Место за молитва и место за дружба, за арно и за лошо: На гости во македонската црква во Загреб

Отец Кирко Велински, првиот редовен парохиски свештеник во Хрватска не пречека во новиот заеднички дом на Македонците во оваа држава, црквата „Св. Злата Мегленска“ и не седна на заедничката трпеза на ова големо парохиско семејство

324

Пред две ипол години кога првпат го посетивме тогаш сè уште недовршениот објект на Македонската Православна Црква во Загреб, во разговор со првиот редовен парохиски свештеник на МПЦ во Хрватска, протојереј ставрофор Кирко Велински, тој толку сликовито ни раскажуваше за крајниот изглед на овој верски објект, што сега, кога е веќе завршен и полн со верници, имавме впечаток како веќе да сме го виделе сето тоа.
Оваа интересна модерна градба се простира на простор од околу 800 квадратни метри и е прва Македонска православна црква во сопствен објект на просторот на поранешна Југославија и воопшто, во регионот на југоисточна Европа.
Отец Кире, како што го викаат неговите духовни чеда и овојпат со љубов зборува за сето она што уште треба да се направи таму. Меѓудругото, за библиотеката која допрва треба да се наполни со книги и да функционира како вистинска библиотека.
Со оглед на тоа што им бевме гости токму во периодот на три големи христијански празници, имавме можност да ја добиеме целосната слика на животот на Македонците за кои објектот на МПЦ е сега местото кадешто се среќаваат и за добро и за лошо.


Тоа е место за молитва, но и место на кое Македонците во Загреб и цела Хрватска се среќаваат меѓусебе, место на кое се одвива и нивниот социјален живот, кадешто се вратите секогаш отворени за нив, па дури и ако сакаат да дојдат само за да се напијат кафе. Тука се планира да се доаѓа да се послуша и некое предавање, да се види некоја изложба, да се прослави нечие раѓање, да се исплаче нечие заминување, но и да се роди некоја нова љубов, бидејќи, како што вели отецот, нашата емиграција во Хрватска не е ниту политичка, ниту економска, туку е љубовна, а најчесто тоа се жените кои дошле да живеат тука затоа што се вљубиле во Хрват.
Бевме таму на еден од најубавите денови во годината, 14-ти јануари, ден кога верниците на Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ ги прославија празниците Обрезание Господово, Св. Василиј Велики и, како што во својата порака до верниците рече отец Кире: Новото 2024 лето Господово по јулијанскиот календар.
И тоа не беше сѐ. По завршувањето на празничната литургија, сите верници се собраа во големата сала која го носи името на Тоше Проески кадешто беше благословена погачата подготвена од овогодинешниот кум, отец Дејан Белчовски и неговото семејство, а беше благословена и погачата со паричка, која го определи и кумот за следната година. Што се однесува до трпезата, таа беше посебна приказна, збир од најразлични превкусни традиционални македонски деликатеси подготвени од самите верници. Вистинска македонска трпеза или како што велат тие – трпеза на љубовта.


Само неколку дена потоа, поточно на празникот Богојавление – Водици, беше одржана уште една света литургија, а потоа се изврши голем Богојавленски водосвет во дворот на црквата и спуштање на Крстот во водите.
Следниот ден беше одбележан и празникот Свети Јован Крстител, а црквата беше повторно полна.
За тоа колку е овој објект значаен за сите Македонци кои живеат во Загреб, доволно е ако кажеме дека сега тие имаат место кадешто секогаш ќе можат да најдат некој свој. Колку е ова значајно знаат само оние кои живеат надвор од својата земја. Тука можат да побараат друштво, да споделат нешто, но и да побараат и да добијат помош доколку им е таа потребна. Без оглед дали станува збор за некоја донација во храна или пак за покрив над глава.

Имено, во црквата има и еден апартман кој е опремен со мала кујничка, со кревети и купатило и кој е наменет за оние Македонци кои доаѓаат, на пример, поради здравствени причини и имаат потреба од место во кое ќе престојуваат, како и за сите добронамерни патници кои ќе ги доведе патот во Загреб и кои ќе имаат потреба да престојуваат некаде.
А тука се сите како дома. Поточно, тие и навистина се дома.
Токму како што вети и отец Кире кога првпат зборувавме со него, објектот на МПЦ е сега заеднички дом во кој Македонците се среќаваат и со Бога, но и меѓусебно и каде што имаат катче во кое си го негуваат тоа што ги прави посебни и различни од другите. Тука може секој кој нема услови да го направи тоа во сопствениот дом или во ресторан, да го прослави раѓањето на новиот член во семејството па да си ги почести другарите со зелка и ракија. Имаат и мала кујничка во која можат да си направат нешто, макар и само по едно убаво македонско кафе.
А тој, отец Кире, освен што е матица која ги обединува сите македонски верници, е и потпретседател во хрватското библиско друштво, член во Советот за екуменизам при загрепската надбискупија и активно учествува во сите меѓурелигиски и меѓуконфесионални заедници, кои се состануваат еднаш годишно и каде што МПЦ активно учествува токму преку неговото присуство.
Приватно, се дружи со сите Македонци во Загреб, Сплит и Пула, но и со Хрватите со кои стекнал пријателства со текот на годините. Имено, отец Кирко заедно со својата животна сопатничка, сопругата Деспина и нивните две деца кои се родени овде, живее во Хрватска повеќе од две децении.

Повеќе