Посебни родендени за посебни деца

Од октомври минатата година на Фејсбук се појави групата „Посебни родендени“, на која се пријавуваат родендените на децата со атипичен развој за кои преку оваа иницијатива се подготвуваат изненадувања, торта, подарок, некоја играчка, облека, песна, одмор…

834

Зум забави со познати личности, подароци, торти и роденденска песна, се она што се организира од октомври минатата година на Фејсбук, во рамки на Фејсбук групата „Посебни родендени“, на која се пријавуваат родендените на децата со атипичен развој.

„Денес има роденден Антониј, Андреа, Мартина, Максим, Атанасија, Анастасија,….

Во 18 часот може да се приклучите и да бидете дел од оние кои ќе му/ѝ посакаат среќен роденден и заедно да пееме и да се дружиме.

5 минути се доволни за сите заедно да се видиме, подружиме и да испееме ‘среќен роденден’…“

Вака гласи текстот на Фејсбук страницата „Посебни родендени“, иницијатива на две мајки, Маргарет Курт Талески и на Ирена Лозана, воедно и организатори на иницијативата „Сончогледи кон сонцето за видлива и невидлива попреченост“ и е составен дел од таа иницијатива со цел создавање и растење на инклузивната свесност кај населението.

Последните настани со Ембла Адеми, девојчето со Даунов синдром од Гостивар, покажуваат дека тоа е повеќе од потребно затоа што, за жал, дури и сега, длабоко загазени во 21.век, голем дел од населението ја нема оваа свесност.

„Посебни роденденски забави започна во октомври 2021 и досега имаме прославено повеќе од 20 посебни родендени. Родендените ги прославуваме на платформата Зум, но не само што ја пееме роденденската песна заедно со уште други гости, туку организираме и подарок и роденденска торта за славеникот“, вели Ирена.

Таа објаснува дека досега ги прославиле овие посебни родендени на деца од македонски семејства кои живеат во различни градови од Македонија, но и на деца надвор од Македонија.

„Радоста и на родителите и на децата е голема бидејќи за многу од нив ова е првата нивна роденденска забава каде што имаат гости, макар и виртуелно“, вели таа.

Проектот го започнале бидејќи и покрај изолацијата сакале да направат нешто и да му го разубават денот на некое посебно семејство. Во проектот се приклучиле и многу познати личности, пејачи и актери кои им ја испеале песничката за среќен роденден и им посакале убави желби на овие посебни деца. Ребека, Дац и Александар, Биба Додева, се само дел од нив и со своето учество им носат на овие деца уште повеќе радост барем за нивниот специјален ден.

Иницијаторките ги повикуваат сите посебни семејства со деца со посебни потреби да се пријават и да им дадат можност на сите да им го направат роденденот поинаков и поубав.

„Во проектот се приклучија организации и волонтери кои одвоија од своето време, дадоа свои производи како подароци, се вклучија во организацијата на роденденот и присуствуваа на забавата за да им посакаат добро здравје и радост на роденденците. Сакаме да им се заблагодариме на пекарата „Пастел“, и на слаткарницата „Кармен“ кои ни донираат торти за роденденците и на сите донатори на подароци. Посакуваме да се приклучат и ги покануваме сите кои сакаат да бидат дел од оваа преубава активност со своето време, својата насмевка и песна, своите изработки или услуги како подароци за децата“, велат тие.

Преку посебните родендени сакаат да испратат посебна порака за разбирање, прифаќање и сакање. Порака дека родителите не се сами и дека заедно со нив се и други луѓе кои сакаат заедно со нив да се радуваат и да го прослават роденденот на нивното дете. Да се чуствуваат посебно и убаво на тој ден.

 

„Идејата на оваа иницијативата е да се разбудиме сите, да се радуваме сите заедно. Ги повикуваме сите општествено одговорни компании да се приклучат и да донираат подароци, да спремат изненадување, да бидат дел од еден посебен роденден“, порачува Ирена.

Како можете да се вклучите:

– доколку познавате дете со атипичен развој кое има роденден да го пријавите

– доколку сакате да подготвите торта, колачи, балони или некој роденденски подарок

– доколку сакате да испратите честитка и да сте дел од изненадувањето…

– сѐ што може да биде изненадување и да предизвика детска радост и насмевка е добредојдено…

„Да се организираме и да бидеме поддршка за овие деца, да им испратиме порака и на родителите дека сите деца се исти и дека и нивните деца се сакани, дека некој мисли на нив и дека не се сами. Заедно можеме да израдуваме многу деца и да бидеме дел од нивните насмевки и радости“, порачува нашата соговорничка.

Повеќе