Најлошото нешто што можете да го направите кога на детето му е досадно

Досадата е многу важен фактор за развој на креативноста и имагинацијата, за сето она што го чека детето во животот, посочува познатиот експерт за рано поттикнување на детската интелигенција, доктор Ранко Рајовиќ

1.788

Досадата има лоша репутација – децата се жалат на неа, возрасните се плашат. Сепак, досадата всушност не е толку лоша. Напротив, има многу предности, особено за најмалите.

Познатиот експерт за рано поттикнување на детската интелигенција, доктор Ранко Рајовиќ, неодамна ги одвел студентите на обиколка на едно селско домаќинство за да им покаже како луѓето порано се справувале со досадата.

„Денес здодевноста како елемент на развојот на детето речиси и да не постои. Пред 20 до 30 години беше нормално детето да каже дека му е досадно, а родителите да му одговорат да оди да си игра. Денеска, веднаш му нудиме 20 канали на телевизија, видео игри, телефони… Детето, за жал, не знае како да го реши проблемот со досадата“, објаснува тој во видеото објавено на веб-страницата на НТЦ системот за учење преку игра, чиј автор е токму Рајовиќ, а се применува во детски градинки и училишта во 14 држави во Европа.

Доктор Рајовиќ посочува дека досадата е многу важен фактор за развој на креативноста и имагинацијата, за сето она што го чека детето во животот.

„Денес децата се учени да добијат сѐ што сакаат. Ако нешто не можат или не го добијат, прагот на толеранција не е низок, туку веќе не постои. Фрустрацијата е голема, се појавува агресија. Всушност, со тоа што не дозволуваат кај детето да се развие чувство на досада, му правиме лоша услуга и му штетиме за подоцнежните фази на развој“, вели тој.

Повеќе