Во повеќе од 55 проценти примероци на сперма најден хербицид против плевел: Главен виновник за машката неплодност е изложеноста на хемикалии и пластика
Серија студии покажале дека бројот на сперматозоиди кај мажите во западните земји е во постојан пад, а како главен виновник е откриена изложеноста на хемикалии и пластика. Луѓето кои се занимаваат со земјоделство имале највисоки нивоа на глифосат во спермата, а 96 отсто од фармерите вклучени во студијата ја имале оваа хемикалија во нивните тела. И пушачите имаат тенденција да имаат покачени нивоа, многу повеќе од непушачите.
Повеќе од 55 проценти од примероците на сперма од француска клиника за неплодност содржеле
високи нивоа на глифосат, најчесто користениот уништувач на плевел во светот, што повторно ги
отвора прашањата за влијанието на хемикалиите врз репродуктивното здравје и општата
безбедност.
Новото истражување исто така откри докази за дејството на хербицидите врз ДНК и корелација
помеѓу нивоата на глифосат и оксидативниот стрес во семената плазма, што укажува на значително
влијание врз плодноста, пишува Гардијан.
„Земено заедно, нашите резултати укажуваат на негативното влијание на глифосатот врз
човековото репродуктивно здравје и можното потомство“, велат авторите на студијата објавена во
списанието ScienceDirect.
Научниот труд „Присуството на глифосат во човечката сперма“ е создаден како резултат на
потрагата по одговори зошто глобалните стапки на плодност се намалуваат, а многумина се
сомневаат дека изложеноста на токсични хемикалии како глифосат е значаен двигател на овој пад.
Глифосат се користи на многу прехранбени култури во САД. Најпопуларниот производ базиран на
глифосат е убиецот на плевелот Roundup на Монсанто, кој беше во центарот на правните и
регулаторните битки во последниве години. Студијата на американската влада од 2023 година откри
генотоксичност кај фармерите со високи нивоа на хербициди во крвта, што укажува на врска
помеѓу пестицидите и ракот.
Во декември, група водечки американски јавно-здравствени организации поднесоа петиција до
Агенцијата за заштита на животната средина да го забрани производот, иако неговите бранители
велат дека нема конечни докази за токсичност за луѓето. Сепак, десетици земји ја забранија или
ограничија неговата употреба.
Оксидативниот стрес – важен фактор за машката неплодност
Нивоата што француските истражувачи ги откриле во спермата биле четири пати повисоки отколку
во крвта на мажите, што, како што пишуваат авторите, е првата таква споредба што била
направена. Тие го нарекоа наодот „загрижувачки“ бидејќи укажува дека оваа хемикалија е особено
опасна за репродуктивниот систем. Оксидативниот стрес „се смета за еден од најважните фактори
за машката плодност бидејќи ја регулира виталноста и функционалноста на спермата кај цицачите“,
напишаа авторите и открија „значајна позитивна корелација“ помеѓу нивото на стрес и глифосатот.
Луѓето кои се занимаваат со земјоделство имале највисоки нивоа на глифосат, а 96 отсто од
фармерите вклучени во студијата ја имале оваа хемикалија во нивните тела. Градинарите исто така
имаа меѓу највисоките нивоа, а пушачите имаат тенденција да имаат покачени нивоа, многу повеќе
од непушачите.
Меѓународната агенција за рак го класифицирала глифосатот во групата на веројатни канцерогени
и во групата на ендокрини пореметувачи, што може да се преведе како хормонски отров. Кога
хемикалија е хормонски отров и се меша со вашето тело, можете да очекувате хормонален хаос.
Тoa вклучува невролошки, репродуктивни нарушувања, имунолошки нарушувања, ефект на
Пандорината кутија каде што можете да очекувате спектар на здравствени нарушувања само затоа
што секојдневно сте изложени на глифосат.
Не знаеме каква е состојбата со нашите земјоделски производи, но дури и ако се навистина доста
чисти во однос на контаминација со глифосати, проблемот е подлабок, бидејќи увезуваме храна
која е загадена со глифосат. Што се однесува до дозволените концентрации, комплицирано е да се
одредат бидејќи глифосатот не е единствена хемикалија, туку коктел од хемикалии на кои сме
изложени.
Поради хемикалии, концентрацијата на сперма паднала за 50 отсто
Серија студии покажале дека бројот на сперматозоиди кај мажите во западните земји е во постојан
пад, а како главен виновник е откриена изложеноста на хемикалии и пластика. Во последните 40
години, концентрацијата на сперматозоиди во ејакулатот е намалена за 50 отсто, покажуваат
резултатите од студијата објавена во списанието Human Reproduction Update, спроведена од др.
Хагај Левин од Универзитетот во Ерусалим. Нивното истражување покажа дека бројот на
сперматозоиди кај мажите во Северна Америка, Европа, Австралија и Нов Зеланд се намалил за 50
до 60 отсто помеѓу 1973 и 2011 година. Научниците беа особено загрижени дека голем дел од
мажите на Запад имаат концентрација на сперма под 40 милиони на милилитар семенска плазма,
бидејќи тоа укажува на неплодност. Тоа не е само показател за плодноста туку и за здравјето на
мажите, ниските нивоа се поврзани со зголемен ризик од хронични болести, рак на тестисите и
намален животен век. Минатата година, Левин и неговите колеги, исто така во списанието Human
Reproduction Update, објавија податоци за светските трендови. Истражувањето опфати 53 земји и
покажа дека бројот на сперматозоиди се намалува во просек за 1,2 отсто годишно од 1973 година,
а од 2000 година стапката на опаѓање се забрза на повеќе од 2,6 отсто годишно.