Високи штикли, црни чорапи и малечки помодарки: Дали навистина би мачеле мало девојче со штикли?

Сите знаеме дека нема ништо „згодно и удобно“, а истовремено да е и на штикли. Многу од оние кои макар и краток период се мачеле себеси носејќи прилично високи потпетици, имаат трајни последици на стапалата, искривени прсти, а кај речиси 80 отсто од возрасните жени, се јавува деформитетот наречен халукс валгус. Зошто би им купувале штикли на девојчиња од 12-13, па дури и од 3, 4, 5 години?!

1.159

Кога бевме мали сите девојчиња ги испробувавме штиклите на мајките или на постарите сестри, се шетавме низ дома некое време, испробувавме кармини, перики и шапки и на крајот, фрлавме сѐ и одевме боси да играме ластик.

Се разбира, ниту на крај на памет не им беше на родителите да ни купуваат чевли со високи потпетици. Некои од нас ги носеа само во исклучителни ситуации дури и како возрасни.

Сите знаеме дека нема ништо „згодно и удобно“, а истовремено да е и на штикли. Многу од оние пак кои макар и краток период се мачеле себеси носејќи прилично високи потпетици, имаат трајни последици на стапалата, искривени прсти, а кај речиси 80 отсто од возрасните жени, се јавува деформитетот наречен халукс валгус.

Во поново време, можеби првото дете кое го видов на високи потпетици беше ќерката на Кејти Холмс и Том Круз, а сега, иако немам многу мали девојчиња во блиското опкружување, често наидувам на фотографии на девојчиња облечени како возрасни жени, па дури и трговците со обувки и оние кои ги изработуваат, имаат во понудата обувки на штикли за мали девојчиња, замислете, во понудата имаат броеви кои почнуваат од „26“!!!

Замислете, како „идеален подарок за најмалите манекенки од кој девојките со сигурност не би се одвоиле“, се рекламира и еден петпарачки сет кој покрај некои пластични влечки на штикли содржи и „алки и кармин за уште поинтересна игра“.

Ај, си велам, ова е само играчка, сигурно си се радуваат по дома, не ги носат белким вака во градинка и на родендени. Ама гледам дека и многу производители на чевли во својата понуда денес имаат и штикли за деца иако лекарите предупредуваат дека носењето на потпетици може да го загрози развојот на детското стопало.

Значи, покрај шминкањето, лаковите и вештачките екстензии на нивните коси, носењето во спа-центри, ставањето вештачки трепки, мајките одат и чекор понатаму и им купуваат на своите мали ќерки чевли со високи потпетици. Ова е особено присутно кај нашите соседи, во Србија.

Порано не се земаа толку предвид комбинациите на детска облека, се дозволуваше детето да биде валкано и калливо, додека ова што го прават мајките денес е и повеќе од претерување. Дури и за обична прошетка ги облекуваат своите ќерки во најмодерна облека, ги шминкаат, а многу од нив ги принудуваат девојчињата од три години да носат штикли!

Колку овој тренд има подем, може да се види од големата и разновидна понуда на вакви чевли со високи штикли во детските одделенија на продавниците за чевли. Експертите предупредуваат дека овој бизарен тренд по кој прибегнуваат мајките влијае врз развојот и здравјето на овие девојчиња, како и дека носењето штикли на рана возраст може да доведе до сериозни деформитети.

Ивана Вана Станисављевиќ, дипломиран наставник во предучилишни установи, за српски „Курир“ вели дека е поразително што девојчињата на детски родендени доаѓаат облечени во мрежести чорапи, здолништа и штикли, со комплетна шминка.

„Имаше такви случаи во градинките, на пример, мајка си ја донела петгодишната ќерка со штикли, детето едвај оди, штиклите му паднале во тревата. Имаше деца со прамени, со вештачки нокти. Добро, сето тоа е детско, но порано беше пола саат игра дома, не беше за надворешниот свет. Сето ова е штетно за развојот на нозете. Постои и еден бренд кој со секој комплет за девојчиња од три, четири и пет години, наметнува и купување на штикли“, вели Станисављевиќ.

Таа ги советува родителите да не им наметнуваат такви работи на своите деца и да не ги лишуваат од детството.

Педијатарот д-р Саша Милиќевиќ објаснува дека носењето штикли на толку рана возраст негативно влијае врз развојот на стапалата.

„Сите коски, зглобови и зглобот на глуждот се многу чувствителни на рана возраст. Носењето такви обувки може да доведе до некое нарушување, повреда, исчашување, дислокација, едноставно положбата на целото тело не е добра. Не е добро за ’рбетниот столб, колената, колковите, глуждовите, а не е добро ниту од психолошка страна, бидејќи му го одзема вниманието на детето кое ќе се напрега и ќе се фокусира само на одењето со штикли“, предупредува тој и додава:

„Тоа може да влијае врз развојот на стапалата, а штетно е дури и за прстите, бидејќи може да има и деформитети, дури и калуси, кои подоцна можат да се инфицираат. Освен штикли, купуваат и патики на платформа за девојчињата. Не е во ред родителите да го прават тоа, не е во ред, бидејќи може да се појават различни нарушувања“, вели д-р Адамовиќ.

Социологот Зорица Мршевиќ забележува дека овој тип модна индустрија одговара на потрошувачкото општество, каде што мајките што го прават тоа очекуваат дека нивните ќерки ќе имаат „подобар живот“ и дека ќе бидат повеќе ценети.

„Тоа е голема грешка. Се знае што е детско, а не таква облека, штикли и шминка. Родителите треба да ги насочат своите деца кон спортот, образованието и културата и на добро однесување. Но, јас не ги осудувам тие мајки, тоа е социјален контекст кој вреднува сѐ што не е добро“, заклучува Мршевиќ.

Од германската компанија „Dajhman“ која во својата понуда има чевли на штикли и платформа од три до пет сантиметри, за девојчиња од 6 до 10 години, тврдат дека соработуваат со стручни лица и дека здравјето на детското стопало им е особено важно и дека носењето на овие чевли секојдневно е штетно.

„Ако девојчињата сакаат да изгледаат елегантно за некоја пригода и да носат вакви чевли, тогаш тоа е во ред. Но тоа не се чевли со кои девојчињата можат да одат на игралиште, на училиште или на секојдневна прошетка” – изјавуваат вработените во маркетинг на оваа компанија.

Повеќе