Психолог тврди дека има идеален трик за брзо смирување на тантрумите кај децата
Обидете се да го копирате говорот и тонот на детето. Поврзете ја неговата состојба и она што го зборува, коментирајте го, речиси како фудбалски коментатор, па ако каже „сакам сок“, на вас останува да му кажете „сакаш сок“! Ова е дел од советот на детскиот психолог Сем Вас
Тантрумите или изливите на бес се честа појава кај децата кои сè уште не знаат како мирно да се справат со сопствените фрустрации или други негативни емоции. Сепак, детскиот психолог Сем Вас тврди дека го знае совршеното решение за брзо смирување на бесот кај децата и тоа им го препорачува на сите родители.
Вас е експерт во областа на стресот и вниманието кај децата, а својот совет за смирување на нивните чести тантруми ги споделил во интервју за The Mirror. Како што објаснува, постојат одредени начини како најдобро да се справите со бесот кај децата, а патем им дава и совети на родителите, што треба да избегнуваат кога ќе се појави бес.
Тој предупредува дека родителите не би смееле да користат логика за да се обидат да го смират детето, туку наместо тоа подобро е да користат одредени зборови и таканаречени јазични трикови.
„За родителите нападите на бес се предизвик затоа што тие се насочени кон нив. Кога детето ќе се вознемири, родителот е тука да му помогне, но често се чини дека тој самиот е во фокусот и дека тој е тој што го предизвикал гневот на детето. Поради тоа можеби изгледа логично да користите смиреност и логика со вашето дете и да се обидете да го убедите да го промени своето однесување, но тоа не функционира кај многу мали деца бидејќи тие сè уште не го разбираат ова“, објаснува психологот.
„Тие се во оваа фаза кога емоционалните центри во нивните мозоци се огромни, а рационалните центри се мали, така што многу поефективен начин да се справите со нивнитенапади на бес е да го коментирате она што го кажуваат и да им го повторите тоа користејќи го нивниот јазик“, додава тој.
Но, што точно значи ова? Имено, како што објаснува Вас, ако детето, на пример, користи фрази од два збора како „Сакам сок“, можете да го усогласите неговиот јазик, но и неговата интонација.
„Обидете се да го копирате говорот и тонот на детето. Поврзете ја неговата состојба и она што го зборува, коментирајте го, речиси како фудбалски коментатор, па ако каже „сакам сок“, на вас останува да му кажете „сакаш сок“ за да бидете сигурни дека ќе ве разбере.
Ова чувство дека детето ве разбира ќе му помогне да се смири и дури потоа можете да му го пренасочите вниманието на нешто друго“, објаснува психологот и додава дека на родителите може да им биде чудно на почетокот, но тој го гледа ова како најбрзиот начин за постигнување резултати.