Син ми пишува подобро од мене, ама јас сепак му солам малку памет

Кога станува збор за пишувањето, син ми, Иван, тој е подобар од мене. Но, има уште многу работа, па малку му солам памет: Да пишуваш совршена приказна на лошо негуван јазик е како да свириш ремек-дело на раштимуван клавир, раскажува Бранислав Николов ака Пијан Славеј, за себе, за своето творештво и за релацијата татко/син, во нивниот случај – другарски однос, по хоризонтала

896

Бранислав Николов, познат и како Пијан Славеј, пејач на групата Фолтин, ама и на неговата релативно нова приказна, групата „Пијан Славеј“ која го имаше своето огнено крштевање на скопскиот „Oф фест 2021, пишувач, прво текстописец, а потоа и поет, со опус голем како да има 100 години, а не допрва 52.

Ќе си речете, каква врска има сега пак тој со нашите портали „Мајка и дете“ и „Арт кујна“. А ние ќе ви кажеме дека секој има врска и со двата. Секој од нас доаѓа од некаде, од некои родители, од некое семејство, има или некогаш ќе има свое семејство и свој дом, секој има или имал мајка и татко или е и самиот родител, секој од нас се храни за да живее или обратно, не секој од нас готви, ама секој сака да јаде кога некој друг ќе му зготви.

Такашто, зошто да не? Бранислав од Фолтин или Пијан Славеј, сеедно, зашто тој е и едното и другото, ни раскажа од какво семејство потекнува, а ни раскажа и за неговиот син Иван, ни кажа и за себеси, а направи и одличен спој меѓу поезијата и музиката и, секако, храната.

Дефинитивно, не е бретаријанец (Практичарите на оваа филозофија тврдат дека не се хранат и дека живеат само од светлина). Напротив, добро се храни и не живее од светлината, ама секогаш е осветлен од неа, тоа најчесто се случува на сцената.

Како еден од основачите и клучните членови на Фолтин, зад себе има девет студиски изданија, музика за над триесет театарски претстави и за неколку документарни и играни филмови, вклучувајќи го и номинираниот за Оскар „Медена земја“. Со неговиот самостоен проект надвор од Фолтин, има еден  миниалбум со пет авторски композиции, но сега веќе и репертоар со фестивалски габарит кој се развива, расте и се менува, па неодамна, во Народниот театар во Битола Пијан Славеј одржа и концерт на нова македонска шансона. Бранислав алијас Пијан Славеј или обратно, досега има објавено и три книшки поезија: „Креветизам и хоризонтала“, „Срчки“ и „Полиграф“. Тој е пишувач на стихови и пејач кој прво пишувал текстови за да ги отпее, а сега веќе не се знае однапред дали песната што ќе ја напише ќе биде и отпеана или ќе си остане само поезија.

„Песната може да дојде од секаде. Може да е брза како сокол, и многу да плени. А може да е спора како петел и да кукурика без да летне високо. Не можеш да знаеш предвреме каков ѝ е к’сметот. За таа суптилност, Том Вејтс исто така рекол дека пишувањето песна е како да фаќаш птица и притоа не смееш да ја убиеш, зашто ќе завршиш само со полна уста пердуви. Мене ми е важно песната сама да ми дојде. Да ми слета на дланка и најважниот дел сама да си го запише. И не можам да кажам дека тоа е брз или спор процес. Тоа нема врска со времето. А јас, до скоро пишував само текстови што се пеат. Но, откако почнав да објавувам, пишувам и песни сами за себе, поезија што не сака да се венча со музика.

Сметам дека не сум од оние што пишуваат премногу. Од друга страна, знам да бришам веднаш, само што сум напишал. Некогаш песната не трае ни неколку кратки минути. Сама од себе бргу се разградува. На крајот, ги објавувам само песните во кои верувам“, вели нашиот соговорник.

Бранислав е роден во Битола, живее во Битола, ама само кога е таму. Во меѓувреме има направено огромна километража, иако самиот никогаш не седнал зад воланот. Настапувал во регионот, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Албанија, Бугарија, ама и пошироко, во Италија, Австрија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка.

„Роден сум во Битола. Живеам во Битола. Не работам во Битола. Тешко е да се објаснам и да се дефинирам самиот себе. Она субјективното, како човек сам се гледа, тоа е во зоната на шпекулација“, вели тој одговарајќи на прашањето Кој е Бранислав, а кој Пијан Славеј и што е она што луѓето не го знаат за него. Па продолжува да ни ја раскажува приказната за себе пред да стане Бранко од Фолтин или Пијан Славеј.

„Роден сум во работничко семејство. Растев како интровертно дете. Не јадев многу. Бев слаб. Моите кинеа живци и си ја чукаа главата со таа проблематика. Обожував попара и грав. Мразев кога млекото ќе фатеше кора и кога ќе наидев на кромид во гравот. Комплициран до немајкаде. Немав многу играчки па затоа импровизирав. Дома играв сам, со штипките за алишта. Некогаш играв со празни раце. Бев и останав мечтател. Надвор, игравме фудбал со маалските деца. Лупавме со топката по гаражите и ролетните на прозорците од првите спратови и така ги лутевме соседите. Сигурно многу сме врескале. А сега е мирно и некако отсутно тажно“, раскажува тој.

Потоа следувал гимназискиот период, а тој исто – интроверт и мечтател.

„Тогаш беа првите обиди со поезијата. Првите допири со музиката беа кон крајот на гимназиските денови. Се собравме неколку ентузијасти. Мене ми доделија гитара. Беше зима. Вежбавме две песни за некаков групен младински настан. Добив воспаление на уво и не се појавив на настанот. Водачот на бендот смртно ми се налути. Потоа војска. А кога се вратив, со неколку од првите членови на она што подоцна ќе биде Фолтин, се здруживме во интересот за уметоста. Заминав на факултет во Скопје. Во исто време музиката почна сериозно да ме влече, па затоа продолжив да студирам како вонреден студент и се вратив во Битола. Се сеќавам на некои забелешки дома. Секако, млад човек што не застанува на цврсто тло ги вознемирува родителите, ама сигурно мислеле дека ќе ми пројде, дека е фаза, соодветна за тие години. Но, не ми проаѓаше. И така, најпрвин некакви перформанси со удирачки инструменти, потоа, внатрешниот повик да се создава, да се извади од душата, па театарот и првиот албум“, се потсетува Бранислав на своите почетоци.

Оттогаш наваму, за него знаеме многу повеќе, а тој е постојано нов, оригинален и експлозивен. Таман мислиш ете го, експлодираше, ова е кулминација во неговото творештво, туку ќе се појави нешто ново, нешто што уште посилно ќе одекне и ќе ви ечи во главата уште долго потоа.

А тој е сѐ уште мечтател.

„Никогаш не сум помислил, освен во мечтите, да живеам на друго место. Сонував живот на Медитеранот. Многу сончеви денови. И вода. Сакам вода. Сакам ветре и едра. Сакам живот што се дише со полни гради. Сакам мир и немир. Но, ете, останав во родниот град. Досега е така, не знаеме што носи времето. Никогаш не сум возел. Овде и не ми е потребно тоа. Мал е градот. Ако е нешто итно, фаќам такси. Ама тоа е ретко. Сакам да пешачам. Сам или во друштво, сеедно. Сакам и да патувам. Помалку од порано, но сѐ уште сум мобилен и уживам во движењето и новите искуства. Како што кажав – живеам во Битола, но работам и сонувам подалеку“, вели тој.

За неговата трансформација од текстописец и пејач во Фолтин, во поет и во Пијан Славеј, двете негови битија кои си личат еден на друг, вели: чинот на создавање е всушност, чин на духовен процут. Автономен, изворен, безусловен порив за длабока емоционална и духовна комуникација. И во тој чин и процес на создавање, на креирање, постои комплементарен, а наизглед противречен порив. Порив да се менуваш и истовремено, порив да останеш ист. Менувањето е растот, а препознатливоста е вкоренувањето на битието. И тие двете се дел од идентитетот.

Не ја одрекува својата оригиналност. Вели, тоа е нешто што не можеш да го бараш. Тоа треба да тргне од тебе. Не можеш да решиш дека ќе бидеш оригинален. Можеш само да бидеш или да не бидеш. И таа оригиналност, во однос на светот околу нас од аспект на комуникативноста, може да е предност или недостаток. Постојат уши што сакаат да чујат нечуено, но, повеќето се подесени на препознаени, препознатливи фреквенции и тешко им е да се прилагодат на нешто ново. А оригиналноста, сама по себе, не значи ништо. Таа мора да се врзе со општите уметнички вредности.

Кога станува збор за „Фолтин“ и за нивната публика, не чувствува многу потреба за пропаганда.

„Имаме доволно публика. Би рекол, точно толку колку што ни треба. Ако насилно или вештачки го зголемуваш бројот тоа би можело да има обратен ефект и да ти се врати со лошо. Публиката ја сакам во одбрани и вкусни дози. На крајот, огледај се: твојата публика, тоа си ти“, вели тој.

А што се однесува до родителството и пишувањето, нашиот соговорник тврди дека неговиот син Иван е во тоа подобар од него. Иако Иван студира компјутерски науки, тој е голем вљубеник во културата. Бранислав пак, очекувано, ништо не форсира.

„Имаме дома инструменти, некое време и тоа го повлече. Добро му одеше и ликовната уметност. Ама ете, најмногу му легна пишувањето. Но, има уште многу работа. Па малку му солам памет: „Да пишуваш совршена приказна на лошо негуван јазик е како да свириш ремек-дело на раштимуван клавир“.

А знаеме така, да си размениме некое музичко име, да послушаме заедно музика. Добар дел од младата сцена се негови пријатели и Фолтин не е туѓ и за помладите генерации, па се случува и да ме запознае со некои од нив. А секако, доаѓа на наши концерти. Не пречесто, ама ете, сѐ уште не сме му се смачиле. Сега имаме другарски однос, по хоризонтала и во мене не гледа авторитет поголем од нормалниот за стандардна релација меѓу татко и син“,ја објаснува тој нивната релација.

Ако сте љубопитни па почнете да го распрашувате околу содржината на некои од песните, како на пример, дали кога ја пишувал „Ми се води љубов“, сакал да порача всушност нешто што има повисока смисла, објаснува:

„Можеш да си поиграш со перцепциите на луѓето, но, во суштина сѐ треба да има повисока смисла. Па така, песната „Ми се води љубов“ не зборува буквално за онаа во креветот, ами за искреноста, за предавањето на потребите и желбите на другиот, за несебичноста. Како што „Слободната љубов“, преку вокабуларот на фриволност, повеќе се однесува на слободата воопшто, на она што полека но сигурно го губиме, нашата несовршена човечност“.

И на крајот, надоврзувајќи се на приказната, ни го открива и својот вкус за храната. И не за друго, туку за да се вклопи во она што го бараме од него, а тоа е, да најдеме некоја врска помеѓу него и нашата Арт кујна.

„Сѐ што правиш треба да е вкусно. Како тоа што го ставаме во уста, така и тоа што излегува од неа. Па така и поезијата и музиката може да се споредат со храната. Ако, според Шекспир, музиката е храна на љубовта, тогаш неслучајно е и изразот „вкус за музика“. А ако прашате за мојот вкус за музика, тогаш: чоколадо, мед и млеко, диња со пршут, узо, македонска салата со печени пиперки, селско тавче, домат со маслиново и босилек, бела домашна ракија, свинско филе во праз и суви сливи, вранец, изворска вода и усни со вкус на капинка“.

Убаво нели? И вкусно. Таман како што очекувавме од Бранислав од Фолтин, од Пијан Славеј, од текстописец, поет и изведувач пар екселанс, ама и од родител и гурман кој, меѓудругото, има и одличен вкус за храна.

Повеќе