Овие бебиња се најрано родени близнаци во светот (ВИДЕО)

Адиа и Адриал Надараџа се прогласени за најрано родени близнаци на светот, откако нивната мајка ги донела на свет на 4 март 2022 година, 126 дена пред терминот.

137

Близнаците од Канада за својот прв роденден го добија своето место во Гинисовата книга на рекорди. Адиа и Адриал Надараџа се прогласени за најрано родени близнаци на светот, откако нивната мајка ги донела на свет на 4 март 2022 година, 126 дена пред предвидениот термин.

Братот и сестрата ја презедоа титулата од американските близнаци Кили и Кембри Еволдт, кои се родени 125 дена предвреме во 2018 година.

Мајката на близнаците, Шакина Раџендрам се породила кога била бремена 21 недела и пет дена, а лекарите ѝ рекле дека бебињата немаат шанси да преживеат.

„Тие беа речиси оставени да умрат. Бевме во шок“, изјавила Раџендрам за Гинисовата книга на рекорди.

Типична бременост трае околу 40 недели и некои болници нема да спасуваат бебиња родени пред 24-та или 26-та недела. Раџендрам потоа била префрлена во друга болница која била подготвена да обезбеди грижа за бебињата родени во 22-тата недела.

Близнаците биле примени во болницата Маунт Синај во Торонто, каде се соочиле со компликации од мозочно крварење и сепса.

„Многу пати мислевме дека ќе ги загубиме“, додава Раџендрам.

Адриал претрпел перфорација на дебелото црево, што довело до инфекција на крвта и тешко воспаление. За среќа, по пет месеци поминати во болница, близнаците закрепнале и биле пуштени на домашна нега. И двајцата сè уште се под надзор на различни експерти, но имаат голем напредок.

Повеќе