Љубовта на родителите кон детето никогаш не се менува, без разлика на возраста. Затоа и на 30, 40,
50 години, ако имате среќа да имате сѐ уште здрави родители, тие ќе се случи да ви кажат: „Седни
да ти дадам да јадеш!“
Или пак: „Оди на лекар, многу кашлаш“; „Облечи се, ладно е“…
Превртувате со очи затоа што сте веќе возрасни или дури и средовечни, а мајка ви сѐ уште ве
третира како дете. Здодевна е, постојано ви дава совети, ви нуди храна, па едвај чекате да си одите.
И така полека, се оддалечувате, а односот ви се влошува. И залудно некој ќе ви каже дека подоцна
токму ова знае да недостасува, затоа што едноставно не можете да го замислите тоа сѐ додека се сѐ
уште тука, такви, грижливи, напорни и ве третираат како дете.
Сепак, тоа не значи дека односот со детето нема да се развива со текот на годините. Понекогаш тоа
ќе биде во позитивна насока и ќе завршите како најдобри пријатели, а постојат и ситуации кога
односот со возрасното дете може да стане покомплексен.
Ако вашата врска со вашиот син или ќерка спаѓа во втората категорија, не сте сами. Многу
родители се борат со поврзувањето со своите деца. Добрата вест е што експертите велат дека само
затоа што вашата врска не е цврста во моментов, тоа не значи дека треба да остане таква.
Психолозите Тај Алонсо и Ана Ван Метер велат за Parade дека, ако сте спремни да вложите напор,
има работи што можете да ги направите за да ја подобрите вашата врска.
Како да се подобри односот со возрасните деца?
Поправањето на секоја нарушена врска не е лесно, но не е невозможно.
„Може да има многу причини зошто односите меѓу родителите и нивните возрасни деца страдаат“,
објаснува Алонсо. Но, Ван Метер вели дека тоа може да се поправи.
„Доколку врската помеѓу родителот и возрасното дете не е толку силна како порано, таа може да се
поправи и зајакне со текот на времето. Ова бара и од родителот и од возрасното дете да вложат
напор. Двете страни треба да бидат отворени, да ги почитуваат границите и да преземат
одговорност“, истакнува таа.
Што им треба на возрасните деца од нивните родители?
Наместо да ги гледате вашиот син или ќерка како свое дете, Ван Метер ви предлага да се обидете
да го промените вашиот начин на размислување и да почнете да ги гледате како пријатели.
„На некој начин, здравата врска помеѓу родител и возрасно дете може да биде повеќе како
пријателство меѓу двајца возрасни отколку врска родител-дете“, вели таа.
Кога ќе почнете да ги гледате на тој начин, тоа може да направи голема разлика во начинот на кој
се однесувате и разговарате со нив, зајакнувајќи ја вашата врска.
„Понекогаш тоа е сè што е потребно покрај работи како што се взаемното почитување, љубов и поддршка“, додава.
Едноставен чекор за подобар однос со возрасните деца
Како и во повеќето врски, комуникацијата е клучна. Затоа Алонсо и ВанМетер се согласуваат дека
ова е најважното нешто што треба да го подобрите за да го подобрите односот со вашите возрасни
деца.
„Важно е сите страни да имаат отворена комуникација за тоа што би било корисно за
воспоставување здрава врска. Обидете се да слушате без осуда или одбрана и обидете се да го
запознаете вашето дете такво какво што е тоа сега“, забележува Алонсо.
Можете да започнете со изнаоѓање начини да им дадете до знаење дека ви недостига врската што
некогаш сте ја имале и дека сакате вашиот однос да расте. Сепак, Ван Метер вели дека стилот и
тонот на вашата комуникација се клучни.
„Наместо да кажете нешто како „Ме заборави!“, обидете се да кажете нешто како „Ми недостасуваш и се радувам што ќе се видиме!
Оваа порака е одличен пример кој можете да го следите бидејќи не предизвикува чувство на вина ниту пак поставува барања. Едноставно и слободно изразува наклонетост“, истакнува таа.