Наместо за одвикнување на пушачите од никотин, кога го користат децата стануваат зависни од никотин

Станува збор за никотински кесички кои се продаваат во пакувања како за бонбони, изгледаат шарено и модерно и иако на декларацијата пишува дека не се за малолетници, во земјава многу лесно до нив доаѓаат и деца.

98

Популарно ги викаат „снус“, а всушност станува збор за никотински кесички. Оригинално наводно измислени како производ за одвикнување од пушење, никотинските кесички се најпопуларни кај тинејџерите како алтернатива на цигарите. А некои од нив содржат и 13 пати повеќе никотин отколку што има во една цигара

Се продаваат во пакувања како за бонбони, изгледаат шарено и модерно и иако на декларацијата пишува дека не се за малолетници, во земјава многу лесно до нив доаѓаат и деца.

Кај нас децата немаат проблем да дојдат до овој сѐ попопуларен производ.

Да е парадоксот поголем, „снусот“ бил увезуван како тутунски производ сѐ до моментот додека на надлежните не им станало јасно дека тој не содржи тутун. Тоа значи дека воопшто не смеел ниту да почне неговиот увоз.

Никотинските кесички, кои популарно се наречени „снус“, пред сè, наменети се за пушачи кои сакаат да се одвикнат од цигари или за пушачи кои имаат потреба од никотин, но во моментот се на место на кое е забрането да се запали цигара. Никотинскиот прашок се конзумира така што кесичката се става во устата меѓу усната и непцето.  

Кога ќе се отвори, пакувањето содржи бели кесички со силно изразен мирис на ментол, но го има и со други мириси и вкусови. Едното пакување чини околу 300 денари или повеќе.

На пакувањето има декларација со многу ситни букви. Се предупредува дека производот содржи никотин кој предизвикува зависност и е штетен по здравјето, како и дека е забранет за малолетници.

Според експертите, луѓе што го употребуваат за да се одвикнат се веќе зависни од никотин и го користат за да се ослободат од дел од зависноста. А кога го користат млади луѓе од 12 до 16 години, тие всушност стануваат зависници. Исто така, загрижувачка е и високата концентрација никотин во кесичките која се движи од 8 до 13 милиграми по кесичка. За споредба, според Законот за тутун, во една цигара не смее да има повеќе од еден милиграм никотин.

Големата концентрација на никотин внесена во организмот посебно кај младите, кај кои никотинот е многу потоксичен отколку кај возрасните, може да предизвика повеќе здравствени потешкотии, од главоболка, вртоглавица, намалена способност за расудување, намалена меморија, успорен физички и ментален развој, срцебиење, покачен крвен притисок, мачнина, гадење, повраќање.

Повеќе