Од здрав-прав до инвалидска количка и живот со мисија: Активист за правата на луѓето со попреченост и вечно вљубен сопруг
Гере Трипков е главниот „виновник“ за неодамнешната модна ревија на лицата со попреченост и модниот бренд ЗЕН наменет токму за нив. Речиси 13 години и самиот е лице со попреченост и својот живот го посветил на борбата за нивните права, но го исполнил и со многу љубов, онаа која ја имаат тој и неговата сопруга и верна друшка – Симона
Гере Трипков завршил студии по меѓународни односи на Универзитетот во Варшава, Полска, тој е креативец, лајфстајл коуч и активист за правата на лицата со попреченост.
Речиси 13 години и самиот живее како лице со попреченост, а од пред 7 години активно работи на полето на подобрување на општествените прилики за маргинализираната група граѓани и зголемување на свеста за потребите и правата на најранливите.
Токму тој е заслужен и за неодамнешната ревија и промоција на ЗЕН, првиот бренд за адаптирана облека, што треба да го олесни функционирањето на лицата со попречености, кога се работи за облекувањето и преоблекувањето.
„Токму со таа цел одлучивме да ја креираме првата адаптирана облека за специфичните потреби на лицата со попреченост. Скроивме гардероба која можат лесно да ја користат тие самите или по потреба, нивните родители или оние кои им помагаат во оваа активност.
Имавме ревија на која гостите 45 минути непрестајно ракоплескаа, на која видовме фантастични креации создадени од нашиот креативен тим во кој освен мене, дизајнерски и креаторски печат внесоа и Ена Зафировска Трајкова и Сара Величковска.
По модната ревија имавме и изложба на портретите на сите учесници, вкупно 31 на број, со нивна животна биографија и порака до општеството, коктел и музичка програма. Енергијата не се опишува, треба да се доживее“, се потсетува Гере на овој убав неодамнешен настан.
ЗЕН колекција: моден бренд за адаптирана облека
Според него, облеката која постои на пазарот и е наменета за пошироката популација е мачна за облекување од страна на лицата со попреченост.
„Да речеме, некој има пократка рака или фат, па се мачи да се облече и тоа искуство знае да биде стресно, понекогаш и фрустрирачко. Ако лице кое нема попреченост се облекува за 2 минути, тоа за лицата со попреченост и нивните родители и асистенти може да трае и до 20 минути или 10 пати подолго.
ZEN колекциите ќе го намалат времето потребно за дотерување и преоблекување за лицата со попреченост, ќе им пружи поголема самодоверба и независност, а ќе им донесе и радост и повеќе време во нивниот живот за искуства, наместо за стрес при облекувањето“, објаснува овој млад човек со необична лична приказна.
Од здрав-прав до инвалидска количка
Гере до својата 29-та година не бил воопшто свесен дека има вродена состојба која ќе го донесе до инвалидската количка, ниту пак дотогаш имал некои значајни здравствени предизвици.
„Во 2009-тата година, по влошување на здравствената состојба и чувството во пределот на долните екстремитети, мојот живот се промени за 360 степени“, раскажува нашиот соговорник кој со своето здружение „Equality“, работи на етаблирање и соодветен третман на лицата со попречености и е вклучен во иницијативи кои имаат за цел инклузија на луѓето кои им припаѓаат на маргинализираните групи во општеството.
„По студиите во Варшава се вратив во Македонија со цел да го искористам моето знаење за доброто на мојата татковина.
Повеќе од 10 години работев во највисоки владини институции, а моето претходно работно искуство вклучува и работа во приватен и невладин сектор“, раскажува тој.
Сепак, искуството во полето на инклузијата и општествената одговорност доаѓа по неговото лично искуство и откривањето на вродената состојба, поради која нагло му се одземале чувството и функцијата на долните екстремитети.
Живот со мисија
„Од тогаш живеам живот со мисија за поддршка и афирмирање на ранливите групи граѓани, со особен акцент на заедницата на лицата со попречености, иако отсекогаш сум „влегувал“ во чевлите на оние кои се ранливи во заедницата и општеството.
Попреченоста не познава раса, пол, верска или етничка определба.
За сите нас, попреченоста е алката која не спојува, не постои неможност за комуникација во нашата заедница.
Можеби нашите животи се предодредени да сведочат на другите дека животот е убав доколку само се погледне од поширока перспектива“, резонира тој.
А дека Гере е навистина посебен во најубавата смисла на зборот, зборува и неговиот приватен живот кој, освен со работа, е исполнет и со љубовта која ја имаат тој и неговата сопруга Симона.
За љубовта и бракот со Симона
„Настанот кој не спои беше Постер фестивалот, кој го организираше мојот брат, Лазе Трипков, инаку, професор по графички дизајн.
Во тоа време, пред 9 години, Симона беше еден од нашите волонтери.
Од тогаш, нашето пријателство се прероди во љубов, а љубовта во безрезервна поддршка, разбирање и взаемна фасцинација.
Симона е дефинитивно човек со длабоко срце, трпеливост, разбирање. Би сакал сите да имаат можност во животот да запознаат човек каков што е мојата сопруга, Симона“, раскажува со љубов Гере.
Се потоа било логичен след на настаните, па така и интимната свадба која ја направиле во еден од скопските ресторани со поглед на градот.
Иако не работат заедно, Симона која е по професија графички дизајнер, е емотивно поврзана со сите проекти, а како графички дизајнер, е и директно вклучена во сите проекти на здружението „Икуалити“.
„Симона е човек кој секогаш цврсто застанува зад се она што го обмислувам, затоа што верува во мојата мисија како човек кој работи искрено, со целосна предаденост и упорно, со цел создавање подобри услови и квалитет на живот за нашите другарки и другари од ранливата група граѓани“, вели Гере.
Двајцата имаат отворена и искрена комуникација и толку добро се познаваат што точно знаат кој кога треба да отстапи, а кога да пријде, да пружи рака и поддршка.
„Несогласувањата ги надминуваме без да паметиме дека воопшто постоеле и ако воопшто и ги имаме, не се однесуваат на најзначајните, животните и егзистенцијалните прашања.
Тоа е убавината на нашата индивидуалност, почит, но и меѓусебна усогласеност.
Создадовме идеален баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.
Секогаш сме тука еден за друг.
Бидејќи обајцата работиме креативна работа, се надополнуваме и си помагаме.
Имам особена почит кон тоа што го работи таа и тука сум за да ја поддржам, затоа што верувам во нејзиниот огромен потенцијал и желба преку уметноста и дизајнот да инспирира, мотивира и да го менува светот.
Таа пак застанува цврсто зад тоа што го работиме во здружението „Икуалити“ затоа што верува во човековата димензија на секој еден проект и резултат“, ни ја пренесува овој интересен соговорник својата идилична семејна атмосфера.
Проекти и активности за поинклузивно општество
Гере и неговото здружение имаат зад себе повеќе проекти, меѓу кои и фестивалот на инклузија кој оваа година го имаше своето 3-то издание.
„Фестивалот на инклузија, заедно со проектот за млади, вклучително и лица со попречености, насловен „ЗЕН 2.0 Караван“ и проектот ZEN* – адаптирана облека, се носечките проекти во портфолиото на „Икуалити“.
Во потесниот тим имаме 4 лица, но и се поголема мрежа на волонтери и поддржувачи“, вели тој.
Покрај сето ова, нашиот соговорник е и тренер за личен и животен развој кој преку авторската програма „CoSense“ нуди поддршка, пред се, на лица со попреченост и нивната најблиска околина, нивните родители.
„Целта ни е низ различен тип на методи за личен развој да поддржиме духовен раст кај овие лица од ранливите категории, но и кај нивните најблиски, кои понекогаш, за да обезбедат квалитетен живот за нивните деца, се лишуваат од приватниот живот и од своето приватно време и во целост ги прилагодуваат на потребите на нашите другарки и другари.
Оваа програма ја користиме и за сите оние кои посакуваат да направат животна промена со цел подобар квалитет во живеењето, постигнување на физичка и психолошка спремност за сите животни предизвици и исполнет живот“, објаснува Гере.
Неговата и мисијата на здружението „Икуалити“ вклучува подигнување на свеста и едукација на локалните заедници, но и нивно директно вклучување во нивните проекти.
„По сите податоци и евалуации кои ние како здружение „Икуалити“ ги спроведуваме, лицата со попреченост индивидуално, но и групно, заземаат се поголемо место во локалните заедници. Заедно со нас и нашите проекти, растеме ние како тим, но растат и сите наши корисници, нивните животни вештини, забележуваме поголема социјализација, охрабрување да се биде дел од општествениот, културниот, образовниот систем, да се делува и да се инспирираат промени кои значат многу за сите нас индивидуално, но уште повеќе значат за целата заедница на лица со попречености која брои 20% од целата популација.
Имаме лица кои работат во локалните самоуправи, бизнис секторот се повеќе не контактира и се отвора за ангажирање на лицата со попречености, членуваат во културни проекти, танцуваат, пеат, секоја година слушаме за наши другарки и другари кои дипломираат или магистрираат и се еднаков дел од општеството.
Тешко е да ја видите промената на квалитетот на живот или нивното зголемено вклучување во краток временски период, но несомнено резултатите се се повидливи, позначајни и поохрабрувачки, меѓудругото и благодарение на можноста да говориме за темата инклузија и општествена промена, во медиумите како што е Вашиот и за што искрено благодариме“, завршува Гере.