На почетокот на гурманските предизвици, бебињата најчесто се среќаваат со солените кашички. Зеленчук кој првпат се внесува во исхраната на бебето се компирите, морковите и тиквичките. Првите залаци служат за тоа бебето да прифати нов начин на хранење и нови вкусови.
Избегнувајте да додавате сол во оброците пред првата година бидејќи бебињата сè уште го развиваат своето чувство за вкус и немаат чувство дека нешто не е доволно солено. Може да се случи одредена храна, начин на подготовка, текстура на каша да не им одговара. Токму тоа е задачата на една мајка, да си игра со различни комбинации и да го најде вистинското за своето бебе.
Откако вашето бебе ќе проба неколку различни зеленчуци и ќе се навикне на различните вкусови, добро време е да започнете да го комбинирате тој зеленчук.
Еве неколку предлози за првата каша на бебето: Рецепти за бебиња од 5 до 6 месеци
Кашичка со компир
Излупените компири исечкајте ги ситно (за побрзо да се сварат) и варете ги на пареа или во малку вода. По 10-15 минути проверете со вилушка дали се сварени. Можете да ги испасирате со водата во која се вареле, со своето или со адаптирано млеко.
Откако ќе воведете сирење, јогурт или путер во исхраната на вашето бебе, додадете некои од овие млечни производи во пирето од компири.
Во првите неколку месеци, компирот може да биде основа на сите каши, а со него можете да измешате моркови, тиквички, спанаќ, брокула – по редоследот по кој му воведувате нова храна на вашето бебе.
Исто така, компирот е идеална комбинација со секаков вид месо откако бебето ќе биде доволно старо (6-8 месеци).
Каша со морков
Се подготвува на ист начин како и компирот. Тоа е идеална храна во комбинација со млеко за доенчиња, компири, ориз и месо. За првите оброци доволно е да ги изблендирате морковите со зовриена вода или со млекото што го користи бебето.
Внимание: Доколку забележите дека вашето бебе станало „жолто“ или дека дланките, стапалата или другите делови од телото му се жолтеникави, можно е да не му годи голема количина моркови. Контактирајте со вашиот лекар за да утврдите дали е тоа случај.
Каша од тиквички
Имаат благ вкус, брзо се подготвуваат и бебињата ги сакаат. И тие се прават на истиот начин. Во првиот месец можете да ги комбинирате со компири и моркови, а подоцна со млечни производи и малку копар како зачин.
Кога бебето е доволно големо, во игра влегуваат уште повкусни намирници како спанаќот. Откако убаво ќе го измиете, варете го неколку минути, па добро исцедете го. Измешајте го ситно сечканиот спанаќ со малку путер и млеко и почекајте да се згусне и да се излади.