Средношколци од Хрватска, Литванија и Македонија со заеднички настан во „Корчагин“

Во петок (6 мај) во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ ќе се одржи завршниот настан од проектот за развој на образование за социјалното претприемништво кој го координира здружението за социјални иновации АРНО во партнерство со училишта од трите земји

215

„Во името на проектот „SEED – Проект за развој на образование за социјалното претприемништво“ со задоволство Ве каниме да го посетите и проследите завршниот настан од проектот кој ќе се одржи на 6-ти мај 2022 во СУГС „Раде Јовчевски- Корчагин“- Скопје, со почеток од 10 часот.

Идејата на настанот е да ги повика сите поддржувачи на социјалното претприемништво преку симболичен гест (садење на еко-картички од кои расте цвеќе пркос) да се обратат на присутните и да ги посадат заедно семињата на социјалното претприемништво. Покрај садењето на картичките, предвидени се мини креативни работилници и забава и едукација преку магионичарски еко-настап“, велат организаторите на настанот, здружението за социјални иновации АРНО.

Како дел од настанот предвидена се кратки обраќања на претставник од координаторската организација- АРНО (Ирина Јаневска), претставник од донаторот- Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (директор Марко Ѓоргиевски), директорот на училиштето-домаќин (Драган Арсовски), тим лидерката на ЕУ проектот „Поттикнување на социјалното претприемништво“ (Барбара Садовска), еко-магионичарот-поранешен ученик во СУГС „Раде Јовчевски- Корчагин“ (Кристиан Шопов), професорите и учениците од 3-те училишта (од Македонија, Литванија и Хрватска).

Проектот „SEED – Проект за развој на образование за социјалното претприемништво“ е дизајниран да им овозможи на учениците да станат идни социјални претприемачи. Преку проектот SEED, во период од 24 месеци, младите луѓе учат основни вештини за водење бизнис, а исто така учат и за филантропија, креативност, лидерство и тимска работа. Главната цел на SEED проектот е да го доближи уште поблиску претприемничкото образование до учениците преку нудење на знаења и вештини за новиот бизнис модел на социјални претпријатија како дел од училишниот предмет „Претприемништво“, кој се предава во 3-те партнерски училишта (Хрватска, Литванија, Северна Македонија). Проектот го координира Здружението за социјални иновации „АРНО“ во партнерство со училиштата од трите земји и граѓанската организација „GoGreen Belgium“ од Белгија, и истиот е финансиран од Европската Комисија во рамки на програмата Еразмус +.

Повеќе