Размена на ученици: Проектот „Супер училишта“ ги зближува младите од регионот
Преку програма за размена, учениците и наставниците ќе имаат можност да патуваат, да се претстават себеси, своите училишта и обичаи пред домаќините и да научат нови работи за локалните заедници во различни делови од нашиот регион.
До крајот на месецов, поточно, до 28.октомври трае повикот наменет за средните училишта, учениците и наставниците и има за цел да го поддржи процесот за помирување и градење мир, како и интеркултурен дијалог помеѓу учениците и нивните заедници.
Станува збор за проект ,,Супер училишта’’ на кој македонските средношколски центри може да аплицираат и да најдат партнер од регионот на западен Балкан и преку двојна размена на ученици да се создаде терен за создавање силни и одржливи врски и градење на партнерство.
Доколку бидат избрани, средните училишта со оваа програма ќе имаат можност да спроведат училишна размена со партнерско училиште и да учествуваат во програмските активности посветени на градење на нивните капацитети, поврзување и соработка.
Секое средно училиште, државно или приватно, од Западен Балкан е покането да аплицира и да ги спроведе овие размени, а благодарение на Европската унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), трошоците за размена ќе бидат покриени за сите избрани училишта. Претходниот повик им даде можност на 60 училишта и повеќе од 800 ученици да учествуваат во размени, а овој отворен повик е наменет за 100 училишта и до 1200 ученици.
Преку онлајн платформата www.superschools.net, заинтересираното училиште треба да се регистрира, да креира онлајн профил и да најде партнерско училиште од различен дел од регионот, а потоа во апликацијата, да ги идентификува и предложи заедничките активности кои би се реализирале за време на размената. Спроведувањето на вториот циклус на размени ќе се одвива од март до октомври 2023 година и секое училиште партнер ќе организира една посета на партнерското училиште, со група до 12 ученици и 1 до 2 наставници во времетраење до 7 дена. Преку програма за размена, учениците и наставниците ќе имаат можност да патуваат, да се претстават себеси, своите училишта и обичаи пред домаќините и да научат нови работи за локалните заедници во различни делови од нашиот регион. Повикот се затвора на 28 октомври 2022.
Програмата Суперучилишта е дел од мултидонаторскиот проект „Програма за училишна размена на Западен Балкан“ кофинансиран од Европската Унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а го спроведува Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со RYCO.