Мобилни гинеколошки клиники за зголемен пристап до гинеколошки услуги за најранливите жени и девојчиња
Во изминатите три месеци, мобилните гинеколошки клиники спроведоа прегледи во неколку општини – Свети Николе, Врапчиште, Градско, Лозово и Чешиново – Облешево. Имплементацијата на овие услуги е поддржана преку проектот „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на ковид-19, во Македонија, финансиран од Фондот на ОН за одговор и заздравување од ковид-19.
Министерот за здравство, Беким Сали, претставници на семејството на Обединетите нации (ОН) во Македонија и претставници од димпломатскиот кор ја посетија локацијата на мобилната гинеколошка клиника во Чешиново – Облешево за да го видат спроведувањето на овие услуги на терен. Целта на воспоставувањето на мобилни гинеколошки клиники е да се овозможи зголемен пристап до гинеколошки услуги, особено за најранливите жени и девојчиња во тешко достапни региони што беа под големо влијание на пандемијата ковид-19.
„Заедничката Програма „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на ковид-19 во Македонија” се покажа како успешна активност со цел подобрување на пристапот до сексуално и репродуктивно здравје, имунизацијата и услуги за поддршка на родово базирано насилство на жените, адолесцентите и децата, со посебен фокус на најранливите категории во оддалечените места и недоволно опслужените области”, рече министерот за здравство, Беким Сали. „Сето ова немаше да биде реализирано без поддршка на УНФПА, УНИЦЕФ и СЗО во координација со канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации, контрибуциите на владите кои придонесоа со свои средства во Фондот за одговор и закрепнување на ОН за ковид-19, како и националните партнери. За сето ова им изразувам огромна благодарност!”
Во изминатите три месеци, мобилните гинеколошки клиники спроведоа прегледи во неколку општини – Свети Николе, Врапчиште, Градско, Лозово и Чешиново – Облешево. Имплементацијата на овие услуги е поддржана преку проектот „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на ковид-19, во Македонија, финансиран од Фондот на Обединетите нации за одговор и заздравување од ковид-19.
„Една од најголемите предности на оваа програма е можноста брзо да се делува за цела низа од здравствени потреби, често директно кај лицата со најголем ризик и во регионите со слаб пристап до овие услуги”, рече Росана Дуџак, Постојан координатор на Обединетите нации во Македонија. „Уште поважно е тоа што активностите и услугите што се воспоставени преку оваа заедничка програма се инвестиција во иднината, за зголемен квалитет на здравствените услуги за сите, без оглед на пандемијата.”
„Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на ковид-19 во Македонија” е заедничка програма што им помогна на властите да се зголеми пристапот до основни здравствени услуги во контекст на ковид-19 преку надоградба на веќе направените, значајни инвестиции за зајакнување на здравствениот и социјалниот систем, спречување на ширењето на пандемијата, и обезбедување на соодветен здравствен одговор во разни здравствени кризи.
Преку Програмата се воведени неколку иновативни здравствени услуги, како мобилните гинеколошки клиники што посетуваат потешко достапни региони, а вклучувајки и регистар за е-имунизација, чија цел е да се подобри собирањето на податоци и пресметка на опфатот со вакцинација, комуникација со население што има отпор кон вакцинација, и зголемување на свеста за сексуалното и репродуктивно здравје, како и за родово-базираното насилство. Овие подобрени услуги покриваат утврден недостаток што се појави со почетокот на ковид-19 и овозможуваат ефикасно, навремено собирање на податоци важни за политиките за имунизација, истовремено придонесувајќи за поголема поддршка од јавноста и професионалците за вакцинацијата.
Програмата е насочена кон ранливи категории на жени, девојчиња и деца, особено тие што живеат во оддалечени региони од земјата, а што би имале големи придобивки од здравствени услуги поврзани со сексуално и репродуктивно здравје, имунизација и психо-социјална поддршка. Имплементацијата на програмата започна во јануари 2021 и ќе трае до крајот на март 2022, со вкупен буџет од $850,000 финансирани од Фондот за одговор и закрепнување на ОН за ковид-19.
Програмата се имплементира од три агенции на Обединетите нации, Фондот за население на ОН – УНФПА, Фондот за деца на ОН – УНИЦЕФ и Светската Здравствена Организација – СЗО, во координација со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија, како и во партнерство со клучни национални партнери, вклучувајќи го министерството за здравство, министерството за труд и социјални политики. Вклучени се и директоратот за e-Здравство, Здружението на гинеколози и обстетричари, Комитетот за безбедно мајчинство и новороденчиња, Македонското здравствено здружение, Македонското здружение на сестри и акушерки, Универзитетската клиника за Психијатрија и граѓански организации.
Оваа заедничка програма е овозможена благодарение на придонесите кон Фондот за одговор и закрепнување на ОН за ковид-19 од владите на Норвешка, Холандија, Швајцарија, Данска, Шведска, Кореја, Финска, Австрија, Обединетото Кралство, Шпанија, Нов Зеланд, САД, Исланд, Хрватска, Португалија, Тајланд, Словачка, Романија, Камбоџа, Кипар и Филипини.