Петте најголеми грешки кои ги прават бабите и дедовците

Од секогаш постоеле проблеми помеѓу родителите и бабите и дедовците кога станува збор за односите со децата, односно, со внуците. Еве кои се најголемите грешки што ги прават бабите и дедовците

158

Улогата на бабите и дедовците често се зема здраво за готово. Но, постојат голем број начини на кои бабите и дедовците можат да им предизвикаат стрес на своите деца. Советникот Кристофер Хансен и терапевтката Робин Кеј Стилвел ги наведоа петте најголеми грешки што ги прават бабите и дедовците.

Давање подароци или пари кои родителите не ги одобриле
„Понекогаш бабите и дедовците можат да се најдат во неволја заради тоа што им купуваат на нивните внуци работи што нивните родители можеби не ги одобруваат, бидејќи се премногу скапи и слично, изјавил Хансен за HuffPost.

Добар начин да се избегне ова е однапред да се договорат сите купувања со родителите. На пример: „Баба ве носи во зоолошка градина. На крајот од посетата можете да отидете во продавницата за подароци и да изберете мал подарок“. Ова им ги разјаснува очекувањата на сите и им дава до знаење на родителите дека нивниот авторитет се почитува.

Непочитување на распоредот на родителите
Стилвел тврди дека ненајавените посети се лоши, иако некои можеби мислат поинаку.

„Вака бабите и дедовците испраќаат порака дека тие се приоритет. Особено е лошо ако ненајавено наминат за време на вечерата, за време на пишувањето на домашната задача или кога е време за спиење“, објаснила терапевтката.

Хансен нагласува дека бабите и дедовците често забораваат дека нивните деца имаат свој живот и други обврски и дека немаат секогаш време за посети.

Критикување на воспитувањето
Експертите велат дека може да биде предизвик за бабите и дедовците да не укажуваат на грешките што ги забележале. Меѓутоа, ако одлучат да изразат загриженост, важно е да го сторат тоа со почит.

За нив е клучно да сфатат дека родителите треба да донесат одлуки кои се најдобри за семејството, а не за нив.

Непочитување на границите
„Без разлика дали се работи за подароци или за домашните правила, ако родителите се чувствуваат како нивните правила или распореди да не се почитуваат, тоа може да влијае на другите аспекти на врската. Доверба, на пример”, вели Стилвел.

Ако бабите и дедовците сакаат да бидат дел од животот на нивните внуци, тие ќе мора да го сторат тоа според условите на нивните родители.

Нерешавање на проблемите
Грижата за децата може да биде комплицирана, а грешките се неизбежни. Сепак, важно е како бабите и дедовците се справуваат со овие грешки.

„Искреното извинување е одличен почеток. Тоа не е знак на слабост, туку покажува дека дури и бабите и дедовците грешат и дека и тие се луѓе“, заклучил Хансен.

Повеќе