Многу љубов, ама не и попуштање: За да може детето да порасне во добра личност потребна е и јасна дисциплина

Тоа што му попуштате на вашето дете кога не треба не е љубов, туку ваша неспособност да се справите со вината. На долг рок, му правите лоша услуга на детето, бидејќи светот нема да се однесува со него онака како што го третирате вие.

273

Бидејќи постојано зборуваме за љубовта што децата мора да ја добиваат во нивните семејства за да бидат здрави личности, на ред е да зборуваме и за тоа што е родителска одговорност.

Прво, родителска одговорност е менталното здравје на самите родители. Ако родителот не е емоционално писмен, и не знае како се чувствува, кога и зошто, нема да може да го научи детето на тоа.

Второ, родителот мора да може да ја препознае сопствената вредност, за да не се однесува кон сопственото дете со истиот презир со кој се однесува кон себе.

Трето, родителот мора да разбере дека идејата да има дете, како и идејата да нема дете, е подеднакво себична. Не постои такво нешто како алтруистичка одлука, за што било. Сè што правиме, го правиме од сопствени потреби. Свеста за ова ја зголемува можноста да се разбере дека одлуката да се има дете подразбира одредена доза на одговорност кон детето, но и кон другите членови на општеството.

Во превод, за да израсне детето во добра личност не е потребна само љубов, туку и јасна дисциплина. Потребно е родителот да научи како да поддржи одредено однесување кај детето и да ги слуша потребите на детето.

За воспитување на детето е одговорен родителот и многу е важно да биде свесен дека тој го воспитува детето, а не детето него.

Ова произлегува од еден многу важен аспект на приказната, а тоа е способноста да се биде виновен.

Најважниот дел од родителската одговорност е способноста да ја преземете вината откако ќе направите нешто што на детето не му е по волја. Родителството е пренос на вредности. Ако не можете да се справите со вината како последица од неодобрувањето на вашето дете за вашите постапки, ќе создадете многу лоши долгорочни последици за детето.

Попуштањето на вашето дете кога не треба не е љубов, туку ваша неспособност да се справите со вината. На долг рок, му правите лоша услуга на детето, бидејќи светот нема да се однесува со него онака како што го третирате вие.

Затоа, најважното нешто што мора да можете да го направите како родител е да си признаете себеси дека сте човек, дека сте способни да правите грешки и дека е тоа во ред. Не постои совршен родител. Исто така, мора да можете да си признаете и да реагирате доколку забележите дека на детето не му е добро или дека се случува нешто што може да го загрози детето, вас или другите луѓе.

Не можете да го заштитите детето од светот и од социјалната средина оние 2/3 од времето кое детето го поминува надвор од домот. Меѓутоа, ваша одговорност е да разберете дека мора постојано да знаете дали детето е добро или не. Никогаш нема да ги знаете деталите, бидејќи комуникацијата помеѓу родителот и детето никогаш не е целосно отворена, но можете да знаете дека нешто не е како што треба.

Голема заблуда е дека родителите не знаат што се случува со нивните деца. Родителите гледаат, но не сакаат да знаат. За да станете родител, не ви треба диплома, сертификат или ментално здравје. Затоа, родителите се исти онакви како луѓето што ги среќавате: несовршени, често во големи проблеми. Сепак, родителите се авторитети за децата и нивното мислење е најважно.

Потрудете се да сфатите дека сте одговорни да реагирате кога ќе видите.

Текстот е од ТУКА.

Повеќе