Забрането гребење на докторот! Дали знаете зошто не треба да имате лак и надградба на нокти кога се пораѓате?

„Знаеш зошто не треба да ги правиш ноктите кога одиш на породување? За да не го гребеш докторот!“
Што е најсмешното нешто што сте го чуле вие, околу тоа зошто не треба да правите некои работи додека сте бремени или на породување?

192

Деновиве една пријателка која во моментов е бремена ни раскажа една случка од салонот кадешто оди на маникир.

Вели, имаше неколку жени и додека ме распрашуваа околу бременоста, една од нив ме праша: Знаеш ли дека не смееш да имаш надградба на нокти кога ќе одиш да се пораѓаш?

И веднаш продолжи да ми објаснува зошто: За да не го гребеш докторот!

Ние останатите останавме со подзинати усти. Јас очекував да ми го раскаже она што веќе го знам. Дека дури и по најидеалната бременост може да дојде до компликации за време на породувањето, особено при царски рез и дека тогаш бојата на ноктите е првото што ќе покаже дека нешто не е во ред. Односно, дека токму затоа не треба да се оди со лакирани нокти на породувањето, но и дека не е добро да се прави надградба затоа што може да се случи да има потреба да се стави на прстот пулсен оксиметар, мал уред кој ја мери сатурацијата, односно, нивото на кислород во крвта. Ако жената има вештачки нокти или дебел слој гел-лак, овој уред нема да ги покаже точните вредности.

Но секако дека не очекував дека единствената причина поради која оваа жена мислеше дека не треба да се оди со надградба и со лакирани нокти на породувањето е за докторот да не биде изгребан!

Е токму поради ваквите мислења, мислам дека е важно што почесто да се пишува на овие теми, ни порача нашата пријателка.

Што е забрането во бременоста?

Па да повториме:
На бремените жени не им е забрането да ја бојадисуваат косата, да ги лакираат ноктите, да ги цртаат веѓите и да лепат трепки. Речиси ништо не им е забрането, па гинеколозите апелираат само да се користат хемикалиите со посебна претпазливост.

Исто така, третманите треба да се прават само во проверени салони, со беспрекорна хигиена и стерилизирани алатки. Покрај тоа, треба да се купуваат само проверени добри брендови на козметички производи и да се следат упатствата за употреба. Само така идната мајка нема да го загрози своето здравје или здравјето на бебето.

Теророт на убавината не стивнува! Напротив!

Под влијание на медиумите, а особено на социјалните мрежи, од кои ни се смешкаат убави, свежи, одморени, штотуку породени жени со рамни стомаци и бујни гради, има сé повеќе и повеќе бремени жени кои ги поминуваат деновите пред породувањето во салоните за нега и убавина, на фризер, педикир и маникир.

А кога станува збор за породување, ако вашиот гинеколог не ви обрнал внимание на тоа, кога ќе почнат контракциите, избришете го лакот, а излиените нокти и гел лакот отстранете ги веднаш штом ќе влезете во деветтиот месец. Дури и најидеалната бременост може да заврши со царски рез, кој, како и другите хируршки интервенции, се изведува под анестезија што носи одредени ризици. Истото важи и ако имате закажано царски рез или породување со епидурална анестезија.

Во случај во текот на зафатот да дојде до компликации, бојата на ноктите е првото што ќе покаже дека нешто не е во ред. Во случај на пад на нивото на кислород, проблеми со срцето и другите витални органи, бојата на ноктите се менува, а тоа може да се види само ако не се налакирани.

На крајот на краиштата, во текот на бременоста, а особено пред породувањето, не ви требаат лакови за нокти, екстензии во коса, ниту вештачки трепки. Сега сте поубави од било кога затоа што зрачите со љубов кон бебето кое го чекате.

Повеќе