Македонско-корејска љубовна приказна: Мораше ли баш толку далеку да се мажиш?

Наташа Андриеска е мажена за Кореецот Бјонгдо и веќе 5 години живее во Кореја. Нивното доаѓање во Скопје летово после цели 3 години било смислено како прекрасно изненадување за семејството на Наташа кое го снимиле и тоа е сега дел од големата колекција видеа на оваа млада македонско-корејска двојка јутјубери.

5.075

Дваесет и шестгодишната Наташа Андриеска од скопската населба Карпош веќе 5 години живее во Сеул, во Јужна Кореја, земјата во која се вљубила кога после една година студирање, во 2016.година добила стипендија и заминала таму преку програма за размена на студенти. На универзитетот каде што студирала посетувала интензивен курс по корејски и за помалку од година го научила јазикот, а веќе после првите 6 месеци можела да комуницира со локалци кои не знаат никаков друг јазик освен мајчиниот. Откако се вратила во Скопје, токму заради желбата да не го заборави јазикот почнала онлајн комуникација со Корејци и така го запознала и својот сопруг Бјонгдо.

„Приказната за тоа како се запознавме со сопругот е малку комплицирана, но интересна. Имено, додека бев таму, не се знаевме, а откако после 1 година живот во Кореја се вратив во Македонија (есента 2017), толку многу се вљубив во државата и градот Сеул што правев планови за повторно враќање во Кореја. Работев за да заштедам пари и имав план следната година да запишам факултет во Кореја, но за тоа да се случи ми преостануваа 10 месеци во Скопје. За да не го заборавам јазикот решив да комуницирам онлајн со Корејци преку апликација за размена на јазици. Токму на таа апликација го запознав Бјонгдо. Зборувавме по цели денови не само преку пораки, туку и преку видео повици. Во тој период јас бев тажна зашто морав да се вратам од Кореја во Македонија поради визата, но Бјонгдо ми помогна да се фокусирам на новиот план за повторно одење во Кореја. Додека зборував со него ми беше интересно и деновите ми минуваа многу побрзо. После еден месец откако се запознавме на интернет, тој реши дека не може да чека дури јас да отидам во Кореја (мојот план беше да одам за 7 месеци од тогаш) па реши да дојде и да ме посети во Македонија, а воедно и да се запознаеме подобро. Веднаш купи карта и дојде на 2 недели. Се запознавме во јануари, а тој дојде во Македонија на крајот на Февруари“, се смее Наташа раскажувајќи за почетокот на оваа македонско-корејска љубовна приказна.

За тие 2 недели Наташа му го покажала на Бјонгдо Скопје, биле на еден ден и до Охрид, го запознала со македонската храна, но најважно од сѐ, цело време биле заедно, иако Наташа во тој период работела. Така станале и вистинска двојка, а не само виртуелни пријатели.

Нели можеше да си најдеш некој во Македонија?“

„Откако Бјонгдо се врати во Кореја, следните 6 месеци комунициравме секој ден, без исклучок. Есента во 2018 заминав во Сеул и од тогаш јас и Бјонгдо сме постојано заедно, неразделни. На почетокот, кога моите дознаа дека е Кореец не беа баш среќни и реагираа во стилот: „па зошто мораше да биде Кореец? Нели можеш да најдеш некој поблиску, нели можеше да си најдеш некој во Македонија?“

Така што на почеток не беа баш ЗА, ама кога видоа колку сум среќна, се согласија, па сега велат дека ако јас сум среќна, тогаш и тие се среќни.

Првата средба беше малку незгодно бидејќи не се разбираа, но за брзо време се опуштија. Тој знае само корејски, а моите знаат само македонски, па единствен начин на комуникација беше јас да им бидам преведувач. Бјонгдо полека учи македонски зборчиња, но сѐ уште не е доволно за да воспостават нормална комуникација.

Сепак, нему во Македонија му е многу интересно. Му се допаѓа тоа што тука е мирно и животот не е брз како таму. Му се допаѓа нашата природа, обожава да седи на тераса опкружен со цвеќиња и дрвја додека го слуша звукот на птиците. Исто така воодушевен е од Македонците кои му оставија многу добар впечаток и го поздравуваат и му се насмевнуваат каде и да оди.

 Во маркет на каса со насмевка не пречекуваат, кога тој бил сам му помогнале да фати ви-фи и му помогнале да се снајде со денарите. Каде и да одиме луѓе застануваат и го поздравуваат, а тој вели дека иако не го разбира јазикот може да почувствува дека Македонците се фини, мили и генерално, луѓе со добра душа.

Тоа за луѓето, а инаку најголем впечаток му остави Охрид и се разбира, македонската храна. Тука првпат во животот проба бело сирење, па сега му е омилена шопската салата, а многу му се допаднаа и бурекот со месо, селско месо во бел сос, грав, пржени лебчиња со сирење, ориз со месо…Кога седнуваме некаде најчесто јадеме паста и пица или салати и месо. Бјонгдо не пие алкохол, но ја проба нашата ракија, домашна ракија од 50% и се изгоре. Рече дека цело време му останува вкусот и горењето во грлото. Не можеше да испие цела чашка, се напи само една голтка“, се смее Наташа.

Претходно Бјонгдо раководел со Голф клуб, а сега и двајцата се јутјубери. Цело време го посветуваат на креирање видеа, па така си овозможиле и тримесечен одмор летово во Македонија. Таа претходно ги излажала родителите дека немаат доволно пари за да дојдат, па нејзиниот татко разочаран заради ова, дури ѝ понудил тој да им ги плати картите, но ова било само дел од планот нивното доаѓање да биде изненадување кое ќе се најде и на едно од нивните видеа на јутјуб.

За животот во Кореја

„Откако се омажив почнав да работам во градинка, главно предавав англиски јазик на деца од 4-6 години, но исто така и се грижев за нив и преведував документи од англиски на корејски и сѐ што ќе ми зададеше шефицата. Ама моментално и јас и мажот се занимаваме со јутјуб.

Ние уште од почетокот обожававме да шетаме и да се сликаме. Имаме многу слики од секое место каде што сме биле, дури некогаш и снимавме кратки видеа за да ни останат како спомен, но не ги објавувавме. Па така еден ден Бјонгдо предложи да пробаме да снимиме подолго видео и да го објавиме на јутјуб. Кога почнавме ни стана интересно па продолживме константно да објавуваме видеа. Потоа видовме дека добро се заработува, па решивме редовно да ставаме видеа. Не е лесно, но е навистина интересно. Секој месец заработуваме различна сума во зависност од тоа колку сме биле активни и колку гледаност имале видеата. Моментално јутјуб е начинот на кој заработуваме односно тоа е нашата работа“, објаснува Наташа која ниту за момент не се покајала што се омажила и се преселила во Кореја.

Иако сѐ ѝ било ново, брзо се прилагодила на новиот живот.

„Имав многу пријатели кои имаа проблеми со културата, храната, јазикот и слично, но јас се прилагодив на сѐ исто како цел живот да сум живеела таму. Многу ми се допадна редот кој го има Кореја како држава. Сите луѓе се културни, ги почитуваат правилата и свеста на граѓаните е на многу високо ниво. Корејците работат напорно, работното време е од 9 до 18 часот, а многумина работат и прекувремено. Најниска плата е околу 85.000 денари. Стандардот е висок, но и платите се високи. Животот во Сеул е скап бидејќи Сеул е еден од најскапите градови во светот. На пример најевтиното кафе во Старбакс е 200 денари, а инаку кафе во убаво средено кафуле може да биде и околу 300-450 денари. Кога излегуваме обично трошиме по 2-3.000 денари за јадење (некогаш знаеме да се почестиме и со нешто од 4.500) и 550 денари за кафе. Многу често Корејците не завршуваат само со вечера туку после јадење, следува кафе, па пијачка, па одат на караоке, на голф, куглање и слично. Кога излегуваат не одат на едно место каде што ќе седат со часови, туку одат на 2-3 места).

А кога сме кај храната, јас бргу се навикнав на корејската кујна иако е поразлична од нашата. Обично имам проблеми со желудникот, но кога јадам корејска храна се чуствувам подобро, можеби зашто тие не јадат леб,  туку ориз. Има многу видови на зеленчуци, месото е многу многу меко и се топи во уста, а храната не е солена или зачинета, туку е лута или пикантна, а тоа ја прави уште повкусна! Омилено јадење ми е секој тип месо на скара, пржена кокошка, кимчи супа, токбоки, а нешто што не јадам се јадењата со сирово месо“, признава Наташа.

Како и со сѐ друго, на Наташа лесно ѝ одело и вклопувањето во семејството на Бјонгдо.

„Маж ми има една постара сестра и родители и со нив комуницираме на корејски јазик без проблем и сме во навистина добри односи. Тие немаа слушнато за Македонија, но сега се заинтересирани и сакаат да дојдат некогаш да ја посетат. Ме сакаат како своја ќерка, а јас ги сметам за мое второ семејство, односно, ги гледам како моето корејско семејство. Односите таму во семејствата се слични како кај нас, само што таму малку повеќе се почитуваат постарите. На пример, кога се седнува на маса се чека да почне да јаде најстариот, па после сите останати. Или на пример, не смее да се пушат цирари слободно како кај нас пред родители, а кога се пие алкохол се прикриваат или ја вртат главата настрана од постарите. Исто така, постарите ги адресираат поинаку, на пример, родителите, постарите сестри, браќа, роднините, не ги викаат по име во никој случај, туку „дадо“, „бато“, „чичо“, “тето“, итн…“, раскажува Наташа за својот живот во Кореја.

Вели дека јужнокорејците не се замараат многу со Северна Кореја и немаат контакти со севернокорејците, но дека има бегалци оттаму кои кога ќе дојдат во Јужна Кореја добиваат од државата куќа и им овозможува да почнат нов живот.

Во моментов, Наташа и Бјонгдо уживаат со семејството на Наташа во Македонија и се обидуваат што повеќе да му покажат на зетот, а за тоа овојпат имаат на располагање цели три месеци колку што тие планираат да останат тука. Сега, нивните гледачи на јутјуб ќе можат преку нив и преку нивните доживувања да се запознаат и со Македонија и со Македонците, а омилената корејска снаа, нашата Наташа и нејзиниот Бјонгдо се целосно посветени на тоа и неуморно снимаат видеа од нивното секојдневје во Македонија.

Повеќе