Неименувано девојче од три години во Ерусалим, Израел е потврдено како прв случај на детска парализа во земја од Блискиот Исток после повеќе од 30 години. Девојчето не било вакцинирано против вирусот, кој во голема мера е искоренет ширум светот поради широко достапните вакцини.
Ова е прв случај на овој опасен вирус во Израел од 1988 година.
Официјалните лица сѐ уште не го утврдиле потеклото на инфекцијата или дали девојчето ја пренела на некој друг. Полиомиелитис или полио е вирусна инфекција која може да биде катастрофална, предизвикувајќи парализа на заразеното лице. Вакцините се широко достапни, иако вирусот и натаму останува закана за младите во Авганистан и Пакистан.
Случајот бил пријавен кај локалните здравствени власти откако девојчето почнало да чувствува симптоми на парализа, пишува Wall Street Journal. Иако ова е прв потврден случај на полио во земјата од 1988 година, вирусот е откриен во отпадните води, што значи дека дошло до неоткриено ширење.
Искоренувањето на полио е предизвик за здравствените работници со децении, но нивните напори вродија со голем успех. Центрите за контрола и превенција на болести известуваат дека вирусот е присутен уште од дамнешни времиња, цитирајќи ги записите на древните Египќани кои биле свесни за таа состојба и парализата што доаѓа со неа.
Често се шири преку фекалии кои ја загадуваат водата или друга храна или пијалаци. Може да се пренесе и со физички контакт.