Родителите често се грижат за тоа дали на своите деца им даваат доволно љубов и внимание. Сепак, психолозите објаснуваат дека дури и навидум наједноставните работи што родителите ги прават со своите деца се токму оние спомени од детството кои тие најмногу ги паметат.
Приказни пред спиење
Истражувањата покажуваат дека читањето приказна пред спиење ја зближува врската помеѓу детето и родителот. Тоа посебно, пријатно време на крајот на денот пред да заспие нашето малечко е одличен начин за поврзување, но и нешто што детето најчесто го памети од своето детство.
Слушање на детето
Иако често знаеме да му кажеме на детето дека во моментот немаме време или дека сме зафатени со одредени обврски, ако им обрнеме внимание на децата кога знаеме дека треба, психолозите не уверуваат дека можеме да бидеме сигурни дека еден ден ќе размислуваат за своето детство и ќе се сетат како нивните родители секогаш биле тука за нив. Исто така, понекогаш децата не прекинуваат затоа што сакаат да го привлечат нашето внимание, а не затоа што секогаш им треба нешто од нас или имаат нешто посебно да ни кажат.
Галење
Ако погледнете наназад на вашето детство и почувствувате љубов и среќа, големи се шансите тоа да било исполнето со љубовта на вашите родители. Имено, гушкањата и прегратките не се само симбол на љубов, туку и на поддршка и заштита. Психолозите советуваат дека треба што почесто да ги гушкаме нашите деца бидејќи така тие ќе се чувствуваат безбедно, сакано и ценето, а и самите еден ден ќе станат родители полни со љубов.
Семејни традиции
Без разлика дали се работи за заедничко украсување елка секоја година, правење домашна пица за вечера, одење на кампување за Велигден или чести патувања во природа, семејната традиција ќе му овозможи на детето еден ден да се сети на сите убави спомени поврзани со семејните моменти.
Заеднички оброци
Додека времето за вечера може да биде стресно кога децата се уште мали и немирни, со текот на времето овие моменти ќе станат нешто што ќе го паметат во иднина. Имено, психолозите објаснуваат како седењето заедно на маса и споделувањето на оброк, дури и ако тоа се случува само за време на викендите, им станува на децата некој од омилените детски спомени. Ова е време кое можат да го поминат со своите родители, без мобилни телефони, телевизија и други одвлекувачи на вниманието.