви измами.
Сите мора да работат на овој проблем – од големите платформи кои мора да го спречат ширењето на пропагандни материјали, институциите кои мора да ги предупредат родителите и децата за овој проблем, а секако и самите родители кои мора да ги запознаат своите најмлади со бројните опасности што им се закануваат на Интернет, но проблемот е што дури и многу родители не се свесни за таквите опасности. Имено, дури и постарите паѓаат на т.н романтични измами во кои жртвите, најчесто постари жени, не се уценувани со голи фотографии, туку мислејќи дека разговараат на пр. со американски војници, тие им праќаат пари за да дојдат во нивната земја да се запознаат. За жал, многумина сфаќаат дека се измамени дури откако испратиле илјадници или десетици илјади евра.
Извор: CNBC