Скопјанката Маја станала мајка на 52 години и им порачува на сите жени: „Не се предавајте!“

„Не се откажувајте дури и кога сите ви велат дека е предоцна“, им порачува нашата соговорничка Маја Мицевска на сите жени кои сакаат да бидат мајки, без оглед на возраста

27.859

Маја е скопјанка, па ако ви е генерација, веројатно ја знаете како Маја Арсова. Еден од нејзините пријатели од детството и младоста, кога зборува за неа секогаш вели: „Маја се предаде последна“, мислејќи на тоа што се омажила последна во генерацијата, пред 7 години.

Станала мајка уште подоцна, 3 месеци пред да наполни 52. Нејзината ќеркичка Лина сега има три години. Дали е до возраста или до карактерот не знаеме, ама Лина е своеглаво и исклучително хиперактивно дете, од оние за кои обично се вели: „вода стои, тоа не стои“. И ако мислите дека возраста на Маја (55) ѝ е проблем во одгледувањето на Лина, се лажете.

„Иако веќе три години немам спиено повеќе од 5 часа на ден, имам неверојатна енергија. Лина како да ме подмлади, а и возраста веројатно си додава некој квалитет во однос на воспитувањето, па сум исклучително смирена и трпелива иако Лина навистина знае да биде напорна“, се смее Маја.

Лина му е прво дете и на нејзиниот сопруг, битолчанецот Менде кој е помлад од неа речиси пет години. Кога се запознале со Маја во 2014 година, таа имала 47 години, тој 42.

„Менде се преселил во Скопје 10 години пред да се запознаеме, но сме се движеле во сосема различни кругови, па нашата прва средба беше случајна и можеше никогаш да не се случи, ама кога нешто треба да се случи, ќе се случи“, раскажува Маја.

Втората средба не се случила толку скоро и можеби немало ни да дојде до неа, ако не замешала прсти пријателката на Маја која подоцна им станала и старосватица. А кога се сретнале и вторпат, немало назад, пеперутките веќе биле тука. Иако не се знаеле долго и можеби и не очекувале дека ќе си ја најдат сродната душа на оваа возраст, се случило токму тоа, „се препознале“ веднаш и знаеле дека нема да згрешат, па само неколку месеци откако се запознале одлучиле да живеат заедно и да се обидат да се реализираат како родители.

Бидејќи и двајцата имале голема желба да имаат дете, решиле да не губат време. Маја се посоветувала со матичниот гинеколог кој ја упатил кај доктор Глигор Димитров во „Ремедика“.

Се консултирале со неколку лекари, но со доктор Димитров веднаш се нашле на иста бранова должина.

„Го обожавам докторот. Има одлично чувство за хумор и најважно од сè, не крена раце во ниту еден момент, иако, како што ми кажа подоцна неговата колешка која се грижеше за мојата бременост, докторката Рина, заради мојата возраст сепак не биле толку сигурни во исходот. Јас бев навистина упорна, но иако сите мои ме поддржуваа во желбата, после извесно време почнаа да ме советуваат да престанам со обидите. Постојано примав хормони и тие се грижеа за моето здравје. Единствената која ми велеше да не се откажувам беше мојата сосетка која и самата го роди своето дете на 48 години“, вели нашата соговорничка.

Кога конечно докторите успеале да го зачнат ембрионот и да направат ин-витро, Маја веднаш забременила.

На Маја на сон, а потоа и на ехо ѝ се појавило женско бебе па таа и Менде почнале со смислување на имиња уште пред да се роди „Петко“. Преговорите, вели, биле тешки и долги.

„Јас многу сакав бебето да се вика Дора, ама Менде рече дека не сака ќерка му да се вика како кравата на баба му. Сега се шегуваме дека можеби истото некои други родители го викаат за името Лина“, се смее Маја. На крајот го стесниле изборот и се договориле да почекаат да се роди и да видат кое име најмногу ќе ѝ прилега.

Маја се породила со царски рез кога имала 51 година и 9 месеци.

„Докторот одлучи да ме породи со царски рез една недела пред терминот. Не ми дадоа целосна анестезија, туку само епидурална, бев свесна цело време, чувствував сè, само не ја чувствував болката“, се сеќава Маја.

Менде чекал во ходникот, а анестезиологот го фотографирал породувањето и првата средба на Маја и Лина.

Се разбира, за толку посакуваното и очекувано дете, Менде со задоволство го остварил ветувањето дека ќе го чести цел град ако добијат дете, па правел мекици дури три пати, за роднините, за колегите и за пријателите.

„Без помошта на мајка ми и на Менде немав шанси. Лина не беше баш кротко бебе. Не успеав ни во креветче да ја спуштам без да се разбуди, а се будеше за 10 минути. Така, на крај ја зедов да спие со мене во кревет“, вели Маја која и ден денес нема многу прилика за сон со оглед на тоа што Лина не заспива пред полноќ, а доволни ѝ се само 10-15 минути одмор во скутот на мама за да си ја обнови енергијата.

Пријателите на Маја сè уште ѝ се чудат на храброста, да има дете на оваа возраст, но таа е пресреќна.

„Цел живот сакав и умеев со деца. Ги чував децата на сестра ми кои се веќе возрасни луѓе и навистина многу сакав да станам и јас мајка. Затоа ги охрабрувам сите жени да не се плашат од возраста и да бидат упорни затоа што никогаш не е доцна за да се стане родител“, порачува Маја.

А Лина е голема среќа за целото семејство. И за семејството и пријателите на Маја и за семејството и пријателите на Менде.

„Сите дојдоа да ја видат, сестра ми, зетот и внуците кои баш во периодот кога се запознав со Менде се отселија и сега живеат во Шведска, па дури и една моја другарка од Австралија. За нас и нашата среќа да не зборувам. Нема да заборавам како еднаш кога Лина имаше 4 месеци додека одевме по улица Македонија, во истиот момент кога поминувавме покрај уличниот музичар, тој почна да ја пее: ’Сакам женска луда фина да биде како Лина‘. Менде ќе полеташе“, се смее Маја.

Во меѓувреме, палавата Лина расте, постојано ги изненадува родителите со некои постапки и реченици и не дозволува многу да ѝ се наредува зашто знае дека кај мама и тато таа е главна „женска“.

Повеќе