Опасна инфекција ги погодува мажите повеќе од што се мислеше: Може да доведе до неколку форми на рак!

Хуманиот папиломавирус, попознат како ХПВ, е одговорен за огромното мнозинство на случаи на рак на грлото на матката, но не треба само жените да се грижат за оваа сексуално пренослива инфекција.

179

Новата студија на научниците од Националниот универзитет во Кордоба во Аргентина, објавена во списанието Frontiers in Cellular and Infection Microbiology, сугерира дека хуманиот папиломавирус, попознат како ХПВ, влијае и на мажите во многу поголема мера отколку што се мислеше, како и дека соевите на ХПВ кои ги изложуваат луѓето на висок ризик од рак, се исто така поврзани со поголем процент на оштетена и нефункционална сперма, што пак има директни последици врз плодноста кај мажите.

Накусо, вирусот е одговорен за огромното мнозинство на случаи на рак на грлото на матката, но не треба само жените да се грижат за оваа сексуално пренослива инфекција, туку и мажите.

Во моментов се посветува внимание исклучиво на откривање на вирусот при цервикалните прегледи кај жените, така што целиот спектар на ефекти што може да ги има ХПВ врз мажите е релативно недоволно истражен, иако е добро познато дека ХПВ предизвикува рак на пенисот, анусот, устата и грлото кај мажите.

И покрај ова, беше потребно долго време кампањите за вакцинација против ХПВ да се усмерат и на мажите, односно, момчињата.

Вакцината за ХПВ е достапна од 2006 година, а од 2022 година, Светската здравствена организација препорачува ХПВ вакцината да биде вклучена во рутинската вакцинација за мажи и жени.

Сепак, „примарната цел на вакцинацијата се девојчињата на возраст од 9 до 14 години“.

Момчињата се сметаат за „секундарни цели“ само онаму каде што е „изводливо и достапно“.

Во 2019 година, околу четири отсто од момчињата ширум светот ја примиле целосната вакцина, во споредба со 15 отсто од девојчињата.

Од 107 земји, само една третина вклучила момчиња во програмата за вакцинација.

Сепак, севкупниот опфат со вакцинација е сè уште низок, а се прават напори да се подигне свеста дека ХПВ е причина за дури шест видови на рак.

Благодарение на вакцината за ХПВ, случаите на рак на грлото на матката во Велика Британија се намалени за дури 90 отсто, но ракот на грлото и пенисот поврзан со ХПВ е во пораст.

Од универзитетот Упсала во Шведска порачале дека вакцинирањето на сите против ХПВ, без разлика на полот, е „единствениот начин да се искорени оваа премногу честа инфекција и нејзините долгорочни здравствени последици“.

Повеќе