Премногу заштитничките родители можат да го скратат животниот век на децата

Истражувањето објавено во списанието Scientific Reports, а според кое мажите кои живееле само со еден родител во детството имале 179 отсто поголем ризик да не го доживеат својот 80-ти роденден, е прво истражување за тоа како отсуството на родителите или лошите односи може негативно да влијаат на долговечноста.

160

Според истражувањето објавено во списанието Scientific Reports, децата чии родители се премногу заштитнички настроени, живеат пократко. Студијата на истражувачите од Федералниот универзитет во Сао Карлос и Универзитетскиот колеџ во Лондон анализираше податоци од речиси 1.000 поединци – 496 мажи и 445 жени, кои се родени во 1950-тите и 1960-тите и починале помеѓу 2007 и 2018 година.

Научниците ги анализирале одговорите на учесниците на прашања за структурата на семејството, домувањето, болестите и односите со родителите во детството и адолесценцијата. Се испоставило дека луѓето чии татковци биле премногу заштитнички и им давале мала автономија на своите деца имале зголемен ризик да умрат пред 80-тата година од животот. Ризикот бил 12 отсто кај мажите и 22 отсто кај жените.

Меѓутоа, жените за кои мајките добро се грижеле во детството имале 14 отсто намален ризик од рана смрт. Ова може да биде поврзано со пониски нивоа на стрес во нивните помлади години, кои потоа се пренесуваат во зрелоста, забележале истражувачите.

Исто така, мажите кои живееле само со еден родител во детството имале 179 отсто поголем ризик да не го доживеат својот 80-ти роденден. Ова е прво истражување за тоа како отсуството на родителите или лошите односи може негативно да влијаат на долговечноста.

„Најдоброто е златната средина. Не треба да бидеме наметливи и да ја спречуваме автономијата на децата, но исто така не е добро да ги запоставуваме децата или да бидеме емотивно оддалечен родител“, вели коавторот на студијата Алин Фернанда де Соуза Канелада, која се залага за рамнотежа кога станува збор за воспитување.

Истражувањата покажуваат дека стравот на детето од родителите може да доведе до разни здравствени проблеми. Тие вклучуваат зголемени ризици од злоупотреба на алкохол и дрога и тешкотии со менталното здравје, кои се тесно поврзани со намалената долговечност, додала Канелада.

Коавторот на студијата Тиаго Силва Александре објаснил дека истражувањето ја нагласува важноста наодносот на грижа и љубов со родителите во детството. Јавната политика, додаде тој, треба да го поддржи ова.

„Нашите наоди покажуваат како односите со родителите, односно грижата и љубовта, влијаат на долговечноста. Со други зборови, однесувањето на родителите навистина има последици за една личност до крајот на нивниот живот. Јавната политика треба да поддржува подобри услови за децата за да можат луѓето да уживаат во староста“, вели тој.

Повеќе