„Сакаше да ме пикне во Бардовци и да ми ги земе децата!“ Мајка раскажува за семејната драма и среќниот крај – споделеното родителство
Луѓе, ова функционира! Младата жена која го кажа ова пред присутните на неодамнешната трибина за заедничко родителство по развод, зборуваше за своето искуство со поранешниот партнер и татко на нивните две малолетни деца. Помислив дека конечно ќе имаме една убава приказна за споделено родителство, но излезе дека до ваквиот расплет не дошло баш толку лесно.
Нашата соговорничка е велешанка која од 2011 година живее во Скопје. Има 35 години, неуспешна вонбрачна врска со двојно постар маж и две деца, син кој наскоро ќе полни 10 и ќеркичка која наскоро ќе полни 8 години.
Иако мислев дека ќе имаме една убава приказна за среќна разделба на двајца совесни родители кои практикуваат споделено родителство (децата по разделбата на нивните родители поминуваат отприлика исто време и со двајцата), приказната, иако има, ако може така да се каже, среќен крај, сепак не е баш таква како што ја замислував. Има во неа и многу драматичен заплет, голем стрес и ужасно тежок период.
И не, ако мислите дека причината за неуспехот на оваа врска е разликата во годините, не сте во право. Ниту таа некогаш се покајала затоа што одбрала двојно постар партнер, ниту пак неговата возраст некогаш ѝ била пречка или пак предност. После сите неубави и речиси неверојатни настани, кога наеднаш нејзиниот партнер и таткото на нејзините деца, од сериозен човек во кој таа имала целосна доверба, се претворил во некој и во нешто што и до ден денес не го разбира, нашата соговорничка сѐ уште тврди дека биле одличен пар.
„Пред сите тие настани кога сакаше да ме направи луда иако сум при сосема здрав разум, ние функциониравме одлично, а и сега повторно функционираме така, со тоа што живееме одвоено, па децата се една недела кај него, а една кај мене. Не сме имале помош од баби и дедовци, па сме се снаоѓале сами. Правевме најразлични комбинации, па дури и во период кога не одеа на училиште, со оглед на тоа што тој има теренска работа, а јас сум вработена, ги земаше децата со него од понеделник до петок и одеа во неговата куќа во село, а јас им се придружував во петок, после работа. Ќе се видевме, ќе бевме сите заедно за викенд, па се враќав назад за да можам понеделнички да бидам на своето работно место. И покрај нашиот прекрасен однос, сѐ се менуваше кога на посета доаѓаше неговата сестра од странство. Секое нејзино доаѓање, мојот партнер сосема го менуваше односот кон мене. И двајцата се однесуваа како да им се тие родители на нашите деца, а не јас и тој. Но, секогаш си велев, ајде, издржи, ќе си оди за некое време и работите ќе се вратат на старо. Понекогаш кога ќе претераа со таквиот однос, а јас ќе му префрлев, ми го велеше истото: Морам сега да ѝ се посветам, после ќе си оди и којзнае колку време нема да се видиме, ајде, издржи! И издржував, дури им се воодушевував понекогаш за тоа колку се поврзани и колку се сакаат. Не размислував дека е тоа дури и малку чудно“, раскажува таа.
„Отидоа на одмор без мене!“
Тоа лето, август 2022 година, кога сестра му дошла во Македонија, ги донела со себе и своите проблеми, за време на короната останала без работа, а имала и други приватни проблеми.
„Не е никакво оправдување ниту за неа, а особено не за него. Можам да кажам дека е обично смирен човек и со него, дури и да сака, човек не може да се скара. Но, кога сестра му дојде во јуни и остана четири месеци тука, тие преземаа сѐ за да ме направат луда и да ми ги земат децата. Кога дојде, заедно со децата заминаа во село, како што правевме и пред да дојде таа, само што сега, кога ќе им се придружев, беше веќе направено сѐ што дотогаш правев јас. Ќе речете, баш убаво, но не беше така, јас бев сосема надвор од тоа нивно „семејство“, ниту ме вклучуваа во разговор, ниту ме консултираа за нешто. Околу две недели пред одморот, кога требаше да се вратам во Скопје, ќерка ми не сакаше да остане со нив. Бидејќи одев на работа, ѝ реков дека ако дојде, нема да има кој да ја чува и дека секако наскоро сите ќе одиме на одмор. Така барем беше планот. Но малата плачеше, крена температура, па решив да ја земам, да отворам боледување и да ја однесам на лекар, а и да ѝ ја исполнам желбата.
Тоа беше моментот кога братот и сестрата збеснаа.
Ќерката остана со мене и откако оздраве, затоа што секако имав само уште една недела пред одморот, но последниот ден, додека сѐ уште бев на работа, а таа беше дома сама, наместо да нѐ земе и двете и да одиме на планираниот одмор, татко ѝ ја земал пред да си дојдам. Се вратиле во село, а потоа заминале и на одмор. Не само што отидоа без мене, туку тој не ми креваше ни телефон. Му пишав порака и му реков: во ред, сте решиле, одете сами на одмор, ама за една недела сакам да се вратите и да бидам една недела од одморот и јас со децата. Не земав одмор за да седам сама дома.
Ми одговори само: добро!“, раскажува таа.
Почеток на кошмарот
Од тогаш, нивната навидум совршена врска, се претворила во вистински кошмар.
„Додека тие беа на одмор, јас им се јавував на децата, а со него немав никаква комуникација. Ќерка ми ме праша зошто и јас не сум таму и ме жалеше затоа што не можам да се бањам со нив. Секако, не ѝ ја кажав вистината, туку ѝ реков дека сум имала работа и дека кога ќе се вратат ќе одиме некаде заедно. Наеднаш, еден ден, ќерката ми вика: нема да дојдеме, ти си многу лоша мајка, тате и тета ми кажаа дека си нѐ тепала кога сме биле мали. Тогаш ѝ ја прекинаа врската и ме блокираа на нивните телефони, а татко им упорно не одговараше на неговиот, иако ѕвонев со денови потоа.
Му пишав, да не ме тера да правам нешто што не сакам, но бидејќи ме игнорираше, видов-невидов пријавив во полиција“, раскажува за почетокот на овој пеколен период нашата соговорничка.
Почнало нејзиното трчање по институции и нејзиниот одмор наместо со семејството или барем со своите деца, го поминала трчајќи од полиција, во социјално и по судови. Поднела барање за доверување на децата, а пријавила и во полиција плашејќи се дека ќе ги однесат надвор од државата и дека таа повеќе нема да ги види.
И самата не знае како, но при еден од нејзините многубројни обиди да го добие на телефон, некако се вклучила во линијата и го слушнала разговорот на партнерот со негов пријател.
„Ги слушав еден час, не знам како, веројатно ме чувал Господ. Слушав како му кажува дека сум луда, дека сум имала шизофренија, не сум сакала терапија да примам, дека тоа ни било фамилијарно и слично. Не ми се веруваше што слушам. Јас сѐ уште во тој период бев во неговиот дом кадешто живеевме сите заедно и кадешто очекував да се врати со децата, но вечерта кога го слушнав разговорот, веќе почнав да се сомневам.
Следниот ден, после целиот тој молк, добив од него смс во кој пишуваше само: се враќаме утре. Ништо не ми беше јасно. Се јавив кај еден негов пријател кој ги познава процедурите за постапување па тој ме посоветува да одам во полиција и да раскажам што се случило, со пишана пријава.
И да не должам, одев наваму натаму, пријавував секаде и се распрашував каква е можноста да ги изнесе децата од државата без моја согласност, за на крајот да се вратам во полициската станица кадешто повторно се случи нешто неверојатно. Додека чекав инспектор за малолетници, да пријавам за исчезнувањето на децата, како и за мојот страв од изнесување на децата од државата, заѕвони телефонот и ја слушнав службеничката како запишува нечија пријава. Стануваше збор за жена која пијана, дрогирана или луда кршела и дивеела низ дома, ја заклучиле и сега бараат да дојде полиција. Тогаш ја слушнав како ја повторува за да ја запише адресата. Беше тоа нашата адреса! Дојдов до шалтерот и ја прашав дали тоа некој ме пријавува мене дека кршам дома додека јас сум во полициска станица?! Откако ме евидентираа, настана општа паника. Мојот поранешен партнер викнал брза помош, а тие за „вакви насилни случаи“ имале обврска да повикаат и полиција како придружба.
И така, седам во станицата и не знам веќе што да мислам. Одеднаш ми ѕвони бившиот, после толку време, јас кревам, доаѓа службеничката што ја прими пријавата и го слуша разговорот. Тој ми вели: Каде си, ние дојдовме, за пола саат да си тука. Ако не дојдеш веднаш нема да ги видиш децата. Побарав да ги слушнам, ми рече дека малата спие, а синот не сака да ме слушне. Излезе дека воопшто и не биле со него, а тој само сакал да ме намести, да бидам дома кога ќе стаса Брзата помош и да ме испратат во Бардовци. Дури успеал да добие и упат од нашата матична докторка кој во полиција ми го покажаа прашувајќи ме дали дента сум била на лекар и дали некогаш сум била во психијатриска болница. Секако, проверуваа по сите болници прашувајќи дали некогаш имале пациентка со моето име. Искрено, почнав да се плашам дека и тоа можеби го средил, но за среќа, одговорот секаде беше така како што е – дека немале“, продолжува нашата соговорничка со својата приказна.
Иако партнерот го привеле поради лажната пријава, не се завршило сѐ тука.
„Јас и татко ми отидовме да си земам облека и некои основни работи од куќата, а децата, како и што препоставив, не беа таму и тоа беше само почеток на мојата голгота“, вели таа.
Следувале многу перипетии, фаќање врски од негова страна за да не одговара за случајот со лажната пријава и уште многу лажни пријави за семејно насилство кои таа ни ги образложи и со зборови и со документи кои педантно ги собира и ги чува за недај Боже.
За најтешкиот период во животот на Ивана
„Тој период ми ѕвонеа извесни инспекторки со скриени броеви. Едната од нив, која му е пријателка на негов близок пријател, ми кажа дека децата се на сигурно со нивниот татко и дека немам за што да се грижам. Но зошто јас, иако тој беше приведен поради лажна пријава, сѐ уште не можев да си ги видам децата?
Ослабнав многу, не спиев и не јадев, сиот тој период без деца ми беше најтежок од сѐ досега. Првпат ги видов на 2 септември во Центарот за социјални работи.
Во меѓувреме, морав да земам стан под кирија, немав ништо дома од покуќнина, а од социјално ме прашуваа зошто сум го оставила и сум заминала, бидејќи документацијата воопшто не им била донесена од полицијата. Морав сама да ги обезбедам одново сите документи, потврдата од Брзата помош, од МВР дека со упат од матичната требало да ме однесат во Бардовци и на крај, најважно, дека е утврдено дека станува збор за лажно пријавување. Го добив решението за децата, но со текот на времето синот сѐ помалку сакаше да доаѓа кај мене.
Се обидов да се договорам со партнерот за да не биде сето тоа болно за децата, но тој продолжуваше да ме пријавува за семејно насилство, ги вртеше децата против мене, па ги викаа и нив во социјалното. За среќа, веднаш ги прочитаа и сфатија дека децата се под притисок. Сепак, покрај решение и спогодба дека децата ми се доверени мене, не само што не можев да си го земам детето, дури и не можев да го слушнам. Синот го држеше како заложник, во изолација, поминаа три месеци додека чекајќи на второто решение за регулирање на контактите со децата, не нѐ повикаа и двајцата од Министерство за труд за родителски надзор“, раскажува нашата соговорничка.
Не сакав децата да ја имаат мојата судбина
На крајот на септември 2023, конечно го добила и второто решение кое гласело исто како и Спогодбата, секој наизменичен викенд и секој вторник кон среда, во неделите кога нема викенд со децата, кај него.
Отприлика тогаш, непосредно пред добивањето на решението синот ѝ се јавил велејќи ѝ дека ќе дојде кај неа под еден услов: да го пушта да оди кај татко му кога ќе посака.
„Кога дојде, не го заморував со разговори на таа тема и со прашања зошто не сакал да доаѓа кај мене. Сакав само да се навикне повторно на мене и да биде среќен.
Изгубив тотална доверба во партнерот но сепак не се откажував од мојот став дека за децата е најдобро заедничкото родителство или родителството 50/50. Околу 6 месеци, беше во ред, ги враќаше на време, иако јас сепак останав флексибилна, ги смиривме страстите, па овојпат тој ми предложи да ги оставиме настрана институциите и да се договоривме сами“, раскажува Ивана.
Ја прашавме како успеала да помине преку сето тоа, а таа ни објасни дека имала сериозна причина за да не се придржува слепо до решението и да им овозможи на децата да имаат нормален однос со нивниот татко.
„Знаете, јас сум дете на разведени родители и имав навистина тешко и трауматично детство по разводот на моите. Имав шест години кога се разведоа. Откако мојот, една година постар брат замина да живее со татко ми, а јас, поради лојалност, останав со мајка ми, со нејзиниот нов сопруг и нивното дете, со брат ми моравме да се гледаме по улици и по паркови. Имено, тој не смееше да доаѓа кај нас поради ставот на мајка ми, дека заминал кај татко ни и со тоа ја предал неа, а јас, таква каква што бев, со „испран“ мозок, не сакав да одам и да се гледам со татко ми. До мојата 14-та година живеев без татко, се случуваше кога ќе ме застанеше на улица и ќе ми дадеше пари, да ги искинам пред него, но скришум знаев да му се јавувам на телефон само за да му го слушнам гласот или да го ѕиркам од некаде само за да го видам.
Сега, од перспектива на родител, не сакам истото да им се случува и на моите деца, не сакам тие да бидат доведени во ситуација да мразат кого било од нас двајцата или да им биде забрането да го гледаат едниот. И покрај тоа што не сакав никогаш да дојде до тоа тие да се најдат во таква ситуација, па од тие причини дури не сакав ни да бидам во венчан брак со партнерот, сепак се случи.
За среќа, траеше само нешто повеќе од една пеколна година, а после сите непријатности, стресови и нервози, сепак му дадов шанса на споделеното родителство“, вели оваа мајка додавајќи дека иако меѓу нив останале многу нерасчистени работи околу претходните случувања, сѐ додека функционираат добро како родители, не сака да ги отвора тие болни теми.
„И покрај сѐ, сепак функционираме. Се трудам децата да не страдаат и да не им ја ускратувам потребата и желбата да бидат со татко им. Исто така, сакам со мојот пример да им помогнам и на другите родители. Сакам да им порачам да не им прават трауми на сопствените деца и да ги надминат меѓусебните недоразбирања за доброто на децата“, ја заврши таа својата искрена и инспиративна приказна со која само покажува дека е добар човек и мајка која ги знае приоритетите.