Пет типови мајки: перфекционистка, најдобра пријателка…Какви се нивните деца?

Иако секоја мајка е комбинација од наведените типови, еден тип е обично подоминантен од другите. Семејниот терапевт и клинички психолог д-р Стивен Поултер во својата книга „Фактор-мајка“ опишал пет типа мајки и детето кое расте со таква мајка

51

Семејниот терапевт и клинички психолог д-р Стивен Поултер во својата книга „Фактор-мајка“ опишал пет типа мајки: перфекционистка, непредвидлива, најдобра пријателка, „Јас на прво место“ и целосна мајка.

Иако секоја мајка е комбинација од наведените типови, еден тип е обично подоминантен од другите.

Книгата на Полтер првенствено е наменета за разбирање и решавање на односот со сопствената мајка бидејќи сите наши подоцнежни емотивни односи ги обликуваме врз основа на тој однос, но ако сте мајка, можете да се обидете да откриете на кој тип му припаѓате.

Од порталот Psychologies ви ги пренесуваме описите на Поултер за секој тип на мајка и дете кое расте со таква мајка, како и нивните јаки и слаби страни:

Мајка-перфекционист

Ова е претерано контролирачка, вознемирена жена полна со стравови за која надворешниот изглед е сè. Децата на оваа мајка често се нагласено самокритични, се чувствуваат неспособни и емотивно празни.

Деца на мајки-перфекционисти

Имате силно чувство за припадност во врските, одговорни сте и доверливи во сето она што го правите. Ја цените напорната работа и упорноста како главни карактерни црти. Чувствувате дека туѓото мислење е многу поважно од вашето. Често имате силно чувство дека другите ве гледаат и ве осудуваат.

Непредвидлива мајка

Вознемирена, лута, премногу емотивна, оваа мајка е преплавена од нејзините чувства, па нејзиниот родителски пристап зависи исклучиво од нејзиното расположение. Тоа е најхаотичниот тип на мајка. Таа создава проблеми и кризи во нејзиниот ум, емотивно и во односите, а потоа им ги пренесува на своите деца.

Деца на непредвидлива мајка

Ако сте имале ваква мајка, веројатно сте добри во односите со луѓето и многу емпатични. Знаете како да ги мотивирате луѓето и често им давате емоционална поддршка на колегите, пријателите и членовите на семејството. Бидејќи сте пораснале со длабоко вкоренета потреба да се грижите за другите луѓе и нивните емоционални проблеми, може да се борите со лутина, анксиозност или депресија. Научивте да читате луѓе и ситуации за да можете да се справите со нивните силни емоции.

Мајка-најдобра пријателка

Таа сака да ги третира своите деца како рамноправни за да ја избегне одговорноста да поставува граници. Оваа мајка верува дека нејзиниот живот би завршил доколку го прифати мајчинството, па затоа ја избегнува оваа улога. Наместо тоа, и таа и детето играат улоги на блиски пријатели и партнери во оваа врска, поради што детето всушност нема мајка. Во оваа ситуација емоционалните потреби на мајката се толку големи, што таа мора да ги задоволи преку своето дете.

Деца на мајка-најдобра пријателка

Ја разбирате важноста на границите помеѓу родителите, децата, колегите и семејството. Бидејќи додека сте растеле сте се чувствувале како да немате мајка, честопати самите сте преземале лидерство и одговорност како да сте возрасни. Може да се чувствувате емотивно запоставени и да имате страв од отфрлање. Можеби сте огорчени од партнерот во врската, чувствувајќи дека не сте сакани и потценети.

„Јас на прво место“ мајка

Ова е еден од најчестите стилови на мајчинство, а мајките кои секогаш се ставаат себеси на прво место не можат да го гледаат своето дете како посебна личност и често се повлечени и несигурни. Децата уште од мали учат дека нивната работа е да ѝ помогнат на нивната мајка да блесне.

Деца на мајка која се става себеси на прво место

Ако сте пораснале со ваква мајка, вие сте одлични во поддршката и длабоко разбирање на другите луѓе во сите видови врски. Лојални сте и поддржувате, внимавате на туѓите потреби и вешто ги решавате проблемите. Од друга страна, се сомневате во вашата способност да донесувате одлуки. Тешко ви е да им верувате на сопствените чувства бидејќи сте научиле дека мислењето на вашата мајка е секогаш поважно и посилно од вашето.

Целосна мајка

Според д-р Поултер, само 10 отсто од децата ја имаат оваа идеална мајка. Комплетната мајка комбинира елементи од сите четири стила. Таа е емотивно избалансирана, ги гледа своите деца како посебни личности и им помага да ја постигнат својата независност. Таа самата можеби не е совршено добра, но без разлика на емотивните околности, таа е посветена на мајчинството.

Деца на целосна мајка

Бидејќи сте почувствувале дека вашата мајка ве сака и ве разбира, вие сте подготвени да ризикувате, отворени сте за промени и да стапите во односи со другите без страв дека ќе бидете отфрлени. Имате способност да видите и да прифатите дека другите луѓе, колегите и членовите на семејството имаат различни мислења. Подготвени сте за предизвиците за стекнување независност и не сте емотивно испреплетени со вашата мајка.

Повеќе