Од маченички до шефици: Еве неколку типови на свекрви како што ги опишуваат снаите

Најмногу мразам стереотипи, особено оние за свекрвите и снаите. Толку се длабоко вкоренети што на жените им е речиси непријатно да кажат ако добро им оди со свекрвата, односно, со снаата. Мислите дека е тоа невозможно? Само дајте си шанса!

790

Секоја мајка мисли дека еден ден ќе стане идеална свекрва, но многумина се сопнуваат на патот. Наместо семејна идила, нивниот живот благодарение на лошата динамика со новата жена во срцето на нивниот син, се претвора во кошмар. Навистина ли мора да е така?
Нарушената врска меѓу снаа и свекрва можеше да се поправи со малку здрава интроспекција од двете страни, но требаат и ладни глави. Затоа, не е чудно што свекрвите често претеруваат во обидот да го задржат местото што го имале во животот на синот, додека снаите со нокти и заби го спасуваат својот гол живот и новостекнатата територија. Прочитајте на што им замеруваат снаите на, како што велат, токсичните и љубоморни свекрви.

Лицемерна свекрва
Оваа ситуација опишува свекрва која е љубезна кон својата снаа, но зад грб е подготвена да се жали на неа. Кога ќе ја соочат со ваквото дволично однесување, најчесто тоа го негира или вели дека сето тоа било само недоразбирање.

Свекрва критичар
Оваа свекрва верува дека може да направи нешто подобро од нејзината снаа. Таа се натпреварува да покаже дека нејзината снаа не ѝ е ни до колена. Дури и кога ќе ѝ се укаже на ова однесување, таа наоѓа начин да реагира преку критики, а снаата ја прикажува како недоволно добра.

Неблагодарна свекрва
Неблагодарната сорта на свекрви никогаш не покажува благодарност за она што го прави снаата за неа. Таа упорно ја игнорира љубезноста на својата снаа, која ја зема здраво за готово. На крајот на краиштата, кој ѝ е виновен? Таа и онака ништо не барала од снаата!

Свекрвата злопамтило
Никогаш не заборава и секогаш замерува за нешто. Памти подолго од желките од Галапагос. Денеска може да наброи најмалку десет грешки што ги направила нејзината снаа пред десет години. Се концентрира на неважни работи од кои прави проблеми од катаклизмични размери за да се прикаже како повредена и тажна.

Свекрва која споредува
Сегашната снаа ја споредува со бившата. И бившата не ѝ се симнува од усните. Тие биле најдобри пријателки. Се слушаат и денес. Постојано ќе повторува колку нејзиниот син бил среќен со бившата. Освен тоа, првата е секогаш поубава и поспособна од сегашната снаа.

Свекрва узурпаторка
Таа се однесува како да е сопруга, а не мајка. Се обидува да се меша секаде каде што може во животот на нејзиниот син. Ќе му ги готви омилените јадења, ќе му ги пегла кошулите, ќе пече колачи и генерално ќе се однесува како снаата да нема право на глас, како таа да му е попатен гостин во животот.

Наметлива свекрва
Ќе направи се за да го привлече вниманието на нејзиниот син. Ќе му се јавува за секоја ситница, дури и кога сигурно знае дека е зафатен. Нема потреба да се трошат зборови околу ненајавените посети.

Свекрва алапача
Без пардон ја озборува снаата пред синот. Секоја ситница е повод да му покаже на синот колку лошо се оженил. Можеше и подобро.

Свекрва воспитувачка
Таа ги одгледала своите деца и затоа мисли дека има право да ѝ кажува на снаата како да ги одгледува внуците. На крајот на краиштата, да не завршела таа добра работа, нејзината снаа немало да се омажи за нејзиниот син. На снаат без задршка ќе ѝ посочи дека е лоша мајка и што треба да промени во начините на воспитување. Нека учи од мајсторот.

Свекрва без граници
Буквално, таа не почитува никакви граници. Не знае кога да застане и да се повлече.

Пасивно-агресивна свекрва
Нејзиното оружје е саркастичното подбоцнување. Но, тешко е да ја спречите, бидејќи нејзините пораки не се директни. Па да, таа само се шегува.

Свекрва Вегета
Се меша во се, па и во бракот на синот. Провоцира драма и често го турка носот каде што не му е местото. На пример, кај приватните работи на снаата.

Свекрва која исклучува
Не ја кани снаата на семејни настани или ја кани во последен момент. Во планирањето без причина го вклучува синот, па дури и внуците, но каде што може ја испушта снаата.

Свекрва маченик
Таа секогаш наоѓа причина за вознемиреност и притоа бара поддршка од својот син. Од малите нешта прави драми и претстави за да покаже колку е повредена и вознемирена поради постапките на нејзината снаа. Полесно е да ја расплачеш отколку да ја насмееш.

Свекрва шефица
Што и да направи или да организира снаата, таа ќе се обиде да ја преземе контролата над тоа. Ако снаата организира вечера, ќе ѝ каже што да се готви и како треба да седат гостите. И, се разбира, ќе ги преземе заслугите. Затоа што без неа би било жива катастрофа.

Повеќе